Македонски портали го цитираат твитерџијата Лука Андраши како експерт на ЕУ, а во ЕУ никогаш не слушнале за него

Извесен Лука Андраши, од почетокот на јануари, на социјалната мрежа Твитер, на хрватски јазик, постојано споделува „експертски мислења“ во врска со политичката состојба во Македонија, остро критикувајќи ја Владата. Во февруари, во објава на англиски јазик ја информира македонската јавност дека е одобрен „проектот PS12US92 за мониторинг на високи јавни службеници во Северна Македонија“.

„Околу 120 квалификувани новинари во следните 12 месеци ќе ги следат секојдневните активности и користењето медиумски алатки од страна на 120 избрани политичари. Наскоро повеќе за ова“, напиша тогаш Андраши, пренесува 360 степени.

Твитовите на Андраши со експертизите редовно завршуваат на дел од македонските портали кои се опозициски настроени, цитирајќи го како „експерт за мониторинг од ЕУ“, па дури и како „пратеник од Европскиот парламент“. 

Порталот 360 степени се обратил во Делегацијата на Европската Унија во Скопје, со прашање, дали името Лука Андраши фигурира во некој проект поддржан од ЕУ и дали ознаката што јавно ја споделил, одговара на референца за некој нивен проект.

„Немаме сознанија за експерт со ова име ангажиран на проекти на Европската Унија во Северна Македонија и се сомневаме дека такво лице постои. Нема проект на посочената тема или со посочениот референтен број менаџиран од Делегацијата на ЕУ. Покрај ова, би потенцирале дека, во секој случај, експертите ангажирани на проекти на ЕУ се вработени за да споделуваат знаење со локалните партнери. Тие не ја претставуваат Европската Унија, ниту, пак, зборуваат во нејзино име. Ја користиме оваа можност да ги повикаме медиумите да постапуваат одговорно и да ги проверуваат фактите пред да објават информации што може да ја заведат јавноста“, стоело во одговорот на Делегацијата на ЕУ во Скопје.

Интересно е, потенцираат од 360 степени што, по најавата на емисијата за Андраши, истиот се збогувал со Македонија на Твитер.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот