МОН: На средбата со родителите малку се посвети внимание на дигитализацијата, тоа што се зборуваше е спротивно на законските решенија

Скопје, 28 април 2021 - Фото: Слободен Печат. / Михаило Донев

Родителите кои се против дигиталните учебници, организирани преку иницијативата „Учебници и настава мора да има“, денеска очекуваат нова средба со МОН на која бараат одговори на нивните барања, но од Министерството велат дека она што тие го побарале е спротивно на усвоените законски решенија. 

– Во текот на минатата недела во МОН се одржа состанок со група родители кои се дел од Иницијативата за бојкот на наставата, на кој малку се посвети внимание на дигитализацијата како првична причина наведена за организирање на бојкот, а повеќе се говореше за исклучување на одредени теми од новата Концепција и наставни програми како родовата еднаквост, недискриминацијата, ненасилството, етика на религиите како предмет, што е спротивно на граѓанските вредности кои треба да се стекнуваат низ образовниот процес, но и спротивно на сите усвоени законски решенија и ратификувани меѓународни конвенции од страна на РСМ – велат од МОН, за „Слободен печат“, додавајќи оти тие ги креираат своите политики консултирајќи се со сите засегнати страни. 

– Сите реформи во образовниот систем Министерството за образование и наука ги креира преку широк процес на дебата во кој се вклучени засегнатите страни, експертската јавност и воопшто сите граѓани и граѓански организации, здруженија кои имаат намера да дадат конструктивни и издржани сугестии за да ги дефинираме најдобрите промени во интерес на учениците. Така е и овој пат, со промените во основното образование, кои ќе се случат на барање на наставниците и на многу генерации на ученици, но и поради потребата која што ја наметнува современиот свет и глобалните образовни трендови со кои Северна Македонија конечно мора да фати чекор и да ги следи – објаснуваат од МОН, нагласувајќи дека и во иднина ќе продолжат да го ценат мислењето на сите граѓани. 

– Остануваме отворена институција за соработка и ќе продолжиме да го слушаме мислењето на сите кои ценат дека можат и треба да дадат придонес во промените – заклучија од МОН. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот