МАНУ: Ред ламентирања за минатото, ред песимизам за иднината

Бранко Црвенковски, поранешен претседател на РС Македонија / Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

Најголемиот наш национален проект, создавањето независна држава, е завршен. Држава направивме и неа нема да ја изгубиме. Но не е неважно во каква држава ќе живееме, односно дали во таква држава ќе сакаат да живеат и нашите деца – рече претседателот Стево Пендаровски.

Договорот со Бугарија не само што не затвори ниту едно прашање, туку напротив ја отвори Пандорината кутија и создаде основа за цела серија барања од страна на Бугарија, кои до таa мера задираат во нашиот национален идентитет и историја, што компромис едноставно не е можен, истакна во својот говор поранешниот претседател на државата Бранко Црвенковски, на научниот собир „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941-1991 / 1991-2021 година“, организиран од Македонската академија на науките и уметностите по повод 30 години независност.

– Веднаш по стекнување на независноста, во Македонија се постигнува широк општествен консензус дека нашата иднина е во НАТО и ЕУ. За жал, и покрај исполнетите услови уште пред 13 години поради спорот со Грција ниту станавме членка на НАТО ниту ги отпочнавме преговорите со ЕУ. Ни беше најавено, па дури и гарантирано, дека Преспанскиот договор е клучот што ќе ги отвори двете врати, за жал испадна дека не е така – истакна Црвенковски.

Станавме членка на НАТО, додаде тој, но поради позициите на Бугарија, не може да ги отпочнеме преговорите со Европската Унија.

– Во никој случај јас не би ставал знак на еднаквост помеѓу Преспанскиот договор со Грција и Договорот со Бугарија од најмалку една причина. Преспанскиот договор со Грција, кој јас не го сметам за добар, уште помалку идеален, туку за избор на помалото зло, сепак затвори едно тешко отворено прашање. Договорот за Бугарија не само што не затвори ниту едно прашање, туку напротив, ја отвори Пандорината кутија и создаде основа за цела серија барања од страна на Бугарија, кој до таа мера задираат во нашиот национален идентитет и историја, што компромис едноставно не е можен – подвлече Црвенковски.

Поранешниот претседател Ѓорге Иванов на своето виртуелно обраќање преку платформата „Зум“ потенцираше дека со Охридскиот договор, покрај сите предупредувања, македонскиот народ од националитет се сведе на етницитет.

– Оттогаш сè веќе беше подготвено, за тоа што денес ни се случува. Како претседател често посочував и предупредував на она што сега ни се случува. Предупредив дека цената на ваквото решавање на македонското прашање е правно и историско поништување на македонскиот народ, бидејќи без македонски народ, идентитет и јазик, нема ниту македонско прашање –  изјави Иванов.

Пандорината кутија, рече Иванов, е отворена и сега речиси секој си зема за право да го негира она што е наше стекнато право.

– Постојат прашања за кои не се преговара, стекнати права за кои не се разговара, црвени линии преку кои не се преминува. Предупредував дека со Договорот од Преспа се става крај на Република Македонија каква што ја знаеме и затоа, ниту учествував ниту потпишав таков договор – изјави Иванов.

Според него, со Договорот со Бугарија власта во Македонија сака да реши едно прашање, кое ќе ја задоволи само бугарската страна.

– Она што Македонија го добива за возврат е само понижување, преку одрекување и отуѓување од сопствената историја, без која немаме компас за иднината – оценува Иванов.

Актуелниот претседател на државата Стево Пендаровски истакна дека големите прашања од раните 90-ти години, кога ја стекнувавме независноста, денес не се на дневен ред.

– Најголемиот наш национален проект, создавањето на независна држава, е завршен. Членството во сите битни меѓународни организации, меѓу кои и во Северноатлантската алијанса, како круна на повеќедецениските напори да обезбедиме безбедност за нашиот национален интегритет, е постигнато. Држава направивме и неа нема да ја изгубиме. Но не е неважно во каква држава ќе живееме, односно дали во таква држава ќе сакаат да живеат и нашите деца. Ако сакаме и по триесет години да кажеме дека имаме држава со сите нишани, треба да најдеме решение на актуелните проблеми, само на таков начин ќе опстанеме во новиот свет кој се раѓа пред нашите очи – рече Пендаровски.

Претседателот на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) Љупчо Коцарев во неговиот говор оцени дека денешните политичари се слуги на дневнополитичките и геостратешки интереси, а не на државотворните интереси што денес заеднички ги славиме.

– Радоста, гордоста и спокојот произлегуваат од мојата увереност, дури и сигурност дека македонската држава, идентитет, јазик, наука и уметност ќе опстојат на овие простори во вековите што следат – изјави Коцарев.

На собирот за првиот претседател на тогашна Република Македонија Киро Глигоров говореше Живко Кондев, шеф на неговиот кабинет во два мандата и по завршувањето на функцијата сè до смртта на Глигоров на 1 јануари во 2012 година. Тој потсети на зборовите на Глигоров дека без оглед колку е мала, сиромашна, оспорувана, напаѓана, татковината ни е една и единствена.

– Ние друга татковина немаме, и не само ние туку и илјадниците македонски граѓани раселени по светот, затоа мораме да ја чуваме, да ја градиме и да се бориме за неа – ги цитираше Кондов зборовите на Глигоров.

Владо Поповски, кој беше советник во Кабинетот на претседателот Борис Трајковски, порача дека претседателот Трајковски е првиот што сите граѓани и политички партии го признаа за свој претседател, на сите граѓани без разлика на етничката припадност.

– Претседателот Трајковски е и единствен засега кој стана близок соговорник на сите регионални политичари и лидери. Тој стана еден од учесниците и прогресивци на многу регионални движења. Мирољубиво и во општа полза. Не беше лимитиран од оградите на блоковскиот пристап – рече Поповски.

По смртта на Трајковски, потсети тој, сите искажаа мислење дека стана збор за голем државник од Македонија, заслужен за постигнувањето на Охридскиот договор. Според Поповски, овој договор не е бинационален, не е многунационален, туку е модерен европски Устав, типичен за мешаните општества со решенија што постојат во 20-ина земји во Европа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот