На зелените пазари доминира увозен зарзават, доматот 150, пиперките 200 денари

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

По најновата корекција на замрзнатите цени, повторно нема доволно свежа понуда, ниту цените се намалени. За да се надомести разликата меѓу производната и замрзнатата цена, оранжериите ќе добијат надомест преку интервентниот фонд, најави министерот за земјоделство

Минималната корекција на цените на свежиот зеленчук и овошје, не ја зголеми драстично понудата на зелените пазари. Има нешто домати, ама увозни и по цена од 150 денари, иста е состојбата со зелените пиперки, и тие увозни по цена од 200 денари за килограм. Единствено е побогата понудата на краставиците кои чинат 95 денари за килограм, како што ги задолжи Владата. Преовладуваат зелените салати, спанаќот, младиот кромид, ротквичките, а младиот компир чини 80 денари за килограм, што е двојно поскапо од стариот кој чини 40 денари.

Толку ќе треба да платите и за килограм главици млад кромид. Има и јагоди по цена од 120 денари за килограм. Цените на јужното овошје се истакнати според владината одлука, а скромна е понудата и на увозни круши кои чинат 79 денари за килограм. Под рака може да се најде и грав по цена од 200 денари, што ни додалеку не значи почитување на одредената сума од 95 денари. Сумирано, ниту има доволно свежа понуда, ниту во глобала цените се намалени. Ревидираните замрзнати цени ќе важат до крајот на месецот, до кога се очекува да пристигне поголемо количество на домашното оранжериско производство.

-Нема да го давам гравот по 95 денари, ако сум го набавил по 150 денари- дециден е еден продавач на Зелениот пазар.

Што се донесува до набавките пред претстојните празници, се забележува дека тие се фокусирани на јајцата и на тие тезги има најголеми редици. Табла се движи од 270 до 299 денари, а најбарани се белите, за подобро да блесне црвената боја. Продавачите на јајца велат дека потрошувачката е драстично намалена за разлика од претходните години и сите се подготвени да купат не повеќе од една табла.

По консултациите со увозниците на овошје и зеленчук и претставници на Стопанската комора на Македонија, кои ги ималее минатата недела и според податоците дадени од Царинската управа, утврдено е зголемување на увозните цени до 30 отсто, особено за доматите, краставиците и гравот, рече министерот за економија Крешник Бектеши, правдајќи го владиното „ретерирање“ од претходната одлука за замрзнати цени. Според него, новата највисока цена за килограм домати и краставици е 95 денари, кромидот 70 денари, зелената пиперка 100, а гравот 95 денари.

Министерот за земјоделство Љупчо Николовски на средба со оризопроизводителите во Кочанско, рече дека граѓаните не смеат да плаќаат скапи производи поради високите увозни цени, трговците не можат да се богатат на нивен грб и не смее да има мафија.

-Нашите пресметки говорат дека во истиот период минатата година има увоз на околу два милиона килограми домати, краставици и пипер, а со мерките што за годинава ги донесе Владата ќе се заштити стандардот на граѓаните за околу два милиона евра, само за овие неколку земјоделски производи. Подготвени сме преку интервентниот фонд за сите оранжериски производители кои имаат зголемени трошоци, да им се надомести разликата меѓу производната и замрзнатата цена. Во овој период ќе направиме анализи за количините што ќе се произведат во април и ова ќе биде првата интервентна мерка за годинава – истакна министерот Николовски.

Министерот за економија Бектеши, уште еднаш повтори дека продолжуваат дневните контроли на увозните цени кои ќе ги вршат Државниот пазарен инспекторат, Управата за јавни приходи и Управата за финансиска полиција. Доколку има потреба, ќе има нови корекции.

-Ова ќе оди до крај, се до моментот кога ќе се утврди како тоа е направено и да не се дозволи повторно. Сите производи ќе бидат ставени во продажба – се закани Бектеши.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот