Македонците возат крнтии, околу 90 отсто од автомобилите се стари до 20 години!

Фото: Felix Wong

Земјите членки со најголем удел на автомобили постари од 20 години во 2021 година во ЕУ се Полска (41,3 отсто), Естонија (33,2 отсто), Финска (29,2 отсто), Романија (28,3 отсто) и Литванија (26,5 отсто), но и вака, нашите автомобили се повеќе од двојно постари од европскиот просек

Околу 90 отсто од возилата што се движат по македонските патишта се со просечна старост од 10 до 20 години (процените се дека таа е над 19 години), покажуваат податоците на Евростат од 31 декември 2021 година. Реалноста е дека само 1 отсто од македонските автомобили се стари до две години и помалку, а неколку проценти имаат меѓу 2 и 5 години.

Масовниот увоз на стари автомобили, се интензивира во последните години од првата деценија од овој милениум. Според податоците на Аутомедиа.мк, ако во 2008 година имало регистрирано дури 25.000 патнички автомобили, стари до две години, во 2021 година, статистиката брои само 7.000 патнички автомобили стари до две години.

– Во 2008 година, по македонските патишта сообраќале 176.000 автомобили постари од 10 години. Во 2021 година, бројот на вакви возила е зголемен на 424 илјади. Од секои десет возила, само едно е старо под 10 години – стои во анализата на аутомедиа.мк.

Статистиката на Царинската управа на Македонија покажува дека до крајот на август, вкупно биле увезени 28.802 возила, а од нив дури 19.880 биле половни. Земјите членки со најголем удел на автомобили постари од 20 години во 2021 година во ЕУ се Полска (41,3 отсто), Естонија (33,2 отсто), Финска (29,2 отсто), Романија (28,3 отсто) и Литванија (26,5 отсто), но и со овој просек, нашите крнтии се повеќе од двојно постари од европскиот просек. Спротивно на тоа, уделот на патнички автомобили на возраст од 2 години и помалку во 2021 година бил највисок во Луксембург (19,2 отсто), Германија (17,8 отсто), Шведска (15,8 отсто), Франција (15,4 отсто) и Австрија (15,1 отсто).

– Просечната старост на возниот парк во земјава кажува многу за стандардот на населението. Како што растат приходите, луѓето стануваат помобилни, главно трошат повеќе на патувања и почесто ги заменуваат старите возила со нови, но уделот на многу стари автомобили (стари до 20 години) и нови (помалку од 2 години) кажува многу за богатството – велат експертите.

Во земјите со низок и среден приход (како што е дефинирано од Светска банка), многу домаќинства имаат стари автомобили, воопшто немаат автомобили, главно користат јавен превоз или пешачат, трошат релативно малку на транспорт бидејќи не можат да си дозволат гориво. Ситуацијата е обратна во земјите што стануваат побогати.

Хрватска е една од земјите со високи приходи, па сопственоста на лично возило се смета за очигледна. Според информациите на Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA), просечната возраст на патничките автомобили во Хрватска во 2020 година била 14,8 години. Ова го прави возниот парк во Хрватска еден од најстарите во ЕУ, бидејќи само Грција, Романија, Чешка, Литванија, Естонија и Бугарија имаат постари автомобили. Во најбогатите земји во Европа, просечната старост на патничките автомобили е помала од 12 години. Во Австрија, Германија, Данска, Швајцарија, Белгија и Ирска е под 10 години. Просекот на ЕУ е 11,8 години, три години помалку од хрватскиот.

Покрај возраста, важен е и бројот на автомобили на 1.000 жители. И двата показатели се под влијание на културните елементи, така што некои земји ги менуваат старите возила поретко отколку што сугерира нивото на приход. Пример е Финска со просечна старост на автомобилот од 12,5 години и Естонија со 16,7 години. Во некои земји, личните возила можат да бидат поголем статусен симбол, па населението се обидува побрзо да го подмлади возниот парк, анализира Индекс.хр. Споредбата меѓу Полска и Германија покажува колку културата може да влијае.

Иако населението во Полска има многу постари автомобили, бидејќи тие едноставно не можат да ги заменат толку брзо како населението во Германија, бројот на автомобили на 1.000 жители е поголем во Полска. И покрај бројните други фактори кои можат да влијаат староста на личните автомобили во една земја и нивниот број на 1.000 жители, како што се културата и државните политики (регистрациска цена, даночно ниво итн.), тоа е прилично добар показател за стандардите.

Добар пример за тоа е разликата во бројот на автомобили меѓу ЕУ, Русија и Турција. ЕУ има 560 автомобили на 1.000 жители (најмалку во Романија со 376), Русија 312 автомобили на 1.000 жители, а Турција 158.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот