На митинг никој не бара сертификат за вакцина и ретко кој носи маска

Фото: ЕРА EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Според измените и дополнувањата на мерките на Владата за спречување на ширењето на ковид-19 донесени на 24 август, сертификат за вакциниција или за прележан ковид-19 во последните 45 дена е задолжителен за секаков вид на настан на отворен простор.

Речиси ниту една политичка партија не ги почитува протоколите за заштита од ковид-19 за време на митинзите на кои секојдневно политичарите ја бараат довербата од граѓаните за претстојните локлани избори. На присутните симпатизери и поддржувачи никој не им бара сертификат за примена вакцина, а и голем дел од нив не носат маски.

Според измените и дополнувањата на мерките на Владата за спречување на ширењето на ковид-19 донесени на 24 август, сертификат за вакциниција или за прележан ковид-19 во последните 45 дена е задолжителен за секаков вид на настан на отворен простор.

„Слободен печат“ ги праша политичките партии дали ги почитуваат протоколите на Комисијата за заразни болести и дали ќе се чувствуваат одговорни за евентуалното ширење на вирусот и зголемување на бројот на заразени.

– Протоколите се почитуваат во рамки на возможното. Кога има голем број на присутни, тешко е да се посвети внимание на тоа дали сите носат маски, но морам да потенцирам дека никој не треба во изборите и кампањата да бара виновник за критичната состојба во која се наоѓаме поради пандемијата, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Од СДСМ тврдат дека водат здарвствено безбедна кампања, затоа што сите учесници во организацијата и говорниците на караваните се вакцинирани.

„Во организацијата на изборните каравани на СДСМ и коалицијата функционираат и ковид координатори кои се грижат за почитување на протоколите за заштита од ковид-19. Обезбедени се и средства за хигиена на самиот влез, а местата на седење се со строго почитување на предвиденото растојание“, велат од СДСМ.

Од политичката партија БЕСА ни одговорија дека митинзите ги одржуваат на отворено и дека внимаваат меѓу присутните да има дистанца.

– Кога имаме собир во затворен простор бараме потврда за примена вакцина или за прележан вирус. Кога имаме политички организиран собир на отворено, не можеме да го ограничиме движењето на луѓето, тоа е сепак слободна зона на движење. Инаку, на присутните секогаш им повторуваме да носат маски, а и ние самите сме пример за носење маски, велат од БЕСА.

Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива досега имала два големи митинзи на кои биле присутни редари кои се грижеле за спроведување на протоколите.

– Сертификати за примена вакцина не се бара на нашите митинзи, но задолжително е носењето маска и одржувањето дистанца. За да бидеме сигурни дека присутните ќе ги почитуваат протоколите имаме ангажирано редари, вели Арбен Зекири.

Одговор на прашањето дали за време на митинзите се почитуваат мерките за заштита од ковид-19 не успеавме да добиеме од ДУИ.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот