Мажи кои групно силувале бремена жена се пуштени од затвор во Индија, граѓаните гневни

Фото: EPA/EFE / илустрација

Единаесет луѓе, етнички Индуси, осудени на доживотен затвор поради групно силување бремена муслиманка за време на хинду–муслиманските немири во 2002 година, се пуштени на слобода. Ваквиот потег предизвика гнев во јавноста и осуда од страна на сопругот на жртвата, неговиот адвокат, како и од редица политичари.

Мажите се осудени во почетокот на 2008 година, а од затворот во Панчмахал се пуштени во понеделникот, кога во Индија се прославуваше 75 години од крајот на британското владеење.

За време на конфликтот во Гуџарат, еден од најлошите вериски немири во Индија, загинаа над 1.000 лица, повеќето муслимани. На чело на државата тогаш беше сегашниот индиски премиер Нарендра Моди.

Официјално лице од Панчмахал за медиуми тврди дека советодавниот одбор на окружниот затвор препорачал напаѓачите да се пуштат на слобода, поради нивното добро однесување.

Според индиските закони, осуденици имаат право да бараат помилување по поминати 14 години во затвор.

– Факт е дека тие поминаа речиси 15 години в затвор и оти имаа право на можност за помилување, изјави Сухал Јаџантибај Мајатра, пренесе Си-ен-ен.

На видеа споделени на социјалните мрежи, се гледа како пред затворот, непознато машко лице им дава благо на ослободените напаѓачи, откако во знак на почит, им ги допре стапалата.

Опозициски политичари и адвокати соопштија дека овој потег е во спротивност со владината политика на зголемување на нивото на заштита на жените во земја позната по големиот број силувања.

– Помилувањето осудени за грозоморно злосторство како групно силување и убиство е морално и етички несоодветно. Каква порака сакаме да испратиме со тоа?, праша адвокатот Ананд Јагник.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот