Маричиќ: Оптимист сум дека Кацарска ќе биде изгласана од пратениците за нов уставен судија

Бојан Маричиќ / Фото: Фејсбук

Министерот за правда Бојан Маричиќ е оптимист дека Собранието ќе ја избере Добрила Кацарска за судија на Уставниот суд, бидејќи предлогот помина со мнозински гласови во Комисијата за избори и именувања.

– Со оглед на тоа дека предлогот судијката Добрила Кацарска да биде судија на Уставниот суд помина со мнозински гласови во Комисијата за избори и именувања, јас можам да кажам дека сум оптимист дека би требало да биде изгласана и во Собранието затоа што обично одлуката во Комисијата за избор и именувања е некој индикатор за тоа какво е расположението во Собранието, рече министерот Маричиќ одговарајќи на новинарско прашање.

Тој рече дека не треба да се заборави дека Кацарска е предлог на Судскиот совет од редот на судиите и тоа има една посебна тежина.

– Мислам дека тоа треба и Собранието да го процени, да го оцени и да го цени и верувам дека ќе биде така, рече Маричиќ.

Во однос на герила акциите на собраниската седница, Маричиќ рече дека пратениците на опозицијата протестираа во Собранието заради тоа што Добрила Кацарска била судија во случаите од „27 април” каде што е извршен напад во Собранието и каде што имаше крвопролевање врз пратениците, вклучувајќи и еден голем дел од денешната Влада со цел да се спречи изборот на претседател на Собранието и заради тоа што постапувала во други случаи каде што бил осуден доскорешниот почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

-Ако е тоа поимот за правда за ВМРО-ДПМНЕ за што протестираат често и пред Министерството за правда и на различни локации тогаш нека ценат граѓаните која е нивната визија за правда и правна држава. Значи, го доживувам тоа како личен напад за одбрана на нивните потенцијални и веќе утврдени злодела, нешто што е веќе битка повеќе години и верувам дека, тоа беше битка и со Законот за ЈО кога со сите сили се обидуваа да го спречат неговото донесување, но сите тие битки досега ги загубија. Верувам дека ќе биде и тоа така, нема никаква основа во тоа што тие го промовираат. И тоа што тие го промовираа вчера во Собранието за жал беше спротивно на владеењето на правото и на правната држава. истакна министерот за правда.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот