Лукашенко ја повика Србија да одлучи каков однос сака да има со Белорусија

Претседателот на Белорусија Александар Лукашенко денеска ја повика Србија да одлучи каков однос сака да има со неговата земја. На средбата со новите амбасадори на Белорусија во повеќе земји, меѓу кои и Србија, Лукашенко рекол дека е потребно да се види каква политика води и сака Србија кон Белорусија, пренесува руската агенција РИА Новости.
„Ако сакаат (соработка), тогаш мора да има резултати на полето на трговијата и економијата. Ако сакаат да мавнат со опашката, грубо кажано, и да ги поддржат европските и американските санкции против Белорусија, тоа е нивна работа, нека ги поддржат ако го заборавиле доброто од наша страна“, рече Лукашенко.
Лукашенко, кој денеска именуваше нови амбасадори во Србија, Кина и неколку други земји во Африка и Азија, изјави дека Белорусија, доколку Западот и Америка не сакаат да соработуваат со неа, „ќе ги задржи своите амбасади таму каде што е потребно“ и дека ќе ги префрли главните дипломати во оние земји кои сакаат соработка со Минск.
„Соработуваме со многу земји. Треба да ги зајакнеме тие односи, ова важи и за Србија, но треба да разбереме што сака. Кажувајќи едно и правејќи го сосема спротивното, никому не му треба таква политика“, додаде Лукашенко.
Минатата година Србија се приклучи на санкциите што Европската унија ги воведе кон Белорусија, но во август годинава не ја испочитува одлуката на Европската унија за продолжување на санкциите против Минск.