„На точак“: Потребни се екстремни вештини за да се вози велосипед во Скопје

Жената била пренесена во Градска општа болница „Св. Наум Охридски" каде ѝ биле констатирани тешки телесни повреди./Фото: Град Скопје

Возењето велосипед во одредени делови на Скопје кои не се поврзани со велосипедски патеки, но и на местата каде што има изградено ваков тип патеки но на нив има поставено контејнери, билборди и слично, може да претставува сериозен проблем, особено за помалку искусните велосипедисти, за децата, но и за повозрасните граѓани. Дополнителен проблем при возењето велосипед се и високите рабници, кои не се приспособени за потребите на велосипедистите и при нивно преминување може да дојде до несакан пад од велосипедот, повторно доколку станува збор за помалку искусен велосипедист, независно на која возрасна група ѝ припаѓа.

Проблемите со кои се соочуваат скопјани што како алтернативен превоз го избрале токму велосипедот се многубројни и покрај фактот што во изминативе години надлежните интензивно работат на изградба на нови велосипедски патеки.

Сличен став околу овие проблеми со кои секојдневно се соочуваат велосипедистите имаат и од граѓанската иницијатива „На точак“, кои велат дека се потребни екстремни вештини за да се вози велосипед во Скопје. Според нив, возењето велосипед воопшто не е безбедно и удобно за лицата со просечни вештини и речиси е невозможно за најмладите, за старите, за лицата со посебни потреби.

Вакви „детали“ ја прават целата разлика. Вакви детали влијаат врз чувството на безбедност и задоволство на граѓаните при користење велосипед и влијаат врз процентуалното учество на велосипедскиот сообраќај во вкупниот. Важно е да се зголемува велосипедската мрежа, но важно е да се прави тоа и по стандарди. Вакви „детали“, за жал, има и на најдобрите патеки низ градот! Минување низ автобуски постојки, остатоци од канделабри, неспуштени рабници на пешачки острови, незаштитени пешачки острови… – велат од граѓанската иницијатива „На точак“.

За комплетно да се промени моменталната состојба на терен, да се зголеми безбедноста на сите учесници во сообраќајот вклучително и на велосипедистите, сè со цел колку што е можно поголем број граѓани велосипедот да го користат како превозно средство за да стигнат на работа или до училиште, од „На точак“ бараат конечно да се направат конкретни промени кои се повеќе од потребни.

Поради вакви ситуации бараме строги политики за правила за урбана опрема (контејнери, тераси од кафеани, билборди), за јавно паркирање, физичка заштита на патеките и квалитетно уредување и озеленување, како и стандардизирање на планирањето и проектирањето на велосипедската инфраструктура (димензиите, решенијата на крстосници, густина на велосипедска мрежа итн.) и пропишување градски процедури, прирачници и детали по примерот на европските градови – бараат велосипедистите.

Според нив, мора да се знае со правила, стандарди, детали и цртежи: како се изведува спуштен рабник, како се решаваат крстосници, каде смее да се постави урбана опрема…

Токму затоа, а во обид да се иницира грижа, но и обезбедување на потребните услови на сите оние што секојдневно или повремено користат велосипед, „На точак“ имаат изготвено предлог-решение насловено „10 чекори до пешачко и велосипедско Скопје 2025“.

Според нив, во изминатите 9 години како граѓанска иницијатива увиделе дека на Скопје му се потребни промени во повеќе области за да стане град со одржлив и безбеден сообраќај, пријателски за пешачење и за возење велосипед.

Промените се започнати, но се одвиваат со пребавно темпо и во недоволен број области, а неретко паралелно на добрите промени на едно место, се случуваат назадувања на друго.Град Скопје и особено општините треба да работат на ослободување на тротоарите од возила, дислоцирање на лошо поставената урбана опрема, а тротоарите и целиот јавен простор да бидат пошироки, поквалитетни, лесно достапни и пристапни за сите. Тоа треба да го направат преку строги политики за јавно паркирање, правила за урбана опрема (контејнери, тераси од кафеани), физичка заштита и квалитетно уредување и озеленување – заклучуваат велосипедистите.

Доколку надлежните ги прифатат нивните предлози, Скопје не само што би станал попријателски и побезбеден град за пешачење и возење велосипед, туку и граѓаните би добиле диверзитет на транспортни опции.

– Помало загадување и бучава, попријатни улици, порелаксирано и поквалитетно живеење со истакнување на добрите страни на градот како место на живеење и минимизирање на лошите. Бучавата, небезбедноста и напнатоста по улиците не мора да бидат одлика на Скопје. Скопје треба да ги истакне придобивките од градскиот живот, социјалните средби, живоста на јавните простори, различните можности, а лошите страни да не ги прифаќа како нужно зло – ги објаснуваат придобивките од подобрување на инфраструктурата потребна за велосипедистите од иницијативата „На точак“.

Оттаму нагласуваат дека нивната визија е Скопје до 2030-та да стане најпријателскиот град за пешаци и велосипеди на Балканот и пошироко, со модално учество на велосипедите од 15 отсто од градскиот сообраќај и со нула жртви во сообраќајот, град кој е зелен и пријатен за живеење, а до 2025-та мора да се постават темелите и интензивно да се работи на такво Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот