Мора да се стави крај на свесното изигрување на доверителите

Судии судија судство
Илустрација: судија / Фото: Архива на „Слободен печат“

Иако се знае дека намерното предизвикување на стечај е кривично дело, секогаш ќе има газди што ќе се обидуваат да го изиграат законот, вели поранешниот стечаен судија, Дејан Костовски. Тој потврдува дека се подготвува нов кривичен закон, но не знае дали и како ваквите дела ќе се казнуваат во иднина

Добро е што конечно судовите почнаа да носат пресуди за намерно предизвикување на стечај, вели за „Слободен печат“, поранешниот стечаен судија и правен советник, Дејан Костовски.

Според Костовски, ова кривично дело е уредено со Кривичниот закон, бидејќи должникот не смеел да презема одредени дејствија што ги намерно ги оштетуваат доверителите и вработените. Штипскиот Основен суд завчера пресуди дека управителот на штипската конфекција „Алкон текс“ сторил кривично дело „Намерно предизвикување стечај“, а пресудата дојде две години од протестите на над 30 текстилни работнички и собирање на докази за овој случај.

Судот пресуди условна казна од две години затвор, како и парични глоби. Костовски, кој повеќе од десет години беше стечаен судија, а дваесетина години се занимава со стечајните постапки, вели дека во неговата пракса немало вакви случаи, со ограда дека судиите досега не носеле пресуди против работодавачите, затоа што несовесното работење тешко се докажува.

– Оваа прва пресуда е за поздравување и се надевам дека ќе биде опомена за секој оној што во иднина ќе се дрзне да работи на ваков начин. Иако се знае дека намерното предизвикување на стечај е кривично дело, секогаш ќе има газди кои ќе се обидуваат да го изиграат законот – додава Костовски.

Тој потврдува дека се подготвува нов кривичен закон, но не знае дали и како ваквите дела ќе се казнуваат во иднина.

Поранешниот стечаен судија, кој беше инволвиран и во изготвувањето на новиот Закон за инсолвентност, потврдува дека тој е готов веќе две години и дека наскоро би требало да се најде пред министрите. Од новиот закон се очекува да се воспостави солиден и ефикасен систем на инсолвентност, според европските директиви, а особено да се поттикнат претпријатијата со тешкотии да се обидат да преговараат за привремено ослободување на долговите и да договорат услови за нивно подмирување преку соодветен механизам.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот