Маричиќ: Евростат потврди дека пописот ќе биде по меѓународни стандарди

Подготовките за спроведување на пописот се одвиваат одлично и следната недела ќе почне попишување на одредени категории на граѓани како припадници на АРМ, лица во воспитно-поправните домови, нашите дипломати, нивните семејства во странство и бездомните лица. Донесен е, исто така, и здравствениот протокол за изведување на пописот, најави денеска министерот за правда, Бојан Маричиќ.

Тој додаде дека во услови кога опозицијата собира потписи за да го оспори Законот за попис, од страна на Евростат добиена е официјална потврда дека методологијата и Законот и начинот на кој се планира и ќе се спроведе пописот се во согласност со сите стандарди што се практикуваат во современиот свет.

– Законот за попис и методологијата неодамна беа споделени со Евростат. Тие во повеќето аспекти се широко поврзани со релевантните стандарди дефинирани во статистичкото законодавство на Европската Унија, иако законодавството на ЕУ сè уште не е обврзувачко за Северна Македонија како земја кандидат, ја цитираше Маричиќ Маргарида Карвало од канцеларијата за односи со јавноста на Евростат.

Ова, додаде министерот за правда, ги руши сите критики на опозицијата за наводно лош и неевропски закон, дилеми дали имало потреба да се стави на европско знаме на законот или немало потреба, за методологијата и за се друго.

– Затоа испраќаме порака да се обединиме, да ја оставиме дневната политика настрана и заедно да го направиме пописот. По ваквиот став на Евростат се исполнети сите предуслови и ВМРО-ДПМНЕ и сите партии да го поддржат пописот, наместо да ја опструираат оваа статистичка операција која е од клучно значење за државата и за граѓаните. Лично мислам дека тоа треба да го направат сите политички партии. Ги повикувам да се охрабрат и да го направат тоа, рече министерот за правда додавајќи дека целото општество треба да се мобилизира за успешно спроведување на оваа операција, порача Маричиќ.

Тој информираше дека досега се пријавени 3.722 лица за попишувачи, а оти се потребни 6.000 за успешно спроведување на оваа статистичка операција. Како што потенцира, уверени се дека ќе се постигне потребната бројка и оти пописот успешно ќе се спроведе.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот