Милка беше и наша

Атанас Костовски, Фото: Архива

Беше вистински професионалец, другар и колега, сакаше да помогне, зашто знаеше дека ние четворица коментатори на македонски јазик треба да ја покриеме истата олимписка програма што ја коментираа 16 колеги од српско-хрватското јазично подрачје!

Можеби ова четиво е за повозрасните, за оние што повеќе години преживеале во федералната, отколку во самостојната ни држава. Па, сепак, и на помладите им го препорачувам да го прочитаат.

Да, деновиве во Загреб, во Хрватска, сите што ја почитуваа во поранешната држава, жалеа за изгубената последна битка на легендарната атлетичарка и новинарка Милка Бабовиќ. Родена во Скопје пред 93 години, по татко Црногорка, а по мајка сремска Германка, учеше во Сараево, Рума и во Белград, а на 20-годишна возраст Загреб ѝ ги понуди сите можности за наобразба, за целосна афирмација и за потврда на нејзините вредности. Како атлетичарка 17 пати беше првак на Југославија, двапати беше прогласувана за спортистка на годината во Југославија, двапати беше шампионка на Балканот, двапати беше и светска студентска првенка на 80 метри со пречки. Студираше технологија, заврши педагошка насока за спорт и физичко образование со хрватски и со германски јазик. Зборуваше и англиски, француски, руски… Од 1957 година „спортуваше“ на брановите и на фреквенцијата на Радио Телевизија Загреб, потоа ХРТВ. Се разбира, сè до пензионирањето, таа не го промени новинарскиот дрес, остана запаметена како прва (веројатно и единствена) уредничка во Евровизија во новинарска средина во која доминираат мажите – спортската редакција!

Ме „купи“ уште на првата средба при мојата посета на ТВ Загреб во ноември 1964 година, еден месец пред официјалниот почеток со работа на ТВ Скопје (14 декември 1964 година). Како е во Скопје, тоа е мој роден град, додуша нема своја песна како Битола! – ми се обрати. Со малку зборови, кажа многу. Запаметив засекогаш – на телевизијата сликата зборува, говорот само може да ја дополни или дообјасни и тоа со вистинит и проверен податок. Само со вистина!

Многу години подоцна, на Олимписките игри во Минхен во 1972 година, ми беше вистинска учителка за преносите по атлетика. Иако, како што шеговито велеше дека е повозрасна за два и пол олимписки циклуса, рече дека таа ќе се грижи за стартните листи, дека тие секогаш ќе бидат на коментаторското место. Беше вистински професионалец, другар и колега, сакаше да помогне, зашто знаеше дека ние четворица коментатори на македонски јазик треба да ја покриеме истата олимписка програма што ја коментираа 16 колеги од српско-хрватското јазично подрачје! Таа нејзина помош ја почувствувавме заедно со прерано починатиот колега Иван Мировски, подоцна и нашиот атлетски коментатор Зоран Михајлов ја имаше таа мала, но драгоцената помош – секогаш да ги имаш стартните листи на своето коментаторско место!

Од патувањата во странство, нејзиниот багаж секогаш беше меѓу најтешките! Покрај богатата документација што ја носеше со себе, при секое патување ќе купеше по неколку килограми драгоцена литература. Беше тоа време кога само преку весниците и книгите можеше да се стигне до вистината, до проверениот податок, кој потоа требаше да се пренесе до читателот, слушателот или до гледачот.

Да, денеска со еден клик на Гугл ќе најдете сè за Људмила Белоусова и за Олег Протопопов, за Ирина Родњина и Александар Зајцев или за советските спортски двојки во уметничко лизгање кои во седумдесеттите ги празнеа улиците за да се гледа нивното мајсторство, но и за да се чуе и гласот на Милка Бабовиќ. Совршенството стигна во Сараево на југословенските зимски олимписки игри во 1984 година. Балетската музика на Морис Равел, неговото оркестарско „Болеро“ компонирано во 1928 година, беше инспирација за англиската двојка Џејн Торвил и Кристофер Дин со својата вонземска изведба на мразот во „Зетра“ да ги добијат сите максимални оценки! Музиката, изведбата, коментарот на Милка – тоа беше врвот на дотогаш најдобро организираните Зимски олимписки игри во историјата на олимпизмот! Преносите од уметничкото лизгање, особено по појавата на телевизијата во боја, се гледаа, но со коментарот на Милка Бабовиќ најмногу се слушаа!

Милка секогаш им помагаше на помладите, беше строга и правична. Сакаше да учи, денес да знае нешто повеќе од вчера. Во пензионерските денови сакаше да ги користи и придобивките на новото време. Не се пресели во дом за возрасни, зашто не го прифаќаа нејзиниот единствен услов – во домот да ја преселат и нејзината библиотека од повеќе од 2.000 книги. Според кажувањето на нејзиниот ученик, а денешен уредник на спортската програма на ХРТВ, Јуре Омазец, старата машина за пишување ја заменила со компјутер. Тајните на новата тастатура ѝ ги откривало едно момче од соседството. Иако со ослабен вид, била внимателна ученичка, а за секој изминат час Милка сакала да ја награди неговата работа со по 50 куни. Момчето никогаш не ја примило наградата, а кога еден ден решило да се отсели во Данска, Милка му ги подарила сите куни што ги собирала по секој одржан час!

За неа некој рече – беше енциклопедија што чекори! Благодарение на Милка дознавме – за иа тулуп, луц, ритбергер, аксел…, а во новинарството за долготрајност и дека постои една единствена формула – секогаш само вистината!

Беше вистинско богатство да се познава, другарува и да се соработува со Милка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот