МПЦ ќе помага иселениците да се попишат

МПЦ/ Фото: МИА

Проблеми со апликацијата за самопопишување на иселениците сега веќе нема, вели за „Слободен печат“ директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски, откако дел од албанските опозициски партии бараа пописот за дијаспората да се одложи поради нефункционалната апликација.

Симовски ги упатува сите иселеници што имаат дилеми при пополнувањето да го прочитаат изготвеното упатство, бидејќи, како што вели, има грешки што брзо можат да се надминат, кои се должат на неинформираност. Според податоците на Државниот завод за статистика, до саботата на полноќ, над 32 илјади македонски државјани што живеат во странство ја завршиле својата обврска за самопопишување.

Во меѓувреме, дел од медиумите го споделија ставот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија пописот да се одложи, поради епидемиолошката состојба што произлезе од коронавирусот. Директорот Симовски, пак, информира дека Синодот донел ваков став на заседание од минатиот месец, а сега добил уверување дека МПЦ-ОА ќе лобира кај иселениците масовно да се вклучат во процесот на самопопишување.

-Тоа е стара одлука на Синодот, која периодов повторно се актуелизираше. Јас во петокот остварив средба со претставниците на Црквата и верските организации и поглаварот г-дин г-дин Стефан ме увери дека и лично ќе се заложи за што повеќе наши државјани кои живеат во странство да земат учество во пописната операција – изјави Симовски.

Инаку, вчера истече и дополнителниот, втор конкурс за ангажирање на реонски попишувачи. Иако на првиот беа пријавени околу осум илјади лица од неопходните шест илјади попишувачи, кои му се потребни на Државниот завод за статистика, оттаму информираат дека би сакале да располагаат со доволно пријавени лица во секој реон, поради тоа што протоколите налагаат во случај на зараза со коронавирусот, попишувачот веднаш да биде заменет.

– Сепак, не очекуваме да дојде до одложување на пописот поради епидемиолошката состојба. Но, тоа единствено може да го каже Комисијата за заразни болести, а потоа истото да го потврди и Владата. Засега делуваме согласно Законот за попис. Мора да напоменам дека протоколите беа изготувувани за време на пикот од ноември, кога за жал имавме голем број заболени и починати лица. Тоа значи, дека подготвени сме за работа и во полоши услови – вели Симовски.

Во ДЗС, според најавите, се подготвени за непречено одвивање на пописот, иако обуките на попишувачите сè уште не се започнати. Тие се закажани на една недела пред закажаниот старт на попишувањето, а очекувањата се дека ќе нема поголеми проблеми при „совладувањето на материјалот“ на обуката, бидејќи ќе треба да се научи да се користи апликација која е скоро еднакво едноставна како онаа што ја користат иселениците.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот