Министерот Елис им се извини на Британците поради владина прослава за време на локдаунот

Мајкл Елис, Борис Џонсон/ Фото Колаж на СП/ ЕПА

Британскиот министер Мајкл Елис се извини денеска по медиумските извештаи за одржување забави во канцеларијата на премиерот Борис Џонсон во Даунинг стрит за време на заклучувањето на земјата поради пандемијата на коронавирус, јави Скај.

– Повторно, силно се извинувам за гневот што го предизвикаа овие наводи, истакна Елис во Парламентот, одговарајќи на барањето на опозициските лабуристи Џонсон да се изјасни околу медиумските извештаи.

Запрашан зошто Џонсон не одговара на пратеничките прашања, владиниот портпарол објасни дека „не е невообичаено” министри да одговараат во Парламентот.

Елис, главниот благајник, рече дека истрагата која е во тек ги вклучува сите што биле во градината на Даунинг стрит во мај 2020 година, така што не би било соодветно да се даваат дополнителни коментари додека трае истрагата.

Владините прослави за време на „локдаунот” предизвикаа гнев кај британската јавност

Лабуристичкиот министер во сенка за климатски промени Ед Милибанд изјави за Би-Би-Си дека ова е досега најсериозното обвинување против премиерот Џонсон.

– Премиерот не може да бега, ниту да се сокрие. Тој треба да даде одговори. Кога јас одам на забава, знам дека сум бил на забава, додаде поранешниот лидер на лабуристите.

Џонсон се соочи вчера со нови откритија, по објавувањето на е-пошта во која се зборува за уште една прослава, во мај 2020 година.

По обвинувањата за организирање божиќна веселба на која присуствувале и членови на Владата и за која била спроведена внатрешна истрага, деновиве се појавија обвинувања во врска со прославата на 20 мај 2020 година, на која премиерот бил со сопругата Кери.

Според ИТВ Њуз, главниот личен секретар на Борис Џонсон, Мартин Рејнолдс им испратил тој ден е-пошта на стотици луѓе, барајќи од нив „да го искористат убавото време” по „неверојатно тешкиот период” и да дојдат на коктел „со одржување дистанца” во градината на Даунинг стрит.

„Придружете ни се во 18 часот и донесете пијалок со вас”, стои на крајот од пораката.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот