Македонците играат на сигурно: сè што лета не се јаде!

Штурец/ Фото: DAVID AUBREY / Sciencephoto / Profimedia

Иако Европската агенција за безбедност на храната дозволи употреба на високопротеинско брашно од брашнести бубачки и домашни штурци, преовладува ставот на европските потрошувачи дека не сакаат да консумираат инсекти – во каква било форма. Со оглед на фактот дека и од македонските институции досега не е побарано да се одобри ваков производ и на македонските трпези, во догледно време нема да се консумира таа храна.

Социјалните мрежи зовреа од реакции по информациите дека Европската агенција за безбедност на храната дозволи таа да се збогатува со високопротеинско брашно од брашнести бубачки и домашни штурци, но преовладува доминантниот став на европските потрошувачи дека не сакаат да консумираат инсекти – во каква било форма. А, со оглед на фактот дека и од македонските институции досега не е побарано да се одобри ваков производ, и на македонските трпези во догледно време нема да се јаде таа храна.

Отсега во ЕУ ќе може легално да се јадат штурци и ларви

Агенцијата за храна и ветеринарство има пропишано национална постапка за одобрување вакви производи што спаѓаат во категоријата храна произведена со иновирани технологии, а досега до нив не е поднесено барање за одобрување производ што содржи ларви или други форми на инсекти, потврдуваат за „Слободен печат“ од АХВ. Пред две години се разви слична дискусија, откако ЕФСА објави позитивно мислење за употребата на суви жолти ларви од инсектот Тенебрио молитор, како авторизирана храна произведена со иновирани технологии. И тогаш, како и сега, според странските медиуми, се разгледуваше нивното користење во повеќе варијанти, како додаток за јадења или како брашно.

Од АХВ посочуваат дека храна и состојки на храна произведени со иновирани технологии или т.н. „нова храна“ е секоја храна или нејзина состојка што нема значителна историја на консумација пред 1997 година, кога во ЕУ е донесена првата регулатива со која се пропишуваат посебните барања за безбедност на оваа храна.

Од вчера и Европа јаде брашно од домашни штурци

Инаку, како што објави ЕФСА прашокот, односно брашното од „куќниот штурец“ и официјално може да се продава на европскиот пазар, а списокот на производи во кои е дозволено да се најде практично нема крај. Во ограничени количини може да се користи за производство на: леб, печива, бисквити, житарки, замрзнати пици и други тестенини. Дозволено е и во зачини, пиво, инстант супи, замени за месо, сосови, преработки од компири, јадења од мешунки и зеленчук, кондиторски производи… За воведувањето на високопротеинско брашно на база на инсекти во исхраната на Европејците се зборува долго време. Врз основа на мислењето на Европската агенција за безбедност на храната (ЕФСА), прашокот за куќен штурец (Aхета доместикус) е безбеден, а во таканаречената нова храна (новел фуд) беше вклучен на почетокот на јануари годинава. Така виетнамската компанија „КрикетУан Ко“ доби зелено светло да го продава на пазарот на ЕУ во следните пет години. Пржените штурци наводно имаат вкус на јаткасти плодови, главно лешници, но и на семки од сончоглед. Експертите тврдат дека тие се богати со железо, аминокиселини и содржат повеќе од 60 грама протеини на сто грама.

Рано за масовна употреба на брашно од инсекти

Експертите во Литванија сметаат дека стравувањата на граѓаните се неосновани, бидејќи производството на ова брашно сè уште е скапо и прашање е колку навистина ќе биде во масовна употреба. Националната служба за храна и ветеринарство во Литванија за медиумите изјави дека штурците и другите инсекти се третираат како нова храна во ЕУ, што е предмет на построги барања и има јасни ограничувања за тоа колку прашок може да се додаде на друг производ.

– Кај некои луѓе протеините од инсекти може да предизвикаат алергиски реакции – забележуваат експертите.

Официјален Брисел претходно соопшти дека Организацијата за храна и земјоделство ги наведува инсектите како хранлив и здрав извор на храна со високо ниво на масти, протеини, витамини, влакна и минерали. Тие веќе сочинуваат значаен дел од секојдневната исхрана на стотици милиони луѓе низ светот, забележуваат тие, така што можат да бидат алтернативен извор на протеини што би ја олеснило транзицијата кон поодржлив систем на храна во Европа.

Сè што оди може да се јаде

Александар Гавриловиќ, сопственик на инсектариум во емисијата „Њузнајт“ на Н1,  рече имале дозвола да продаваат само живи инсекти, но сега работите се менуваат и чекаат промена на законот, а ќе имаат и пиварница.

„Во моментов немаме име за пивото. Донесов и брашно, кое е 100 проценти мелен штурец. Има вкус на чоколадо и тоа го добивме од реакцијата на Милард. Но, ако ги нахраните со лешници, ќе добиете вкус на лешници, ако ги храните со банани, ќе добиете вкус на банани, но ако правите десерти, не треба да претерувате бидејќи ќе добиете вкус на месо“, откри тој.

Луѓето избегнуваат да јадат инсекти, па затоа е добро да се започне со брашно, додаде Гавриловиќ. Според него, сè што оди може да се јаде, вклучително и лебарки.

„Нашите луѓе сè уште не се навикнати да јадат нешто што има шест нозе, тие сè уште се лојални на четириножните животни“, додаде тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот