Напад без објавување војна?!

мендо димовски
Мендо Димовски, Фото: Архива

Наместо да се зајадуваме и меѓусебни „војни“ да објавуваме, да собереме храброст за покренување на Фромовата (наша) „нестрплива надеж“ што ја создава внатрешната сила за помирување, обединување, дејствување и напредување.

Веднаш да објаснам зошто отстапив од првата верзија на насловот „Во војна нападот е најдобра одбрана“, иако најмногу ми одговара за она што сакав да го кажувам, па се сепнав од помислата дека заземам нечија страна од завојуваните.

За спомнувањето на војната бев поттикнат и импресиониран од смелоста и храброста за јавно обраќање на претседателката на најголемата пензионерска организација во седмоаприлскиот број на „Слободен печат“, каде што можеби и несвесно отвора „војна“ со „одредени субјекти“ и „други“ на кои, како што вели „им пречи Сојузот, па и самите здруженија кога ноторно е познато дека сите ние и во ова турбулентно време бевме на висина на својата задача?“ Навистина добро звучи исказот, но ако се стави под лупа, ќе се открие дека не е паметно тврдењето некому да му пречи дејствувањето на Сојузот и успесите на здруженијата на пензионерите?!

Сепак, има оправдување за ваквото истапување на лидерката, а може да се согледа во наменското трансформирање и замена на тезите со потсетување на нејзиното поранешното размислување и дејствување. Пред да дојде на кормилото на Сојузот, таа најмногу ја критикуваше претходната раководна постава, каде што имаше поистоветување на лидерот со Сојузот („l’état, c’est moi“ – државата, тоа сум јас), а сега  истото го реинкарнира во себе и „нападот“ го трансформира во напад на Сојузот?!

Според нејзиното пишување, најголем проблем ѝ зададе критиката врз Одборот на (непостојната, а преземена од Сојузот) Регистрирана организација за солидарен фонд и членарина, врз кој ја „фрли вината“ за временото намалување на посмртнината од 30 на 25 илјади денари, како и зголеменото одвојувањето од пензиите за таа намена од 120 на 150 денари. Имаше три предлози за успешно надминување на пројавениот проблем со исплатата на посмртнината без да се чепка во џебот на пензионерите, ама не беа во интерес на личниот интерес на раководството на СЗПМ, па сега лицемерно и гневно со неосновани „хибридни“ напади се брани претседателката и создава немир и чудење кај најголем број пензионери и членови на СЗПМ: „И, замислете оние што најмногу „се грижат“ за работата на Одборот, во јавноста со радост објавија дека трајно е намалена отпремнината (и да не повторувам колку и што е намалено и зголемено), за жал, како што вели таа, „нивната радост траеше кратко…“

Не сакам да должам и да ве оптоварувам со ваквите и слични наводи, но не можам да се воздржам да не ги порекнам овие „радости“ и глупости што ги спомнува?! Зарем, навистина има такви што се радуваат на туѓи несреќи?! Тврдам дека нема!

Додуша, малку „ми олесна на душа“ кога прочитав подолу дека вината главно се лоцира кон Партијата на пензионери, која како што вели претседателката, се меша во работата на Сојузот во чиј Статут „не постои основа за соработка со политичка партија… но се поставува прашањето, од каде интересот претставници на политичка партија на пензионери да ги посетуваат пензионерските здруженија со тврдење дека се залагале здруженијата подобро да работат, наместо да си ја работат својата работа…“

Да се разбереме, јас не ги бранам претставниците на Партијата на пензионери, зашто и тие не се цвеќе за мирисање, ама за претседателката на СЗПМ се вистински трендафили во саксија, зашто токму тие, со тајни разговори, местенки и преговори, ја наместија на чело на Сојузот, чија инаугурација Извршниот одбор на СЗПМ ја славеше со претседателот на Партијата на пензионери?! Попатно сакам да истакнам дека јас ги поддржувам статутарните одредби врз кои треба да работи Сојузот, но не се согласувам со дволичноста и лицемерието на претседателката, која најмалку е повикана тоа јавно да го кажува, бидејќи е во колизија со нејзиното практично однесување.

За малку ќе заборавев јавно да се извинам на некои „аусвајсирани“ и „лиценцирани“ експерти за пензионерско организирање и пензиско и инвалидско осигурување што ги нареков „самобендисани и урнисани“, зашто не ги имав предвид нивните „институционални“ прогласувања за пишување книги и коментирања закони „во полза“ на пензионерите, што требаше помеко да ги спомнам како нивни самонагласувања?!

Но никому не носат среќа ваквите извинувања и оправдувања?! Наместо да се зајадуваме и меѓусебни „војни“ да објавуваме, да собереме храброст за покренување на Фромовата (наша) „нестрплива надеж“ што ја создава внатрешната сила за помирување, обединување, дејствување и напредување. Така, се надевам, ќе тргнеме и по „мироцветните патеки“ што ги постила со своите рози надалеку познатиот наш ликовен уметник Живко Поповски-Цветин и здушно ќе ја пренесуваме неговата „мироцветна штафета“ за ширење љубов, здравје, мир и просперитет на светот.

И, да завршам со поука за нашето размислување за војната, ама со мудрата порака на неповторливиот Ернест Хемингвеј: „Никогаш немој да мислиш дека војната, колку и да ни е потребна, колку и да е оправдана, не е злочин!“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот