Милошоски за „Слободен печат“: Проширувањето на ЕУ стана буџетско-политичка трговија

Антонио Милошоски/ Фото: Архива на Слободен печат

Одлуките на вчерашниот самит во Брисел покажаа дека проширувањето на ЕУ од политика на заслуги се трансформирала во буџетско-политичка трговија, вели пратеникот и поранешен министер за надворешни работи, Антонио Милошоски за „Слободен печат“.

Според него, Европската комисија пред неколку дена ги одмрзна блокираните 11 милијарди евра за официјална Будимпешта, а за возврат унгарскиот премиер ја напушти седницата и овозможи без вето да се донесе одлуката за почеток на преговорите на ЕУ со Украина.

– Со цела почит кон Украина и Молдавија, но оваа одлука за почеток на преговорите за членство повеќе личи на геополитички подарок, отколку на заслужен чекор врз основа на постигнати реформски стандарди или унапредени добрососедски односи. Со ваквата одлука се потценуваат децениските напори на сите земји од Западниот Балкан, на кои ветувањата за европска перспектива дадени уште на Солунскиот самит 2003 година денес со право им изгледаат како излитени фрази. Дополнително, со ваквите одлуки се потврди дека доколку повлијателните членки на ЕУ сакаат да донесат офлука за почеток на преговорите со земји како Македонија или Албанија, тоа можат да го решат во рок од 8 часа, без разлика дали внатрешниот формален кочничар се вика Бугарија или Грција. Но, таква политичка волја очигледно нема, ни изјави Милошоски.

Тој додава дека примерот на 12-годишните преговори кои ги водат Црна Гора и Србија, а не се стигнати до никаде, најдобро покажува дека со нашиот регион дел од членките на ЕУ сакаат поцврсти врски, заеднички проекти, интеграција до одреден степен, но не и полноправно членство.

Притоа го повторува партискиот став за уставните измени.

-Треба да бидеме претпазливи кон барањата за уставни промени и да имаме јасен државен став, реформи да, уцени не. Бидејќи на крајот ваквата ЕУ политика на тргување со процесот на проширување може да заврши со трауматични концесии, а без полноправно членство, вели Милошоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот