Милошоски го обвини Венко Филипче дека бил главен виновник за скандалот на Онкологија

Венко Филипче на анкетна комисија за случувањата во онкологија / Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Документите коишто сведоците за скандалот Онкологија во изминатите недели ги доставија до членовите на Анкетната комисија, денес се најдоа пред пратениците на разгледување. Пратениците сметаа дека има дополнителни информации за работата на Клиниката од 2023 година коишто треба да се разгледаат, па работата на комисијата продолжи за дополнителни 30 дена.

Пратеникот Антонио Милошоски смета дека примарната политичка одговорност ја има ексминистерот за здравство Венко Филипче затоа што според него, не постапил според Законот за здравствена заштита според кој министерот за здравство врши надзор врз здравствените установи. Според Милошоски, имало спротивставени сведочења на Анкетната комисија зашто Филипче во излагањето на 17 октомври рекол дека не бил запознаен за тоа дека не постоеле протоколи, а ексдиректорот на Онкологија, доктор Нино Васев кажа дека праќал извештаи до кабинетот на министерот.

-Од овие сведочења констатирам дека не се говори вистината од страна на Венко Филипче дека не бил запознаен со состојбата на Онкологија, односно бил запознаен, ама не сакал да го каже тоа, рече Милошоски.

Пратеникот Ненад Коциќ оцени дека работата на анкетната комисија е политизирана, а заклучокот на Милошоски е субјективен. Тој предложи да се разгледаат собраните документи и заеднички да се донесат заклучоци.

-Не сме суд ни обвинителство, треба да разгледуваме документи, а не парафразирани изјави да бидат основа за носење заклучоци, рече Коциќ.

Наредните 30 дена ќе се анализираат собраните документи и стенограми од исказите кои изминатиот месец беа давани пред пратениците на Анкетната комисија.

Пратеникот Арбен Зекири рече дека е бесмислено да се анализира кој што рекол на сослушувањето.

-Вака ќе се деградира работата на комисијата и целта за која е формирана. Слушнавме сведоци и треба да излеземе со заклучоци, а не да испитуваме кој што кажал и дали ја говорел вистината, рече Зекири.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот