Нападот во Москва: Од ИСИС, преку Украина, виа Израел, па сè до ФСБ – сите можни сценарија

Методи Хаџи-Јанев / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Прашањата што ќе мачат извесно време, а и од историска перспектива, приближно ќе бидат за тоа кои всушност се напаѓачите, кој е вистинскиот мотив, кој стои зад нив и слично. Нам едно ни е јасно – заминаа невини животи, кај други ќе бидат всадени трауми што ќе остават сериозни последици, а најверојатно ќе останат занемарени.

Терористичкиот напад во Москва го собра целото светско внимание минатиот викенд. Аналитичарите ќе имаат полна торба работа. Прашањата што ќе ги мачат извесно време, а и во периодот што ќе следува – во историска перспектива, приближно ќе бидат за тоа кои всушност се напаѓачите, кој е вистинскиот мотив, кој стои зад нив и слично. Нам едно ни е јасно, заминаа невини животи, кај други ќе бидат всадени трауми што ќе остават сериозни последици, а најверојатно ќе останат занемарени, но ќе има и такви што допрва ќе се инспирираат, секако, во негативен контекст, оти тоа досега сме го виделе. Дека ефектите каузално се прелеваат сме виделе од практика во минатото, па некои држави со право поитаа да ги свикаат своите совети за национална безбедност и, превентивно или не, да го подигнат безбедносниот систем на максимум. Франција и Србија, на пример, се дел од земјите што нам ни се блиски и, секако, интересни што го сторија тоа. Што сè може да предизвика тоа, дали локални поени или не, треба да видиме.
Едно е јасно, војната во Украина, а по неа и во Газа, како и дел од геополитичките збиднувања, информациската и економската војна со Кина и играта на нерви околу Тајван, збиднувањата во Африка и слично го тргнаа светското внимание и фокусот од ИСИС и од терористичките ќелии. Оние што останаа верни на овој проблем во смисла на истражување забележаа воскреснување на Ал Каеда, судир на ИСИС со Талибанците и, секако, окрупнување на поддршката на Хамас, но и на Хутите, кои имаат донекаде иста, но и различна цел и идеологија, ама и верување. Во тој дух, на пример, нападот на ИСИС во Авганистан само два дена пред нападот во Москва остана незабележан, ама немаше да биде така ако противтерористичката коалиција уште си ја работеше својата работа, оти не ја заврши.

ИСИС е против сите оние што не се со нив

Терористичкиот напад во Москва и спинот што таму се обидуваат да го направат најзаинтересираните страни е поделен на два дела, иако има и уште две опции за што многу помалку се говори. На една страна се западните медиуми што повикувајќи се на дипломатски и безбедносни извори известуваат за напад на ИСИС врз Москва. Наспроти нив е руската приказна, вклучувајќи ги и сите тролови што ја раскажуваат таа приказна. Според нив, ИСИС нема поврзаност со нападот и ова е масло на Украина (читај Запад). Но, се појави една линија во која, по сите анализи, ова е масло на Израел, кој наводно има дебела вмешаност во Исламската држава и кој наводно тоа го прави виа Либија, Сирија и, секако, во изјавите против Хамас. Конечно, има и такво убедување дека ова е масло на Москва и ФСБ.
Во делот што следува, ќе се обидеме да ги разгледаме овие тврдења и да дадеме видување за нив, без да заземаме страна и да извлекуваме некаков став, од причина што со информациите со кои располагаме (сите од отворен извор) е несериозно да заземаме став или да судиме. Прво, ќе ја разгледаме опцијата дека навистина зад нападите во Москва стои ИСИС. Најголемите противници на оваа стојалиште тврдат дека ИСИС нема фокус на Русија и дека поради тоа ова нема шанси да е ИСИС. Сепак, би рекле дека не се во право. ИСИС е против сите оние што не се со нив. Москва дефинитивно не е, по многу нешта. ИСИС има практика да е непријател со А, на пример Израел, ама да е непријател и со Б – Хамас и Иран. Од тоа како гледа на фамилијата, традициите, до конзервативните ставови кои се ригидни во однос на либералниот третман на муслиманите и дозволување на практикување на религијата во најдлабока практика, Москва е таргет на ИСИС. Понатаму, не заборавајте дека Москва во Сирија беше на страната на Ал Асад, а ИСИС беше против него. Понатаму, Москва генерално соработува со Иран, а ИСИС е против сите, па и против Шиите. Нападите врз Ирак и дел од Сирија во подемот на Исламска држава беа против режимите кои, генерално, беа шиитски. Точно е дека Биби Нетанјаху им стави еквиваленција со која сакаше да ја мобилизира јавноста во обидот да го покрие она што го прави врз Палестинците, но приказната не оди така. За ИСИС, непријателот на мојот непријател не е мој пријател! Тоа можеби најдобро е пресликано во зборовите на Гершон Баскин (главен израелски преговарач за заложници со Хамас од 2006 година), дека „терористички акти по методологијата личат на ИСИС, но ИСИС и Хамас се разликуваат во идеологијата“. Хамас има двоен идентитет (националистички за Палестинците) што го разликува од ИСИС (транснационално панисламистичко движење што сака да мобилизира универзална Ума-заедница на муслимански верници, во „исламска држава“ без разлика на нацијата). ИСИС на Хамас гледа буквално како на отпадничка организација поради нејзината поддршка од шиитскиот Иран. Тука завршува таа приказна, а нам ни е битна оти Русија, покрај другото, сака да го покани и Хамас да дојде во Москва. Токму тоа ја роди идејата дека можеби е ова масло на Израел (иако мотивите или капацитетите и ефектите се лабави, ама не се исклучени). Следен аргумент што исто така се става во преден план кога се негира поврзаноста со ИСИС е припадноста на наводните егзекутори. Наводни, оти од снимките што ги видовме, половина од нас да нѐ ставеа во рацете на потенцијалните егзекутори, најверојатно ќе признаеја и дека биле напаѓачи на 11 септември. За да не се сфатиме погрешно, не судиме на мерките што во руската логика имаат и друга димензија, само би рекле дека со тоа Русија лично, како Израел, сака да одврати дејствија, порачувајќи дека нема милост или либерална толеранција за оние кои се напаѓачи врз цивили и системот (пак без да навлегуваме во вистинитоста и во случај на Израел и во случајна Русија).
Во врска со разликите околу приврзаноста, би рекле и дека идеологијата на ИСИС е панисламска, па затоа не е битна нацијата, која е творба спротивна на нивната интерпретација на Куранот. Оттука, дејствувањето со централно планирање – идеологијата против отпадниците-неверниците на локално ниво (било тоа да е Западниот свет или земјите и владите кои имаат режим, а го негираат панисламскиот момент) е легитимно за ИСИС. Инсистирањето на официјалната страна на ИСИС дека нападот е нивен, во стил што е препознатлив за кампањата на ИСИС, е исто така аргумент кој говори дека станува збор за Исламска држава или не ја исклучува поврзаноста. Конечно, можеби дел од егзекуторите се одмаздници. Загинат брат, татко и слично од страна на руските сили е доволен мотив за припадник на ИСИС или за оние што се идентификуваат со нив, а е и генерален мотив кај голем број екстремно радикални насилници што применуваат тероризам и стануваат дел во каузата од одмазднички причини.

 Чие масло е?

Сепак, заради просторот ќе се осврнеме и на другите две опции, односно дека овие напаѓачи не се мотивирани од ИСИС и дека зад нив стои украинско масло. Притоа, во оваа анализа нема да ги земеме предвид толкувањата и информациите на руските власти, бидејќи тоа е нивната пропагандна порака, независно дали е вистинита или не. Стилот на дејствување, облеката, однесувањето, предавањето на властите наместо борење докрај, признанието и слично, говори дека овие момци не се ИСИС. Од снимките може да се види дека станува збор за обучени борци. Движењето, држењето на оружјето, покривањето на мртвите агли, борбениот стрес по начинот на дејствување, не е својствен за борците на ИСИС.

Фотографиите кои кружат во објавата и заканата, исто така, имаат пропусти. Можеби е лабав, ама има своја логика има и аргументот дека речиси на сите фотографии каде ИСИС се заканува, тоа се прави само со десна рака. За овие лица што ја прифатиле каузата не е својствено да се предадат (пак ќе потенцираме ако некој се сомнева дека се тие и само тие егзекуторите, прочитајте го ограничувањето погоре). Обидот да се извлечат кон Украина, може, а и не мора да е некој силен аргумент, но остава простор за сомнеж. Конечно, истрагата што ја сервираат руските власти и според која нападот наводно требало да биде на денот на изборите во Москва, е нешто што повторно ја подгрева можноста нападот да е поврзан со Украина или пак сили кои се идентификуваат со каузата на Украина. Поврзаноста на ИСИС или борци со ИСИС не е табу тема. Ова е нешто што беше евидентно претходно, објавено од западни медиуми, и тоа преку видеа, според кои вооружени лица со обележја кои ја индицираат припадноста на ИСИС се евидентирани како наводно се борат на украинска страна, автентичноста на видеата ја земаме со резерва. Конечно третата најмалку експонирана опција е дека сето ова е израелско масло. Наводниот мотив на Израел е одмазда за поддршката на Русија на Сирија, Хамас и Иран. Имаше видео, во кое се упатуваа закани дека Москва ќе страда и сега тоа, секако, за сите кои се занимаваат со теории на заговор, е причина за да се поврзат и други наводни факти во кои израелски агенти се водачи на одделни групи на ИСИС.
Конечно, пак заради просторот, последната опција која ќе ја разгледаме, иако и тоа не е се, е дека ова е масло на Москва и ФСБ. Логиката на ова се темели на голем број ситни недостатоци кои можеби се техничка грешка или пак се грешка на дел од обезбедувањето или, пак, се лошо пренесени и интерпретирани. Дел од мобилните кули наводно биле нефункционални за време на нападот. Исто така, дел од излезите не функционирале според планот за итна евакуација. ФСБ, кое е само на 4 км оддалеченост, стигнало на местото на настанот дури по 90 минути.

И конечно, дозволиле напаѓачите да се извлечат и да се одвезат близу границата со Украина. Тука секако има и контрааргументи кои ја прават целата оваа теорија малку реална. Логиката во вакви услови и во оваа временска дистанца е тешка за убедување, но она во што сме убедени е дека современите технологии, да не зборуваме за „дипфејк“ технологиите, даваат можност за невидени манипулации и искривување на вистината со една цел генерирање на операции на влијание. Тоа, пак, е битно, бидејќи државите како политички субјекти го загубија монополот во сѐ, па и во пропагандата или, ако сакате, информирање на населението и со тоа градење на поддршка за даден став или одлука. Недржавните актери, било да се прокси на некоја држава или да дејствуваат за своја кауза или цел (профит, на пример, за претпријатијата-корпорациите) имаат огромна можност и капацитет да акумулираат моќ, благодарение на опцијата да влијаат на содржината на информација, да ја изманипулираат и да дезинформираат. Целиот хорор во оваа приказна, сепак, доаѓа од фактот што сето ова може и има за цел да добие геополитичка димензија, која спинот не го води во некаква наивна и локализирана моќ за дејствување или корпоративен профит, туку во онаа најопасната – нуклеарната опција. Е тоа, драги мои, влева страв во коски!

(Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот универзитет во Аризона, САД).

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот