МАЛМЕД ги одобри и бајатите вакцини на „Фајзер“, во 2022 ќе се набават нови 500.000 дози

Вакцинален пункт Борис Трајковски - Фото: Слободен Печат. / Драган Митрески

Рокот на вакцините на „Фајзер“ е продолжен од шест на девет месеци. Тоа значи дека вакцините чиј рок истекуваше во декември 2021 година, ќе можат да се употребуваат до март 2022 година. Оваа одлука доаѓа откако Европската агенција за лекови (ЕМА) го продолжи рокот на употреба на вакцините на „Фајзер“ од шест на девет месеци, по што примерот го следеше и македонската Агенција за лекови и медицински помагала (МАЛМЕД).

Зеленото светло од МАЛМЕД следува откако претходно рокот го продолжи и пристигнала документација до македонските регулаторни тела од производителот „Фајзер“.

– Во соработка со Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД, носителот на одобрението Pfizer SRB d.o.o.  сака да ве информира дека е одобрен нов рок на употреба за вакцината Comirnaty. Новиот рок на употреба е одобрен и од Европската агенција за лекови (ЕМА). Комисијата за безбедност и огласување при МАЛМЕД, на седница го одобри Писмото за здравствени работници за продолжување на рокот на употреба на вакцината Comirnaty. Истото е дистрибуирано до здравствените работници на вакциналинте тимови, информираат од МАЛМЕД.

Од таму нагласуваат дека станува збор за продолжување на рокот за вакцините кои се замрзнати, а  условите за чување остануваат непроменети, на температура од -90 °C до -60°C.

Од Министерството за здравство за „Слободен печат“ велат дека во моментов има 176.670 дози, со рок на траење до мај 2022 година, 28.524 дози, со рок на траење до јули 2022 година, 145.080 дози со рок на траење до август2022 година и 104.130 дози, со рок на траење до јуни 2022 година.

Вакцините кои се аплицираат на вакциналните пунктови се со важечки рок без разлика дали се врши вакцинација, ревакцинација или се дава трета доза.Засега Владата донесе одлука за набавка на 500.000 вакцини Фајзер за 2022 година, велат од Министерството за здравство.

Директорот на поликлиниката „Јане Сандански“ Боре Радевски вели дека во вакциналните пунктови кои се наоѓаат во поликлиниката се аплицираат вакцини на кои им бил продолжен рокот на употреба.

– Ние имаме истакнато документ во писмена форма со печат со кој ги информираме пациентите дека им е продолжен рокот на вакцините кои ги аплицираме. Досега само неколкумина граѓани негодуваа и беа загрижени дека употребата на вакцини со продолжен рок ќе им направи компликација по здравјето, за останатите нема никаков проблем. Се што работиме е по пропис и исправно. ЕМА го продолжува рокот за три месеци, а Комитетот за имунизација и МАЛМЕД тоа го прифатија, по што добивме упатство да продолжиме со употреба на вакцините. Вакцините со продолжен рок на употреба ги аплицираме без разлика дали станува збор за прва доза, ревакцина или бустер доза, рече Радевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот