Мобилизација во Русија: Дали Путин ќе заврши како Николај Романов?

Владимир Бошњаковски

Главната причина за воведување „делумна“, а не „целосна“ мобилизација е да се избегне регрутирањето на луѓето во големите урбани центри (Москва и Петербург), кои секогаш биле почетна точка за државни преврати во руската историја, а тие сега „вријат“

Уште од почетокот на војната се зборуваше дека главниот предвесник за пораз на Русија ќе биде воведувањето мобилизација и воена состојба. Овој процес почна и е проследен со досега незапаметена леснотија во однос на заканите со нуклеарно оружје. Ваквите потези на Путин имаат сериозни воени, внатрешнополитички и надворешнополитички импликации.

Прво, од воен аспект треба да се прашаме зошто Русија воведува воена состојба и мобилизација? Ваквиот потег се должи на два факта. Од една страна, Русија се соочува со сериозни жртви и дезертирање во нејзината армија. Резултат на ова е 3-4 пати помалата Украина да има супериорност во бројот на распоредени трупи. Овој диспаритет Русија не може да го неутрализира со професионални војници и со доброволци, па мора да воведе присилни мерки за регрутација на руското население. Од друга страна, Русија се соочува со недостиг на воена опрема и муниција, што не може да ги надомести со редовните производствени капацитети на рускиот воено-индустриски комплекс.

Поради тоа власта посегнува кон воената состојба, што ѝ овозможува да врши пренамена на цивилните индустриски капацитети во воени, како и реквизиција на приватните ресурси.

Ова е своевидно признание на Кремљ дека „спецоперацијата“ што требаше да трае неколку денови е пропадната. Сега се води конвенционална војна помеѓу две горе-долу еднакви сили, со моментна предност на Украина. Овој тренд може и да се промени, но статусот на Русија како светска суперсила е засекогаш изгубен. Пред војната Путин се фалеше дека неговата војска за една недела може да стигне до Ламанш. Со војната се докажа дека Русија не може да стигне ни до Дњепар.

Второ, од внатрешнополитички аспект, треба да се прашаме што значи ова за состојбите внатре во Русија? Мнозинството од руските граѓани не ја разбираат и не ја поддржуваат интервенцијата во Украина. Сепак, досега цената на овој конфликт за руските граѓани беше релативно ниска – губење на поволностите од отворањето кон светот, благ пад на стандардот и губење одредени слободи и права. Отсега натаму семејствата во сè поголем број ќе треба да ги жртвуваат своите синови и татковци, како и да ги губат платите од работниците што се принудени да бидат војници. Додатно, ќе страда приватниот сектор, кој ќе загуби многу работоспособен кадар, додека државата врши реквизиција на приватните ресурси. Последно, сè погласните критичари ќе се „замолчуваат“ со сè побрутална репресија и поапсурдна пропаганда – ова дополнително ќе ја поткопува моралната позиција и поддршка за власта.

Во 20 век се случија два внатрешни колапси на руската држава, токму поради внатреполитички последици од воени конфликти. Сегашните околности во Русија повеќе заличуваат на предвечерјето на Октомвриската револуција, која доведе до насилното уривање на царскиот режим и убиство на царското семејство. Имено, главната причина за воведување „делумна“, а не „целосна“ мобилизација е да се избегне регрутирањето на луѓето во големите урбани центри (Москва и Петербург), кои секогаш биле почетна точка за државни преврати во руската историја, а тие сега „вријат“. Путин оди по „работ на ножот“ и со еден погрешен потег ќе заврши како Николај Втори Романов!

Трето, од надворешнополитички аспект, Русија многу скапо ќе ја плати леснотијата со која ја злоупотребува својата „нуклеарна позиција“. Путин се закани дека е подготвен да употреби нуклеарно оружје за да го зачуваат интегритетот на „својата“ територија. Тоа што е важно да се разбере е дека по овој викенд, во таа територија ќе влезат и сепаратистичките региони во Источна Украина – тогаш ќе се одржи референдум врз чија основа Русија ќе ги анектира тие територии. Следствено, ако Украина се обиде да ги врати овие региони под своја контрола, Русија тоа ќе го смета за инвазија што оправдува нуклеарен армагедон.

Последна држава што била во оваа состојба е нацистичка Германија, која до ден-денес не може целосно да се ослободи од оставината од минатиот век. Но, фактот дека ова се случува во време кога концептот на освојувачки војни е тотално напуштен и забранет со консензус на меѓународната заедница, прави Русија да има статус на држава отпадник, нешто како Авганистан во времето на првиот талибански режим. Поради ова, цената што Русија ќе треба да ја плати за да се реинтегрира во меѓународната заедница ќе биде голема – огромни репарации, ограничување на вооружувањето и потенцијално откажување од нуклеарното оружје. Единствена олеснителна околност е што нејзиното население очигледно не се сложува со постапките на режимот на Путин. Колку порано тоа се крене во отворено востание, толку помала ќе биде цената што идните руски поколенија ќе треба да ја плаќаат за грешките на Путин.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот