Марко Маринковиќ-Слаткар за флиперите, марихуаната, пелтечењето и музиката: Во времето на татко ми било незамисливо да има рапер кој пцуе и така чесно заработува пари, сега има повеќе опции

После долго време и ниту едно интервју, Марко прифати да проговори за нешта за кои претходно не зборувал. Татковската улога заедно со пандемијата, го оттргнаа од работните ангажмани, иако, како што вели, не престанал да пишува и во првиот момент, кога ќе заврши корона лудилото, ќе влезе во студио да снима. Сепак, многу повеќе менува пелени, отколку што компонира. Бидејќи неговиот моментален живот и сите случувања се околу синчето Моша, така и го започнавме разговорот.

Фото: Приватна архива

– Во татковската улога генерално се снаоѓам многу добро, знаев дека ќе биде така, но не знаев дека до волку добро ќе ми оди. Не можам да го чувам колку што го чува мајка му, ама можам да ѝ помогнам максимално што можам за да не полуди. Јас сметам дека влегувам во „супер татковци“, бидејќи го чувам 30 % од времето, а Сања вика дека воопшто не го чувам. Жена ко жена, не знам која би била задоволна? Треба да се претвориш во жена, за жената да биде задоволна, во негов стил објаснува Слаткар.

Фото: Приватна архива

Многу деца, многу паркови, дружење, училиште со 12 паралелки од по 35 деца, се нешта кои Слаткар ги врзува за своето детство, за кое вели дека било среќно и исполнето. Еден таков период кој го поврзува со најсреќните моменти се флиперите. Но, декадата на 90-тите, кога Слаткар бил дете, како што ја нарекува, била хероинска декада. Оттука раскажува за неговиот најтрауматичен момент:

– Ние ги гледавме 5-6 години постарите од нас како се дрогираат. Најтрауматичен момент беше кога најдовме починат наркоман на скали во влез. Живееме сите ние со таа траума, долго време не можевме мирно да спиеме бидејќи бевме многу мали. Не можам да кажам дека тоа нè поремети, туку, од оваа гледна точка нè освести дека патот кој го одбрале тие млади во тој период, бил тотално погрешен. Дома не сум имал стресни моменти, целиот стрес и школата за реалноста, ја имав на улица. И не само јас, туку сите ние кои растевме во тој период и во тоа маало – Ново Лисиче…

Фото: Приватна архива

Таткото – неговиот суперхерој

Разговорот го продолжуваме на тема: суперхерои. Освен Бетмен, личиот суперхерој на Слаткар е неговиот татко, човекот кој успеал да се издигне од пепелта како феникс, дете од дом кое завршило медицина. Вели дека немал емоции поврзани со фактот што татко му бил домско дете, бидејќи не го доживеал самиот лично. Тој секогаш му зборувал како одредени негови карактеристики ги добил во периодот кога растел сам „без рамо за плачење и совет“.

Фото: Приватна архива

– Татко ми беше многу цврст и ладен човек, што го објаснува моментот дека немал топлина од родител, но секогаш со нас бил добар родител и се трудел да ни го даде на нас она кое нему никогаш никој не му го дал. Веројатно тој комплекс го имаме сите ние, го бараме она што сме го немале и сакаме тоа да му го дадеме на нашето дете, што од друга страна е супер, затоа што нè прави да бидеме подобри и како луѓе и како родители, раскажува сосема искрено Марко.

Што се однесува до биолошките баба и дедо, Слаткар раскажува дека, и да сака, баба му не може да ја најде, бидејќи таа починала многу кратко откако се родил неговиот татко, што е и всушност причината за тој да биде оставен во дом. Подоцна, после некои 35 години, го пронашол својот татко, се сретнале во Белград, но немало никакви емоции, таткото на Слаткар се чувствувал како да среќава било кој друг човек. Никогаш не зборувал за таа тема, за роднините од Србија велел дека за него се непознати и дека комшијата му е поблизок од нив, на некој начин покажувал одбивност кон сè што е поврзано со тој дел од неговиот живот, раскажува Слаткар и продолжува:

– Мојот татко немал желба да се поврзе со нив, нема што да имам јас. За мене, мојата лоза не почнува со нив, туку со мојот татко.

Фото: Приватна архива

Сепак, Марко во „Полетам“ на татка си, за кој зборува за личност кон која има најголема почит, му се обраќа со следниве стихови: „поштен ко пошта, така не се станува човек“. Еве го неговиот коментар:

– Тоа е повеќе фигуративно кажано. Прво и основно, поштата не е „поштена“, само имаат исти први букви. Тоа беше израз кој го користеше многу често татко ми: тој е поштен ко пошта, веројатно мислејќи на луѓето кои напротив, не се чесни. „Така не се станува човек“ го кажувам со цел да го објаснам тој период во кој заработувале само со „муљ“. Не дека денеска сите се чесни, но за разлика од тоа време, сега имаме чесни прилики за да направиме пари. Во времето на татко ми било незамисливо да има рапер кој што пцуе и на тој начин чесно заработува пари. Ние навистина имаме многу повеќе опции. Благодарен сум што сум се родил во вакво време каде што сите ние можеме да го најдеме нашето место под сонцето, без разлика какво школо сме завршиле. Особено машките, тие лутаат до 22, 23 години, кога веќе имаат завршено и факултет, додека жените се пронаоѓаат околу 19 години, така што не може човек да знае што е за него најдобро на 14 години, со чест на исклучоци.

Пелтечењето надминато низ музиката

Фото: Приватна архива

Во овој разговор (бидејќи го водевме на зум), забележав дека неговото пелтечење е минимизирано, а Слаткар вели дека веќе и воопшто не го забележува, односно не му обрнува внимание. Поради сите шпекулации во врска со овој негов „проблем“, Слаткар се согласи да им ставиме крај на истите:

– Роден сум во време на Југославија, крај на осумдесетите. Во тоа време, се терало некоја шема на растење спартански деца и не било дозволено, после 3 годишна возраст на детето, мајката да лежи со него во болница. Јас тоа сум го поднел многу тешко, веќе сум бил прозборен, но кога сум излегол од болница, сум бил „малтене“ трауматизирано „спартанско“ дете (н.з се смее). Како дете, пелтечењето ми беше многу голем проблем, после тоа, да ти кажам искрено, ми помогна многу, бидејќи ме одвои од другите и сум „црна овца во белото стадо“. Сигурен сум дека луѓето со овој проблем, пробале секави вежби, но јас главно работев на мојата самодоверба.

Фото: Приватна архива

Слаткар вели дека на децата со ваков проблем им е потребен успех, дека не се свесни колку се посебни и дека тие се многу емотивни (со негови зборови: пукаат од емоции), но тешко можат да ги изразат. Тој го нашол начинот за изразување на емоциите – пишувањето и компонирањето, и како што вели, неговиот однос со музиката не е некаква љубов, туку класична потреба да биде жив, па затоа ќе се занимава со музика до крајот на животот. Инаку, не препорачува некакви си вежби со тапкање на прстите на секој збор, туку работење на самодовербата. Тој тоа го сфатил како клучно, кога се запишал на ПМФ и на едно од предавањата влегол високо почитуван професор кој пелтечел, но предавал без никаков проблем, во смисла на срам, трема и така натаму, и додава:

– Со текот на времето, растеш,  учиш, дознаваш дека многу пејачи и глумци имаат таков проблем, на пример Брус Вилис, Бред Пит, од нашите простори Џибони…

Фото: Приватна архива

Марихуаната наместо лекови и хемии

Ставот на Слаткар околу марихуаната и потребата за легализација на оваа лесна дрога, е добро познат, но мене ме интересираше дали и колку истата му помага или му одмага кога е пелтечењето во прашање. Еве што ми одговори:

– Почнав со консумирање на марихуана ниту многу млад, ниту многу стар, после школските години. Генерално, откако почнав со употреба, проблемот почна да се намалува, иако не можам да тврдам дека само поради тоа се намалил. Иако, според мене, секој еден кој не сака да умре од срцев удар, секој кој не сака да пие антидепресиви, а ги има многу, треба да консумира марихуана. Мислам дека наредната генерација таа трева ќе ја користи многу паметно и ќе помогне на многу луѓе. Под паметно користење мислам да се користи наместо лекови и хемии. Порано фармацевската индустрија за марихуаната имаше став дека е дрога, а кога таа станува легална и се користи како лек? Кога истите тие компании ја земаат и ја пуштаат во продажба, за кое јас немам ништо против… штом поддржуваат канабис, тие компании, ги подржувам и јас. Алал да им е, ни помогнаа да дојдеме до „иљачот“ што е пет пари. Единствениот проблем кој е откриен кај оваа супстанца е тоа што те тера да јадеш многу и се дебелееш. За други несакани ефекти, ниту сум слушнал, ниту сум искусил во овие 20 години, колку што трае мојата „дувачка“ кариера.

Фото: Приватна архива

Разговорот со Слаткар го продолживме на темите за благодарност, помош, поддршка и должност. Како што самиот вели, се обидел да се раздолжи на секој еден кој му помогнал, а смета дека постојат многу луѓе кои не се благодарни кога ќе им помогнеш, бидејќи дадената помош ја сметаат како нешто што им следува. Вели дека единствено им е должен на родителите кои успеале да го израснат во едно нормално и здраво и дете, а благодарен е на сите блиски кои што му го прават животот поубав отколку што е.

Музичката кариера и татковството

Фото: Приватна архива

За Марко Маринковиќ-Слаткар, најголем личен и професионален успех е тоа што го работи тоа што го сака, и како што вели:

– На светот не постои поголем успех да го работиш за пари она кое би го работел и за џабе. Иако, јас сум многу млад и е многу рано да зборувам за успех, не се чувствувам како нешто посебно успешен човек. Кога ќе имам внуци ќе можам да кажам дали и колку сум бил успешен, бидејќи многу е важно и каква околина ќе му обезбедиш на своето дете, каков татко си, каков сопруг си, брат, син, пријател, артист и така натаму.

Фото: Приватна архива

На тема вера, Слаткар верува, бидејќи, како што вели, тоа е последното нешто кое умира кај човекот – верата. Самиот тој верува во постоењето на виша сила која навистина може да ни помогне, и додава:

– Јас верувам во мојот Бог, син ми по мајчинска линија е Евреин, така што можеби тој ќе верува во некој друг Бог. Тој е од мешан брак, од христијанско и еврејско семејство и не би сакал јас да му кажувам што е, ние ги славиме празниците од двете религии. Важно е човек да верува и јас ја почитувам сечија религија, сечија традиција. Различните вери и традиции не се нешто кое треба да нè дели нас луѓето, напротив, тоа треба да нè сплотува. Иако човек не се прашува: со кого спие, за кого гласа и на кој Бог се моли, ама ти веќе ме праша (н.з се смее). Јас вистински верувам во таа виша сила. Мојот став е дека не треба да се бара Бог за сè и сешто, немој да го „замараш човекот“, навистина ако ти е потребен, тогаш обрати му се, а не: „Ај да не заврне ако Бог даде“, човекот има многу обврски, обрати му се кога навистина си безпомошен. И најважното, мораш сам да си помогнеш ако сакаш и Бог да ти помогне. Лото нема да ти падне ако не уплатиш ливче, завршува Слаткар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот