Маскирани

Сега (засега) маски носат само туристите, но има и видливи „масконосци“ од домородното население, загрижени од коронавирусот кој дојде и во овие краишта. Главниот вирусоносец, бизнисмен, успеа да зарази деветмина, боледуваше, се излекува, го пуштија од болница и во вистински џентлменски стил им се извини на заразените.

Не морав ни да прашам, зашто во аптеката ме пречека знак (стигнале и да го пластифицираат, да го ламинираат) кој вели: „Не прашувајте за хируршки маски, немаме. И нема да добиеме, зашто никогаш не сме ни имале“. Но потоа, изгледа внимателно, зашто не се знае во која насока ќе тргнат работите, додадено е: „Кога ќе имаме, ќе бидете известени, на ваков, ист начин“. Не многу оптимистично.

Јас станав, некако, со сплет на околности, самонаречен експерт за маски. Благодарение на… хм, благодарение не е баш соодветен израз… поради големата загаденост во мојата прва (и главна) татковина во која одам често, во сите годишни времиња и временски услови. И во време кога е убаво времето, и во време кога воздухот има и мирис и вкус, и кога се гледа што се дише, за што еднаш протестирав во живо и правев видеоприлог. И го студирав интернетот и се советував, главно со Тери, велосипедист што крстосува низ Лондон, вози и дише. И купува маски. Па како тој, така и јас. Соодветни. И од домашно производство, во аптека во Скопје и од странско производство, на интернет. И кашлав, нормално. Ова кашлањето, имаше врска со енормната загаденост, која десетици пати го надминуваше (и сè уште го надминува) дозволениот минимум, зашто Скопје е лидер, не само во регионот, не во Европа, ами во светски размери. И од дружењето со колешки во истото тоа Скопје, кои никако да се откажат од цигарите, а јас пак, верна, не се откажувам од дружењето со нив.

Мултипрактични

Сега откривам дека маските од Скопје можам да ги користам и во Лондон. Да, и во Лондон е загадено, макар што Лондон нема шанси со Скопје. Освен централниот дел. Тука се слични, по загаденоста, но сепак Скопје, кога е во форма, е ненадминливо! Досега, најчесто маски носеа кинеските туристи. Беа познати по тоа. И дека шетаа главно низ најзагадениот дел, шопинг улицата Оксфорд купувајќи како да ќе нема утре. А и да не се заразат од вирусите донесени во Лондон од целиот свет, зашто во секој момент во метрополата има барем два милиони туристи, плус што би рекле од домашно производство, од „родени и негувани“ лондончани, кои запнале, па дишат, кашлаат, киваат и други слични работи кои нема да ги спомнуваме тука. Сега (засега) маски носат само туристите, но има и видливи „масконосци“ од домородното население, загрижени од коронавирусот кој дојде и во овие краишта. Главниот вирусоносец, бизнисмен, успеа да зарази деветмина, боледуваше, се излечи, го пуштија од болница и во вистински џентлменски стил им се извини на заразените. Во стил, пак, на истражувачко новинарство, излегов да се прошетам низ централен Лондон и низ Чајнатаун и да видам што има, што нема.

„Таа маската што ја носиш (носите), нема ништо да ти (ви) помогне против коронавирусот“, ми дофрли еден минувач. Со оглед дека на англиски ти и вие е исто, од вас зависи како ќе сакате да го разберете дофрлањето. Јас го разбрав „на ти“, со критика, зашто и лекарите велат маска си е маска, но вирус си е вирус. Важно било да се мијат рацете со сапун и топла вода, да не ви киваат во лице оти очите се непокриени, и – многу важно – да нема ракување и гушкање и бацување. Излеговме од ЕУ, нема веќе европски гушкања и бацувања по двапати, трипати, а некои запнале и по четири пати .Јас сум гушкачка, па ќе внимавам. А со оглед на тоа какви се Англичаните, миењето раце би требало да заврши работа.

Вештачка интелигенција

И сега, само што почна справувањето со новонастанатата ситуација со брегзитот, или што би рекле во Министерството за надворешни работи, по наредба на Владата и по наредба на премиерот Борис Џонсон, со „настанот што се случи на 31 јануари 2020 година“, кога, ете ти – вирус. Кинески турист ни за лек, откри мојата истражувачка мисија низ централен Лондон. Рака на срце, имаше Кинези, ама тие беа од домашно производство и не се шеткаа премногу по улиците, главно во Чајнатаун, зашто од почетокот на епидемијата во Кина со заразата станаа изложени на, ајде да кажеме, разни дофрлања. И не како она моето, „што ќе ти е маска“, туку навредливи, расистички, насилнички. Засега, никој не е натепан, најверојатно силеџиите се плашат да не се заразат ако ги допрат лондонските Кинези, ама можно е некој петок, сабота навечер, кога алкохолот е на највисоко ниво, а интелигенцијата под секое ниво, да се случи нешто лошо.

Кинези нема и нема да има ни на Лондонската модна недела, па макар и делеле маски и течности за дезинфекција и потсетници да нема гушкање и ракување. Кинескиот пазар е мошне лукративен за Обединетото Кралство. Поранешната премиерка Тереза Меј однесе делегација од 50 бизнисмени, британските компании потпишаа трговски преддоговори и договори во вредност од 12 милијарди фунти, и тоа е само почеток. И на Борис Кина му е еден од приоритетите. Оти ете, добар е примерот со приватната компанија „Медипад“ со 79 вработени, која креира апликации за далечинско следење пациенти и напредна аналитика и која потпиша 15 трговски договори со кинески фирми во вредност од 100 милиони фунти. Ама лесно им е нив, сега комуницираат со Кинезите по интернет, на Скајп…

Инспирирани, модните креатори тука решија да ги заинтересираат кинеските купувачи со тоа што ќе им организираат модни ревии на интернет. Така велат во Лондонската модна комора. Интернет-ревии во големи сали, пренесени на големи платна. Ревии тука. Тие ќе гледаат таму. Со музика, со диџеи, со фешти, со светла и лајт-шоу, со манекени, манекенки, со сите салтанати, велат и мириси ќе ширеле да ја доловат атмосферата. Без кашлање, кивање, ракување, гушкање и без маски, ве молам.

Тоа ли е иднината? Во Лондон е откриен првиот случај на заразена со коронавирус. Велат дека јавниот превоз, особено метрото, е плодна почва за ширење на заразата. Како тргнало, да не се случи да седиме дома и да гледаме модни ревии (и вести) и да чекаме да помине епидемијата? Ама страв ми е да не се уседиме некако. Да тркнам јас до Скопје? Маска имам. И од домашно производство, и од интернет. Со гушкањето само не знам што ќе се прави.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот