Меур од незнаење и простотилак

мирослав грчев
Мирослав Грчев. / Фото: Приватна архива

Колкав ли е бројот на дарвинските опортунисти во библиската земја? Нивниот број се зголемува и намалува со брановите на сезонските вируси (и е во таинствена директна врска со периодите на власт на ВМРО). Овој хомосапиенс потекнува директно од македонскиот бел стаорец итроман – решил да престојува некоја деценија во своите подземни простории, во безбеден земјен меур што кај македонскиот сапиенс еволуираше во ментален меур.

Гледам пред некој ден на вести како случајно сопрени граѓани – наши луѓе – со цврсто убедување и сосем лежерно изјавуваат дека такво нешто како пандемија на ковид-19 е чиста ујдурма, лажга со опашка и… дека вирусот и опасноста по живот се измислени, па тој ти е! Одамна веќе не полудувам кога ќе ги видам овие Вечни Македонци, од кои фактите на материјалната стварност се одбиваат како пинг-понг топчиња од стакло, кои опстојуваат низ историските премрежиња најмногу благодарејќи и на оваа ретка дарба да создаваат околу себе меур од незнаење, незаинтересираност и простотилак.

Во кој потоа се движат низ секоја меќава, лесно и без да ја допрат поројната вода, и без капка да им ги ороси челата врели. Овој пат случајните шампиони на биолошкиот опортунизам ми предизвикаа само насмевка, можеби малку резигнирана, како снегулка краткотрајна, со поглед што веднаш се дефокусира од мислата зад него, загледана во безмерната темна длабочина на човечката глупост.
Колкав ли е бројот на овие дарвински опортунисти во библиската земја? Тоа никогаш не успеавме да го сознаеме, зашто нивниот број се зголемува и намалува во различни сезони, безмалку исто како што се брановите на сезонските вируси (и, патем, е во таинствена но директна врска со периодите на власт на ВМРО).

Она што сигурно го знаеме е дека овој хомосапиенс потекнува директно од македонскиот бел стаорец итроман, што пред 65 милиони години – кога умираа џиновските рептили – решил да престојува некоја деценија во своите подземни простории, во безбеден земјен меур што кај македонскиот сапиенс со текот на времето еволуираше во ментален меур. Една сосем специјална дарба, талент за неразбирање, кој обично го нарекуваме глупост. Но, се шегувам: глупоста никако не е ексклузивна дарба на македонскиот сапиенс, туку на целото човештво.

Разликата во судбините на различни нации, всушност не зависи од процентуалното учество на глупаци во вкупното население на една земја – зашто глупоста е рамномерно распределена по светот – туку од владејачката идеолошка селективна матрица што ги просејува политичките и други елити кои раководат со државите.

Зелки на рамената

И, така, спомнатите граѓани што ведро шетаат зелки на рамената, можат во околности на глобална зараза да станат активни штеточини и индивидуално да придонесат на ширењето на заразата, но штетите од нивната глупост се, сепак, ограничени само на нивната телесност. Во нормални времиња, тие претставуваат една сосем бенигна појава, нормална состојка на секоја хумана почва.

Меѓутоа, доколку селективното сито ги исфрли на раководни функции, значи, доколку овие ментални таленти за глупоштија станат претседатели на влади и држави, е тогаш ѓаволот ја однел шегата, и глупоста прераснува и се мултиплицира во вистинска национална несреќа. Тогаш државните апарати почнуваат да не се снаоѓаат во нови околности, реагираат споро, и прават глупости чиишто последици во време на пандемија се мерат со десетици и стотици илјади непотребно изгубени животи.

Но префрлувањето на вината на грбот на еден човек, па нека е тоа и претседателот на Империјата, сепак води во обратна насока од длабоката вистина. А, таа е дека лидерите на „слободниот свет“ веќе 40 години ги приватизираат, демонтираат, сосекуваат и умртвуваат сите елементи од системот на моќната капиталистичка „држава на благосостојбата“ што во децениите по Втората светска војна практично беше форма на капиталистички социјализам или држава на социјалната грижа.

Меѓутоа, во периодот што следеше, во ерата на таканаречениот неолиберализам – од 1980 до денес – се потсечени сите корења на социјалната грижа и сите системски институти на државата за сервис и за благосостојба на нивните граѓани. Здравствениот систем, високото образование, социјалната грижа, општите добра, сѐ беше подредено на еден единствен критериум за опстанок: профитабилност и непрекинат раст на профитот на сметка на редуцирањето на јавните трошоци.

„Организирано“ жртвувани

Можеби најужасното од грозните вести што доаѓаат овие денови од најбогатите земји во светот, е вистинскиот масакр на нивните стари што биле сместени во старечки домови. Бидејќи најбогатите земји грижата за старите ја препуштија на приватниот сектор, критериумот на профитабилност ги сведе домовите за стари на цедилници на пари, во кои на 50 стари доаѓа по едно лице за нега, а за медицинска нега не може да стане ниту збор. И, така во денешната пандемија, наместо да ги сочуваат најранливите, тие – спакувани во старечките домови и збиени на купче – се заразени од надвор и групно жртвувани на капиталистичкиот Молох.

Поради тоа, повеќе западни земји воопшто не ги бројат умрените во старечки домови како жртви од ковид-19, туку само умрените во болници што биле третирани како болни од оваа болест и пред смртта. Но, ужасната вистина излегува несопирливо на виделина: бројот на дедовци и баби што загинаа во домовите за стари во некои од најбогатите земји достигнува повеќе од 30 отсто од сите жртви. Ќе повторам за да не ме сфатите погрешно: не се работи за учеството на постарите во вкупната бројка на умрени, туку за бројката на „организирано“ жртвувани само во домовите за стари луѓе.

Тоа што ние ја избегнавме трагедијата што се случува во најбогатите земји се должи на две и не толку случајни среќи. Првата е што во нашиот здравствен и општествен систем, по инерција уште функционираат остатоци – хемичарите велат: во траги – од феноменалниот југословенски државен и општествен систем. Се работи за бедни остатоци, макар бледи дамари во свеста на луѓето, и покрај 30 години транзиција во која инструкторите од најмоќните демократии нѐ учеа како да го приватизираме и уништиме – или уништиме и приватизираме – системското, институционалното и културното наследство од социјализмот.

Елем, како успеавме да сочуваме, макар во траги, нешто од моќното социјалистичко наследство? Многу едноставно: затоа што бевме спори и лоши ученици и создадовме околу себе меур од незнаење, незаинтересираност и простотилак, кој нѐ спасува од екстремите на непредвидливите историски меќави.

А, која е втората среќа? Неа сите ја знаете: по вселенски случај пандемијата налета во време кога најголемата концентрација на тупаци, игноранти, билмези и простаци се сконцентрирани во белата куќа на фашизмот, штаб-квартирата на македонската опозиција. Поради недостаток на чистата глупост, внимателно селектирана и изолирана во вемерето, во органите на нашата власт здравиот разум превладуваше за целово време од меќавата. Се чека возвратниот удар на македонскиот бел стаорец – итроман.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот