Над 300.000 граѓани лани имале животното осигурување, вложиле 37 милиони евра

Трошоци и приходи по семејство. / Фото: Архива на Слободен печат

Минатата година вложувањата во осигурување пораснале за 14 отсто, со најголема инвестиција во животното осигурување – 20,1 милиони евра. Вкупните исплати на осигурителите кон осигурениците бележат раст за 18,5 проценти и изнесуваат 14,5 милиони евра. Согласно податоците од Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО), минатата година животно осигурување во Македонија имале 305.322 лица или 45.000 (17 отсто) повеќе од 2021 година, а вложувањата во ова осигурување надминале 2,27 милијарди денари или 37 милиони евра.

Во вкупното осигурување живот најголемо учество имаат вложувањата во осигурување со штедна компонента. Овој продукт овозможува осигуреникот по истек на договорот за осигурување да ги добие вложените средства зголемени со камата. Уплатите на осигурениците кои го имаат овој тип на осигурување се вложуваат во банкарски депозити во државни обврзници или други безризични финансиски инструменти. Вкупно во 2022 година во овој тип на осигурување граѓаните вложиле 1,236 милијарди денари (20,1 мил.евра), велат од АСО.

Најголем раст е забележан кај продажбата на животно осигурување кое нема штедна компонента.

Со него, како што појаснуваат од Агенцијата, во случај на смрт, за времетраење на договорот, се исплаќа осигурена сума на член на семејството или на друг корисник на осигурувањето. Но доколку не се случи ризикот до истек на договорот за осигурување сите вложени средства ги задржува осигурителната компанија која го превзела ризикот да исплати средства во случај на смрт на осигуреното лице.

Вложувањата во ова осигурување лани достигнале 547 милиони денари (8,9 мил.евра) и тоа е за 56 отсто повеќе од претходната година. Бројот на лица кои го имаат ова осигурување надмина 243.000 што е 22 проценти повеќе во споредба со 2021 година, покажуваат податоците на АСО.

Клучна причина за раст на продажбата за рисико осигурување е тоа што овој продукт се поврзува со банкарски кредити што ги имаат осигурениците. Втора причина е растот на бројот на осигуреници е мерката со која Агенцијата им укажува на друштвата за неживотно осигурување дека не смеат да преземаат во осигурување ризик од смрт поради болест во рамки на понудата на осигурувања од последици на несреќен случај.

Животно осигурување кај нас продаваат пет осигурителни компании. Според Агенцијата тие имаат големо влијание врз одржување на финансиската стабилност на осигурителниот пазар. Вкупната актива на овие компании на крај на минатата година изнесува 11,5 милијарди денари (187 мил.евра) што претставува 38 отсто од вкупната актива на сите 16 осигурителни компании. Во 2022 година тие на осигурениците им исплатиле вкупно 705,2 милиони денари ( 11,5 мил.евра) односно 18,5 отсто повеќе средства од претходната година. Средствата се исплатени заради настаната смрт на осигуреник, доживување или за прекин на договор за осигурување со штедна компонента.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот