Македонијо, ако си киднапирана, трепни двапати!

Срѓан Ивановиќ / Фото: Слободен печат

Ја гледам Македонија, персонифицирана во убава девојка, која спротивно на својата волја седи во кафеана со два-тројца некултивирани мажи. Келнерот доаѓа и љубезно ја прашува дамата што сака да се напие, а таа со вештачка насмевка почнува панично да трепка.

Кога ги гледам политичарите како ги решаваат проблемите кои не ги разбираат, секогаш добивам кошмари, кои ги сонувам со отворени очи. Пред себе ја гледам Македонија, персонифицирана во убава девојка, која спротивно на својата волја седи на кафеанска маса во друштво на двајца или понекогаш и тројца некултивирани мажи, на кои благо речено им недостасуваат манири. Келнерот доаѓа до масата и љубезно ја прашува дамата што сака да се напие, а таа со вештачка насмевка започнува панично да трепка, очајно посакувајќи на келнерот невербално да му објасни дека е киднапирана. Првиот маж не чека одговор од девојката и на келнерот му вели дека таа ќе пие сокче, вториот е непристојно загледан во нејзиното деколте, додека третиот, доколку ја сонувам верзијата со тројца мажи, со цинична насмевка му вели на келнерот да донесе и некакво мезе.

На овој кошмар ме наведе веста за тоа дека во екот на решавањето на спорот со Бугарија во македонскиот дел од заедничката Комисија за историски прашања дојде до смена на еден член. Александар Литовски, од Институтот за национална историја, кому му истекол договорот, но и кого јавноста подобро го запозна откако јавно го искритикува премиерот Зоран Заев за неговите спорни историски тези изнесени во интервјуто за бугарската новинска агенција – БГНЕС, повеќе не е член на Комисијата.

На негово место е именуван Исмедин Азизи, кој е избран на предлог на Министерството за надворешни работи. Во биографијата на Азизи може да се прочита дека е доцент, научен соработник во Институтот за национална историја во Скопје. Дипломирал историја на Филозофскиот факултет во Скопје, а магистрирал и докторирал на Институтот за национална историја на теми поврзани со Албанците на Балканот. Област на истражување му е историјата на Балканот во 20 век. Нема ништо спорно во образованието на новиот член на заедничката Комисија, ниту, пак, почитуваниот историчар треба да биде тема на некаква посебна дебата. Темата се однесува на предлагачот, а тоа е Министерството за надворешни работи и министерот Бујар Османи.

Османи уште минатата година изрази желба во Комисијата да има и Албанец. Тоа го толкуваше вознесен од идејата дека и Албанците треба да дадат својот придонес во одбраната на македонската историја во која се активни дејци. Нема ништо лошо во тоа, освен фактот што во Комисијата членуваат историчари, луѓе посветени на науката и кои се водат од фактите и доказите, а не од тоа на која нација ѝ припаѓаат.

Интересно е и тоа што на оваа интервенција во Комисијата, само два дена претходно проследивме уште една изјава на министерот, кој очигледно незадоволен од тоа како се изучува историјата во земјава, предложи еден благо речено чуден концепт со кој треба да се означи некаква промена. „Нашите погледи на историјата овде се изградени во еден претходен систем, во еден претходен сојуз и тие погледи биле и антибугарски и антиалбански и антигрчки, затоа што тој поглед бил под плаштот на тогашниот државен интерес, на еден тогашен сојуз. Сега кога влегуваме во друг сојуз со други држави и во НАТО и во ЕУ, со Бугарија, со Грција, со Албанија, не можеме со истите очила да го гледате светот“, вели Османи.

Значи министерот за надворешни работи прво изјави дека ќе треба да се менува историјата или поточно наративот кој е насочен против нашите нови сојузници, за потоа да предложи нов историчар во Комисијата. И токму низ приказот на неговите активности може да се утврди дилетантизмот со кој на моменти се води нашата држава и на грубото мешање на политичарите во историјата. Османи е хирург, кој поминувајќи низ неколку владини ресори седна и во фотелјата на Министерството за надворешни работи. Воден од каузата на неговата партија ДУИ, инсистира во Комисијата да се постави Албанец. И тоа го крунисува со идејата за менување на погледите кон историјата, со оправдување дека тоа сега е нужно поради стапување во нов сојуз и тука претпоставувам мисли на НАТО.

Божем во Франција и Германија ги променија погледите на историјата?

Не знам и не сакам да помислам дека Бујар Османи има некаква задна намера со своите постапки и посакува евентуалниот договор со Бугарија да се оствари на штета на македонскиот идентитет и историја. Можеби и тој се наоѓа во некаква непосакувана ситуација, бидејќи се обидува да изнајде решение за проблемот за кој нема поим? Затоа Бујар, ако не ти е арно нешто, тогаш трепни двапати. Постојат и други ресори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот