НАЈОПАСНИОТ УБИЕЦ ВО АВСТРАЛИЈА ПОВТОРНО ВО БОЛНИЦА: Кој е Иван Милат, човекот што служи седум доживотни затворски казни

Фото: Принтскрин/Daily Mail Australia/Nine News Australia

Најозлогласениот сериски убиец во Австралија, Иван Милат, од затворот е префрлен на одделението за интензивна нега во болницата во Сиднеј. На Милат (74) му е дијагностициран рак и претходно во минатото беше префрлан во болница. Австралиските медиуми додаваат дека пред неговата соба има силно полициско обезбедување.

Портпаролот на затворот претходно рече дека единицата за пренесување на затвореници која придружува луѓе кои претставуваат голем ризик биле ангажирани за транспортот на затвореникот.

– Овие затвореници секогаш ги чува специјално обучен персонал, кој ги контролира сите нивни чекори и интеракции. Најмалку еден облик на задржување (лисици на рацете или нозете) останува кај затвореникот кој претставува голем ризик за време на лечењето и медицинскиот третман – додаде тој.

Пред неколку месеци, Милат првпат беше фотографиран по десет години, откако излегуваше од болницата која ја посети поради лекувањето за рак.

Медиумите пренесуваат дека поради болеста, неговите денови се одбројани, додека продолжува да се води борбата серискиот убиец да ги признае убиствата за кои е осуден.

Иван Милат е одговорен за брутални убиства на седум лица во периодот меѓу 1989 и 1993 година. Се претпоставува дека тој ги избрал конкретните жртви поради тоа што биле на возраст од 20-тина години и бидејќи не живееле во негова близина. Надлежните веруваат дека тој мислел оти никој нема да сфати дека се исчезнати.

Првите негови жртви се пар од Велика Британија. Една од нив е прободена 21 пат во грбот и 14 пати во градите. На другата жртва, десет пати ѝ пукал во главата. Најмладите жртви биле маж и жена од Австралија. Мажот бил прободен осум пати, а жената брутално претепана.

Последните негови жртви биле Германци. Една од нив е пронајдена без глава која полицијата, и покрај деталната истрага, никогаш не ја пронашла.

Иван Милат за овие ладнокрвни убиства добил седум доживотни затворски казни.

Иван Роберт Марко Милат е роден на 27 декември 1944 година во Гилдфорд, Австралија. Тој е дете на емигрант од Хрватска, Стјепан Марко Стеван Милат и Австралијанката Маргарет Елизабет Милат и сѐ уште ги нема признаено убиствата за кои е осуден.

Заедно со брат му Ричард бил дел од банда која делувала и ограбувала луѓе на патот меѓу Сиднеј и Мелбург. Неговиот внук Метју Милер и негов пријател се осудени пред неколку години за убиство на 17-годишен човек со секира.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот