Мирза Делибашиќ, кошаркарски романтичар кој почина од болеста наречена тага, војна, Југославија (ВИДЕО)

Мирза Делибашиќ/twitter/Diario Marca

Поранешната СФР Југославија ги даде едни од најдобрите кошаркари во Европа во 20. век и иако е тешко да се избере „најдобриот“ во потесниот круг секогаш мора да има место за волшебникот со топката, Мирза Делибашиќ.

Мајстор, џентлмен, принц, пријател, господин, вонсериски талент, легенда, виртуоз, копаркарски романтичар се само дел од епитетите кои ги користеа луѓето за Делибашиќ, кошаркарот кој го измисли популарниот ролинг.

Популарниот „Кинѓе“ е еден од ретките кошаркари во Европа кои успеаја да освојат се што можеше да се освои, олимписко, светско и европско злато и титула на клупски европски првак со Босна но на крајот последните денови од животот ги помина во кафеана, а алкохолот го чинеше и живот.


Мирза Делибашиќ е роден во Тузла 1954 година, а прва спортска љубов му беше тенисот и беше пионерски шампион на БиХ. Делибашиќ се откажа од тенисот кога пред заминување на турнир во тогашната Чехословачка беше избришан од списокот на патници по што се заколна дека до крајот на животот никогаш повеќе нема да стапне на тенискиот терен и на клубот му ги врати сите рекети кои ги доби како награда.

Кошаркарската кариера ја започна 1968 година во Слобода Тузла и веднаш беше препознаен неговиот голем талент. Заедно со уште една кошаркарска легенда, Драган Кичановиќ ја предводеше кадетската репрезентација на Југославија до титулата на ЕП во Грција, а една година подоцна, во 1972 година тие станаа и светски кадетски шампиони.

Мирза веднаш го привлече вниманието на најдобрите екипи, Партизан сакаше да формира пеколно трио со Кичановиќ и Дражен Далипагиќ но овој трансфер беше спречен од Кошаркарскиот сојуз на Југославија.

– Мирза, Праја Далипагиќ и Кичановиќ сакаа заедно да играат во Партизан, а клубот бараше да ги регистрира. Тогашниот Кошаркарски сојуз го одби тоа со напомена дека ќе беа премногу силни. Им кажав на Партизан, може да ги земете Кичановиќ и Праја, а Босна нека го земе Делибашиќ. Тој потег Партизан никогаш не ми го прости – изјави во 2018 година, Бора Станковиќ, тогашниот генерален секретар на КСЈ и долгогодишен генерален секретар и на ФИБА.

Со екипата на Босна, Мирза два пати стана шампион на Југославија, освои еден Куп, а во 1979 година во Гренобл стана и европски шампион откако во финалето го совлада италијанскиот Мерсер со 96:93, а тој постигна 30 поени.

Една година подоцна Делибашиќ добива понуда која не се одбива и во 1980 година се сели во Реал Мадрид. Токму таа година е најдобра во кариерата на Мирза, освои златен медал на Олимиските игри во Москва, а следната сезона со Реал триумфира во првенството и во Светскиот куп, а играше и во финалето на Купот на куп победниците.

„Тоа беше мојата златна година, топката не сакаше да оди никаде освен во кошот“, зборуваше Делибашиќ за таа сезона.

Но, со фантастичната сезона на паркетите започнаа и проблемите во приватниот живот.

Сопругата го напушти, а тој на бракот му стави крај како што играше и кошарка, брзо и прецизно. На празна кутија од цигари остави порака пред нејзиниот стан во Белград.

„1. Спогодбено се разведуваме.
2. Ќе ве издржувам и тебе и Дарио“, по што си замина во Мадрид.

Откако се разведе, на паркетите го немаше стадио Мирза, по што почнаа и проблемите со алкохолот кој беше причина за негово заминување од Реал.
По Реал се пресели во Италија во Индесит од Казерта но проблемите не го одминаа. Во 1983 година доживеа мозочен удар и заврши на Војно медицинската академија (ВМА) во Белград.

По ова стави крај на кошаркарската кариера и започна нова борба, за сопствениот живот. Тој не можеше да зборува ниту да се движи, но и тоа не го попречи да пие. Чашката вино пред спиење се претвори во шише, по што повторно заврши на ВМА. Беше клинички мртов но за чудо успеа да се врати меѓу живите.


И покрај сите проблеми во приватниот живот, Мирза Делибашиќ не беше заборавен, во 1991 година од страна на ФИБА беше прогласен за еден од најдобрите европски кошаркари во историјата.

Тој повторно се ожени со поранешната кошаркарка Славица Шука и го доби синот Данко, додека на терените се врати како селектор на Бих но по расправијата со челниците на Федерацијата си даде отказ.

Последните денови од животот го помина во кафеана, а алкохолот го чинеше живот.

„Мирза, мислиш дека од алкохолот лесно се умира?. Не, пријателу, тоа е тешка смрт. Доколку си јунак и доколку ја сакаш смртта, тогаш скокни во Миљацка (река во Сараево – н.з.) и заврши ја приказната“, му зборуваше неговиот голем пријател, легендарниот тренер, Богдан Тањевиќ кој открива какви беа последните денови од животот на славниот кошаркар.

„Кога последен пат го видов, пет месеци пред смртта, тоа не беше Мирза Делибашиќ. Беше ситен, и едвај можевте да го приметите во големиот кревет. Беше очаен, полумртов, но и понатаму пушеше како Турчин. Умре од болеста која се вика тага, се вика војна, се вика Југославија“.


Мирза Делибашиќ почина во 2011 година во Сараево на 47-годишна возраст.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот