Македонија „десеткувана“, изгубила 185.834 жители!

Скопје / Фото: ЕРА EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Според етничка припадност, 58,44 отсто од населението се изјаснило како Македонци, 24,30 отсто проценти како Албанци, 3,86 отсто како Турци, 2,53 отсто како Роми, 0,47 отсто како Власи, 1,30 отсто како Срби и 0,87 отсто како Бошњаци и др.

Во Македонија живеат 1.836.713 жители, што е намалување од 9,2 отсто, или 185.834 лица помалку во однос на последниот попис на населението од 2002 година – покажаа резултатите од пописот спроведен во 2021 што вчера ги објави Државниот завод за статистика.

Според етничка припадност, 58,44 отсто од населението се изјасниле како Македонци, 24,30 отсто проценти како Албанци, 3,86 отсто како Турци, 2,53 отсто како Роми, 0,47 отсто како Власи, 1,30 отсто како Срби и 0,87 отсто како Бошњаци и др.

Како Торбеши се изјасниле 4.174 граѓани, како Бугари 3.504, како Египќани 2.406, како Хрвати 2.145 и како Црногорци се изјасниле 1.023 македонски граѓани.

Со Пописот се попишани вкупно 2.097.319 лица, од кои 1.836.713 се резидентно население, а 260.606 лица се нерезидентно население, односно македонски државјани што повеќе од една година живеат во странство. На овој попис беше овозможено овие македонските државјани во странство да се самопопишат преку веб-апликација што беше достапна на веб-страницата за Попис.

– Оваа можност ја искористија 258. 932 наши сонародници, од кои 24,55 отсто се изјаснија како Македонци, 66,42 отсто како Албанци, 4,78 отсто како Турци и др. Оваа категорија граѓани не влегува во вкупното резидентно население на Република Северна Македонија, информираше директорот на Заводот за статистика Апостол Симовски.

За 132.260 лица, односно за 7,2 отсто од резидентното население, податоци се земени од административни извори, затоа што од разни причини, не можеле да бидат земени со физички контакт.

Вкупното резидентно население на Република Северна Македонија на 5 септември 2021 година изнесувало 1.836.713 жители. Од нив, 50,4 отсто се жени, а 49,6 отсто се мажи. Односно, на 1.000 жени има 984,3 мажи.

Според возрасната структура, најголем процент од населението 7 отсто се во возрасната група од 40-44 години. Просечната возраст на населението е 40,08 години. Куриозитет е што во Северна Македонија е попишанo 51 лицe на возраст над 100 години.

Според религиската припадност, 46,14 отсто се изјасниле како православни, 32,17 отсто како муслимани (ислам), 0,37 отсто како католици, а во овој Попис се појавија и други религиски заедници, кои ги немаше во претходните пописи, а тоа се: евангелско протестантски христијани, агностици, будисти и други.

Од попишаното население 61,38 отсто се изјасниле дека мајчин јазик им е македонскиот, 24,34 отсто албански мајчин јазик, 3,41 отсто турски, 1,73 отсто ромски, 0,17 отсто, влашки, 0,61 отсто српски и 0,85 отсто босански јазик.

Бројот на домаќинства изнесува 598.632, а просечниот број на членови на домаќинствата изнесува 3,06. Во земјава се евидентирани 839.174 станови. Најмала општина е Зрновци до 2.086 жители, а најголема е Куманово со 98.104 жители. Во споредба со пописот од 2002 година, бројот на жители е намален за 185.834 или 9,2 отсто. Во земјава 207 некогаш населени места се без ниту еден жител.

Вкупниот број жители во градот Скопје изнесува 526.502 лица и во споредба со пописот од 2002 година е зголемен за 3,9 проценти, покажува Пописот спроведен во 2021 година.

Бројот на домаќинства во град Скопје изнесува 171.171 и во споредба со 2002 се забележува зголемување за 16,8 проценти. Зголемен е и бројот на станови во Скопје. Изнесува 213.850 станови што е пораст во однос на 2002 година за 30,6 проценти.

Бројот на странци времено присутни во земјава помалку од 12 месеци е 1.674.

Густината на населеност на еден километар квадратен е 72,2 лица.

Презентирајќи ги податоците на пописот во салата на Македонската филхармонија, во присуство на високи функционери, многубројни новинарски екипи и гости, директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски рече дека успешно и професионално е завршен процесот на попишување на населението, домаќинствата и становите.

– Спроведовме успешен и професионален Попис во 2021 година. Податоците ги објавуваме во предвидениот шестмесечен период. Тимот на Државниот завод за статистика покажа дека може, знае и умее, дека е една од најпрофесионалните институции во земјава. По две децении, откако последен пат беше одржан попис во 2002 година, официјално податоците покажуваат дека бројот на жители во земјава е намален за 185.834 лица или за 9,2 проценти – нагласи Симовски.

Тој рече дека целата пописна операција не била лесна, дека по многу одложувања дошла и пандемијата на ковид-19, која исто така го отежнала неговото спроведување, но како што рече, тој предизвик бил успешно совладан, без последици за јавното здравје.

Според пресметките на Заводот, пописот го чинел секој граѓанин во просек по 4 евра. За потребите на пописот биле издвоени 8,5 милиони евра од четири сукцесивни годишни буџети, од 2018 до 2021 година, од кои 900.000 евра останале непотрошени и вратени во државниот буџет. Купените лаптоп-компјутери, кои биле најголема ставка, ќе бидат дистрибуирани во државни институции за службени потреби.

За забелешките дека Статистика задоцнила со објавување на податоците и дека тоа може да предизвика сомнеж во резултатите од пописот, Симовски истакна дека резултатите се објавени во рекорден рок. Тој напомена дека истовремено со пописот во Македонија, попис спровеле и Хрватска и Бугарија и дека и во двете држави сè уште не се објавени резултатите.

Објавувањето на податоците од пописот што се спроведе од 5 до 30 септември 2021 година, ќе се одвива сукцесивно, по сетови на податоци.  Вчера беше објавен првиот пакет податоци, кој ги опфаќа податоците за вкупното резидентно население, вкупното нерезидентно население, пол, возраст, етничка припадност, вероисповед, мајчин јазик и јазик што вообичаено се зборува во домаќинствата, број на станови и број на домаќинства. Овие податоци се достапни на веб-страницата на Државниот завод за статистика.

Во наредните месеци ќе бидат објавувани сетови на податоци за образовните и економските карактеристики на населението, за становите, за домаќинствата, за бројот на граѓаните со попреченост.

Попис во земјава беше спроведен по 20 години, откако започната операција во 2011 година беше прекината поради несогласувања меѓу тогашните коалициски партнери ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ околу методологијата, односно за прашањето дали да се попишуваат и иселениците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот