Македонија во „топ десет“ земјите со прекумерна смртност

Медицински тим вади труп на починато лице од коронавирус од Инфективната Клиника во Скопје / 31 март 2020, Скопје, Северна Македонија / EPA-EFE/NAKE BATEV

Во 2020 година имало 4.637 повеќе починати граѓани, споредено со 2019 година кога немаше пандемија, покажуваат податоците евидентирани во извештаите за природно движење на населението на Државниот завод за статистика. Овој податок се потврдува и преку студијата, објавена изминатиот месец, која нè вбројува во „топ-десет“ европски земји по прекумерна смртност со 420 смртни случаи на 100 илјади жители. И угледниот „Економист“во март годинава ја рангираше Македонија на третото место по ,,прекумерна смртност” на 100 илјади жители.

Пандемијата одзема животи не само поради ковид-19, туку и поради тоа што пациенти со други болести не се соодветно третирани. Пренамената на дел од здравствените установи во ковид-центри предизвикува презафатеност на болничките капацитети, односно пребукираност на термините за прегледи.

– Сите пациенти кои имале потреба од здравствена услуга, а не ја добиле, посебно онколошките пациенти, оние со хронични и кардиоваскуларни болести се под огромен ризик – велат од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари.

Во светот се пријавени 4,2 милиони смртни случаи од коронавирусот од почетокот на пандемијата до крајот на јули годоинава, но реалните бројки се повисоки. Некои земји имаат лоши системи за пријавување болни, а други намерно не ги пријавуваат починатите. За да се добие подобра и поточна проценка на смртноста во пандемија, научниците често го споредуваат вкупниот број на смртни случаи во пандемија со просекот од годините претходно, кога немало пандемија. Разликата ја означуваат како ,,прекумерната смртност”.

Ариел Карлински и Димитри Кобак, научници од Израел и Германија, во август објавија научен труд според кој во Македонија е регистрирано 43-процентно зголемување на бројот на починати, поточно 420 смртни случаи на 100 илјади жители. Авторите на студијата собирале неделни месечни или квартални податоци за смртноста во 103 земји и територии од 2015 до 2019 година и создале база на податоци. Следејќи ја оваа база, тие пресметале колку смртни случаи по земја би требало да се очекуваат во 2020 година и ја споредиле бројката со смртните случаи кои се евидентирани како последица од ковид во 2020 година. Во истражувањето земени се податоци за 43 европски земји кои покажуваат дека најниска прекумерна смртност има во Германија и Луксембург.

Во статистиката на Карлински и Кобак, Албанија е веднаш до Македонија со 2.200 смртни случаи поради ковид, но 9.300 вкупни смртни случаи за кои не може точно да се прецизира причината. Единствени полоши се статистиките на јужноамериканските држави Перу, Еквадор, Боливија и Мексико, каде прекумерната смртност се искачила за повеќе од 50 проценти над очекуваната годишна смртност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот