Мицевски до Џафери: Не ја сфативте пораката на интерпелацијата, бегате од директни одговори

Никола Мицевски интерпелација за Талат Џафери во собрание/ фото: Слободен Печат - Драган Митрески

Морам да забележам дека беспрекорно се применува процедурата и ако вака се применуваше можеше да се избегне интерпелацијата, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНе Никола Мицевски на седницата за интерпелација на претседателот на Собранието Талат Џафери. Џафери на почетокот на седницата им забележа на опозиционерите дека во последен момент го смениле говорникот кој ќе ја образложи интерпелацијата, односно наместо тоа да го направи првопотпишаниот на барањето, пратеникот Антонијо Милошоски, се јавил за збор координаторот Мицевски.

Џафери потенцира дека неосновани се обвинувањата дека ги криел во фиока интерпелациите за министрите и рече дека не бега од соочување за што доказ е денешната седница за интерпелација за неговата работа.

Мицевски му забележа на Џафери дека во одговорот на интерпелацијата може да се забележи дека најмногу се говори за неговата посветеност во работата на Собранието.

-Претседателот не ја сффатил пораката на интерпелацијата и бега од директни одговори на забелешките за неговата работа што ни дава за право дека власта навистина одлепила од реалниот свет. Вели дека без основа ги девалвираме неговите постигнувања, но вистината е дека во изминативе пет години Собранието е претворено во машина за гласање на предлозите од Владата. Интерпелацијата ја поднесовме ние, пратениците, а не партиското седиште. Ирелевантно е кој е прв потпишан, сите веруваат дека го кршите Деловникот- рече Мицевски.

Тој посочи дека не е точно оти вратите на пленарната сала ги заклучил за да се пребројат пратениците, туку дека Џафери сака се да контролира.

Кодексот за работење на пратениците, го погазивте -рече Мицевски и го стутка Кодексот на говорницата.

-Тука ја затворивте приказната за кодексот, за меѓусебното однесување и соработка меѓу пратениците. Сето тоа го фрливте во вода, тука заврши оваа приказна.

Секогаш кога сте фатени во офсајд се навраќате на датуми. Бегате од директни одговори. Кога се повикувате на добра соработка со координаторите не сфаќате дека дијалогот е двонасочна улица, а вие го направивте слепа улица и тука се разидовме. Многу пати тоа што е договорено на координации не сте го почитувале ни неколку часа по договоротрече Мицевски.

Тој му забележа на Џафери дека не ги ставал на дневен ред интерпелациите за министрите освен за Никола Димитров и дека сега според настаните што следеле јасно било зошто Димитров го пуштиле низ вода. Според Мицевски, Законот за службеници не му дава право да се однесува како што се однесуваал кога со вулгарности ги навредил.

Не се извинивте на службениците, туку повторно ги обвинивте – рече Мицевски.

За извештајот на Државниот завод за ревизија Мицевски рече колку и да има направено добри работи, а тие не се спорни, со спречуввањето да дискутира опозицијата,со злоупотребата на европското знаменце, со скратените постапки Џафери направил голема злоупотреба на Деловникот. Мицевски го заврши образложението на интерпелацијата со повик пратениците да му изгласаат недоверба, односно смена на Џафери.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот