На просторот кај Мавровски куќи ќе никне цела населба со згради, а за зградите ќе се прошируваат и улици

За година и пол Општина Карпош по третпат организира јавна презентација и јавна анкета за предлог Деталниот урбанистички план за Градска четврт С3 26, блок 01, односно дел од Влае познат како Мавровски куќи. Анкетата почна вчера и ќе трае една недела, поточно до 6 декември. Заинтересираните граѓани можат да го видат планот секој работен ден во периодот од 7.30 до 15.30 часот во просториите на Општината и во истиот период да поднесат повторно анкетни листови со свои забелешки за предложениот план.

Што и дали воопшто нешто е променето во предложениот ДУП по двете јавни анкети и кои забелешки на граѓаните, запишани во анкетните листови се прифатени, ќе се види на јавната презентација што ќе се одржи в понеделник, на 4 декември во 13 часот.

На оваа локација минатиот викенд се случи пожар, каде гореа стари работилници од поранешното АД „Маврово“, па за граѓаните здружени во групата „Борба за Влае“ сомнително е што тоа се случи непосредно пред да се одржи повторно јавната анкета за овој ДУП, за просторот каде што се планира изградба на повеќе згради од кои седум на 9 ката, поточно приземје – седум ката и поткровје, потоа по една деловна и една станбена на осум ката и четири згради на шест ката.

Всушност, на овој простор треба да се изгради нова станбена населба, а за потребите на станарите на новите згради треба да се пробиваат и прошируваат улици. Тоа треба да се направи со одземање дворови на постојните куќи, за што жестоко се спротивставија сопствениците на двете претходни презентации. Жителите од овој дел на Карпош се противат не само на узурпација на нивните имоти туку сметаат и дека со изградба на зградите ќе се наруши животот на населбата.

Планерите од планерската куќа „Го план“ од Гостивар на последната презентација на жителите им објаснуваа дека мора да се пробијат улиците за да се има пристап до новата населба, но дека на тој простор,  ќе има и јавни содржини, односно градинка. Речено беше и дека постојните улици мора да се прошират, бидејќи според измени на законот минималната ширина на улиците мора да е 5 метри.

Според „Борба за Влае“, слично како во населбата Александрија, што е преку улица од оваа населба, на просторите каде што има магацини и привремени објекти, се планираат згради од 5 до 9 ката.

Најалармантниот дел е целиот ред маркички за згради од приземје плус 7 ката плус поткровје покрај улицата Марк Твен, северно од раскрсницата кај Лепенец, кои се градат како „линиски центар“ кој е дозволен само покрај булевари. Улицата Марк Твен е продолжение на булеварот Илинденска (кој така е нацртан во овој предлог ДУП, преземен од ГУП-от на Град Скопје иако техничките можности за директно поврзување со мост преку Вардар се речиси непостоечки поради бунарите во Долно Нерези (Лепенец), кои се резервни и многу важни за Скопје, а Градот нема најавено нејзино проширување и поврзување). Покрај оваа улица ќе може да се градат овие 7 згради од приземје плус 7 ката плус поткровје, иако продолжението на булеварот Илинденска ниту постои, ниту е предвидено да се гради во следната деценија, а којзнае и дали некогаш ќе се изгради, а сигурно населбата и улица Ацо Шопов немаат капацитет за да го издржат оптоварувањето што би го предизвикале сите овие нови згради – соопштија од „Борба за Влае“ по една од претходните презентации.

Во внатрешноста на населбата се дозволени неколку згради од 4, 5 или 6 ката и поткровје на просторите каде што сега нема куќи, односно има стопански објекти на големо државно земјиште.

 Греота е да се редат наполитанки, да се планираат минимални тротоари, да не се планираат велосипедски патеки, да не се планираат дрвореди. Греота е на постојните куќи да им се одзема од дворот за улицата, а на некои со стопанските објекти да им се додава државно земјиште за да градат зградишта со кои ќе го спречат главниот ветер што доаѓа во Скопје од северозапад. Погледнете ја бетонизираната Александрија без слободни тротоари и без зеленило која беше промовирана како еко-населба! Грешките не смеат да се повторуваат – е ставот на „Борба за Влае“, кои тие го искажаа уште по првата презентација на предложениот ДУП.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот