На Бугарија не ѝ се брза, францускиот предлог ќе излизга низ роковите

Фото: Архива на Слободен печат

Од Владата вчера не соопштија нов став во врска со преговарачката рамка, ниту со билатералниот протокол, кој се очекува да биде дел од рамката, заедно со Акцискиот план, во кој ќе бидат дел од барањата „четири плус еден“.

Македонскиот државен врв одбива да се изјасни за францускиот предлог за тргање на бугарското вето во Брисел, кој беше обелоденет во петокот, сè додека Бугарија не одлучи дали ќе го прифати, а во Бугарија во полн ек е „партиска кавга“ за тоа дали предлогот на Франција е добар или штетен за бугарските интереси. Македонската опозиција експресно го одби предлогот. ВМРО-ДПМНЕ смета дека тој ќе донесе бугаризација на Македонија на рати, а нејзиниот лидер Христијан Мицкоски најави дека нема да дозволи да се смени Уставот за да се исполнат бугарските барања. Левица побара итен прекин на преговорите со Бугарија, како и барање „нова надворешнополитичка алтернатива, ако ЕУ не може да ги прифати македонскиот народ, јазик, држава и култура такви какви што се“.

Резерва за предлогот изрази и партијата од владината коалиција Демократски сојуз, затоа што бугарските барања стануваат дел од преговарачката рамка на ЕУ и нема никакви гаранции дека Бугарија ќе нема нови барања, уцени и блокади.

Францускиот предлог е преговарачката рамка

Францускиот предлог, всушност, е рамката за преговори за зачленувањето на Македонија во ЕУ и предвидува нашата земја да се обврзе да го смени Уставот во брз рок за да ги внесе Бугарите во Преамбулата, да донесе Акциски план за заштита на правата на малцинствата и на заедниците, а за македонскиот јазик, кој во документите на ЕУ се нарекува македонски, се предвидува Македонија и Бугарија да донесат еднострани декларации со кои ќе ги изразат своите ставови.

Ако Бугарија се согласи со предлогот, се очекува преговарачката рамка да биде усвоена на Советот на ЕУ овој четврток и петок во Брисел, по што би се одржала првата меѓувладина конференција, со која симболично би почнале преговорите за членство, а потоа, по промената на нашиот Устав, би се одржала уште една таква конференција на која преговорите и фактички би почнале. Но политичките случувања во Софија и утрешното гласање за недоверба на владата на Кирил Петков во бугарското собрание не оставаат многу простор дека Софија ќе каже „да“.

Бугарското МНР вчера побара од собраниската Комисија за надворешна политика да свика седница и да се изјасни за предлогот на француското претседателство, а исто така да даде мислење и за протоколот за спроведување на билатералниот Договор за добрососедство, за да може потоа и бугарското Собрание да се произнесе за предлозите. Засега е познато што содржи билатералниот протокол, а до затворањето на овој број од весникот не беше свикана седница на собраниската комисија.

– Би било пожелно Комисијата за надворешна политика веднаш да го свика овој состанок за да формулира консолидирана позиција и да се утврдат следните чекори на бугарската дипломатија. Би било оптимално ако Советот на министри веќе го изразеше своето мислење за ова важно прашање. Ако тоа не се случи во најбрз можен рок, МНР има мандат само да се придржува до Рамковниот став, Декларацијата на Собранието од 2019 година и заклучоците од Советот за безбедност од оваа година – велат од бугарското МНР.

Претходно бугарскиот премиер Петков најави нема да донесе никаква одлука за Македонија без таа да биде поддржана од Народното собрание, а претседателот Румен Радев оцени дека францускиот предлог е чекор во правилна насока, но остануваат голем број прашања кои треба да се разјаснат пред да се укине ветото.

Македонија чека да се изјасни Бугарија

Од Владата вчера не соопштија нов став во врска со преговарачката рамка, ниту со билатералниот протокол, кој се очекува да биде дел од рамката, заедно со Акцискиот план, во кој ќе бидат дел од барањата „четири плус еден“. Премиерот Димитар Ковачевски, исто како и министерот Бујар Османи, завчера порача дека францускиот предлог нема да биде предмет на дискусија, затоа што сè уште не е усогласен од сите 26 членки на ЕУ. Тој рече дека МНР има увид во тој предлог и сега се прават анализи и се следи развојот во бугарското собрание.

– Ако таму овој предлог биде усвоен и кога ќе биде усвоен и доставен официјално до РС Македонија, тогаш нормално ќе биде предмет на анализа во детали и споделен со институциите согласно законите – рече Ковачевски.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети изјави дека не е песимист и очекува дека до крајот на месецот ќе се најде решение за спорот со Бугарија.

– Сега овој процес го олеснува францускиот претседател Емануел Макрон. Јас верувам во решение на крајот на јуни, затоа што има значајна ангажираност на нашите пријатели и сојузници за Балканот да биде посигурен, бидејќи доволно е да оставиме отворени теми или да ги одолговлекуваме проблемите за да имаме секакви искри тука – рече Ахмети.

Софиски „Стандард“ вчера објави дека доколку Софија брзо даде позитивен одговор за предлозите на француското претседателство, преговарачката рамка може да биде одобрена уште денеска на седницата на Советот за општи работи на ЕУ во Брисел, а на Самитот за Западен Балкан в четврток наутро, пред седницата на Советот на ЕУ, да бидат одредени датумите за почеток на преговорите. Весникот потсетува дека се очекуваше синоќа постојаните дипломатски претставници на земјите членки на ЕУ (КОРЕПЕР) да се сретнат во Луксембург за да разговараат за т.н. „француски предлог“, при што ставот на Бугарија претходно требаше да го донесе собраниската комисија за надворешни работи.

Радев: Не малцинство во Уставот, бараме рамноправност на македонските Бугари

Навистина напредуваме, промената на Уставот за РС Македонија е веќе прифатено да се случи и треба прво да се смени Уставот, па дури потоа да почнат преговорите со ЕУ, рече вчера бугарскиот претседател Румен Радев.

– Билатералните прашања треба да се отворат на ниво на ЕУ во преговарачката рамка. Ова не е само билатерален спор околу историјата, тоа се прашања што се однесуваат на темелите на ЕУ и по многу состаноци и убедувања, европските партнери конечно сфатија дека пристапот за решавање на овие прашања е во европските рамки. Рамноправност на македонските Бугари заедно со другите народи, а не малцинство, никогаш не сме зборувале за малцинство – вели Радев.

Тој додава дека Владата и Народното собрание треба да решат дали билатералниот протокол со Скопје доволно го брани бугарскиот интерес.

Според него, сегашниот пристап кон прашањето води кон блокирање и неможност да се донесе одлука за Македонија. Според Радев, одлуката треба да ја донесе Владата и Парламентот да ја одобри, а не обратно.

Според него, предлозите на француското претседателство се најдобри и најправедни во моментов.

– Едно е јасно, во моментов нема време да се укине ветото, затоа што овој билатерален протокол мора да го усвои бугарскиот парламент и Собранието на РСМ. А ако нема јасни механизми со мерливи критериуми, тогаш тоа не е решение – додаде Радев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот