Надлежната собраниска комисија одлучува за одземање на мандатот на Груевски

Членовите на Комисијата за деловничко и мандатно-имунитетни прашања  денеска треба да расправаат за предлогот за одземањето на мандатот на пратеникот Никола Груевски.

Пратениците ќе одлучуваат по предлогот поради неоправдано отсуство на Груевски повеќе од шест месеци, а врз основа на известувањето од претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери, доставено на 15 мај 2019 година.

Седницата за одземање на мандатот на Груевски започна минатата недела, но не заврши поради оставката на пратеникот и претседател на комисијата Павле Богоевски.

Според член 59 од собранискиот Деловник, за пратеникот кој неоправдано отсуствувал од седниците на Собранието повеќе од шест месеци, претседателот на Собранието ја известува Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања. Предлог за одземање на мандатот на пратеник во овој случај, поднесува Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, во рок од 15 дена од денот на добивањето на известувањето од претседателот на Собранието, а по нејзиниот предлог за одземање на мандатот на пратеникот, Собранието води претрес на првата наредна седница.

За одземање на мандатот потребно е предлогот да го поддржат две третини од пратеници или 80 гласа „за”. Пред шест месеци Собранието не успеа да изгласа одземање на мандатот на Груевски на предлог на истата комисија со образложение дека тој е недостоен да ја извршува пратеничката функција поради изречената двегодишна казна затвор за набавка на луксузниот мерцедесот за случајот „Тенк” на СЈО.

Пратеникот и поранешен премиер Груевски лани, во месец ноември избега во Унгарија каде доби статус на политички азилант.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот