Лирско прегрнување

Книгата „Тревога“ на Иван Додовски (издавач „Слово“, Скопје, 2020) е сигурен доказ дека тој е еден од семејството ретки поети кои, со секое читање, е поинаков и подруг. Има врска по сличност во семејство на поети. Но и по разлика затоа што се – посебности. Ете како и зошто тие поети „лирски се прегрнуваат,“ како што вели поетот во завршниот дел на песната „Земја“.

Има песна („Смрт“) во најновата книга „Тревога“ на поетот Иван Додовски која почнува со енигматичен стих: „Коренот е коритото твое…“ Друга  песна, „Елементи на минливото“ како да открива (и) елементи на енигма: „Ниту телото/ е лек/ ниту водата/ што тече./ Плотта се враќа/ во недорек,/ со сè што пече/ назад / – кон земјата./“ Има и песна под наслов „Земја“ кон која се враќа плотта/тело. Во неа станува збор за два вида љубов: една парадна и лажна. Тоа е љубовта „со епичности“, како што вели поетот. Кога се љуби „со грло,“ збор е, според мислата на поетот, за  невидлива љубов „без бучности“, вистинска. Може да се наведат уште многу примери од ист вид од други песни на Додовски. Но и посочените се доволни да покажат дека се работи за важна, автентична појава во нашата модерна лирика.

Песната „Земја“ почнува со зборовите: „Таа е моја!“ Над зборот „моја“ има ѕвездичка што упатува на белешка во која се вели дека таа песна била „алузија“ на многу позната, истоимена песна од Никола Јонков Вапцаров. Секоја алузија, па така и онаа на поетот Додовски, упатува на непосредна врска на текст што го читате со друг и на друг поет. Таа врска може да биде или комплементарна, или по контраст. Врската меѓу „Земја“ на Додовски и онаа на Вапцаров е врска по контраст и комлементарност истовремено. Вапцаров вели дека „Тази земя която тъпча днес  […] не е моя“. Во вториот дел од таа песна авторот на „Моторни песни,“ со индиректниот јазик на неколку метоними (врска на зборови по звучење) како, на пример, Пирин, Охрид, Егеј, кажува која е неговата земја-„родина.“ Врз основа на тие метоними Д. Митрев, во својата полемичка монографија „Вапцаров“ (1954), вели дека родината-земја на Вапцаров е Македонија, не онаа “която тъпча днес“ (Бугарија). Полемички тонови има и во „Земја“ на Вапцаров. Кога тој вели: „..простете, [тази земя] не e моја,“ јасно е дека поетот некому се обраќа. Кому? Митрев мисли дека Вапцаров зборува за трговци со македонската кауза, за накотот „македонствујушти“ кои „мислат само на себе“ (Конески); тоа се сите оние што „божем силно љубат, со епичности“ во „Земја-“та на поетот Додовски.

Синтагмата „со епичности“ на Додовски воспостава директна врска со вториот стих од песната „Предсмртно“ на Вапцаров, кој гласи: „борбата е, както казват, епична.“ Зборот „епична“ во „Предсмртно’ се римува со „личност“ („какво значи тук някаква си личност“), односно со „обичахме“ (народе мой […] защтото се обичахме.“). Под песната „Предсмртно“ на Вапцаров има белешка која вели дека била напишана во 14 часот на 23 јули 1942. Тоа е денот кога Вапцаров е осуден на смрт од тогашната фашистичка власт на соседна Бугарија, а казната е извршена уште истиот ден. Нема никакви полемички тонови во таа песна на Вапцаров. Таа е длабоко интимна песна лишена од патриотски, херојски патос, сосем како и „Земја“ на Додовски. Тоа дава добра основа да се рече дека о-тело-творениот, сетилен патриотизам на Додовски има, структурна (духовна) врска со оној од длабоката интима на Вапцаров, а видлива (по текст)  со оној од „Земја“ и „Родина.“ Треба сега да се прашаме: зошто е така?

Оној полемичен и патетичен национал-патриотизам е доминанта на песните „Земја“ и „Родина“ на Вапцаров. Тој подразбира заборав на блиски и на себеси, валоризација на ентитетот род-народ-нација како надреден на ентитетот единка, „личност“ кај Вапцаров. Кога во песната „Родина“ вели: „Сега си ми близка,/ по-близка от майка дори…,“ тој дава  доказ дека неопходниот заборав (помага да се сака родината-земја “повече от майка дори“) бил само илузија и заблуда затоа што фрла само сенка врз љубовта кон блиски и кон себеси. Кога поетот на „Предсмртно“ се соочува со „безмилостна“ вистина на својата смрт, тој се соочува и со вистината дека љубовта кон блиски и кон себеси (таа е сетилна и антрополошка) е, ако не многу поважна, тогаш барем исто толку важна колку и „епичната“, херојска љубов (таа е апстрактна, идеолошка.)

Ете зошто Вапцаров вели дека „както казват“ борбата била „епична“. „Какво значи някаква си личност“ велат други, но не и оној што го сетил веќе ледениот бакнеж на смртта како, на пример трагичниот поет Вапцаров.Тие други се бездушни  трговци со туѓа крв; тие се  „македонствујушти“ (Митрев); тие се „лажни пророци“ (Конески); тие „божем силно љубат, со епичности“ (Додовски). Кога го вели тоа, Вапцаров ја о-тело-творува својата фанатична, идеолошка, патриотска љубов по истиот начин по кој и поетот Додовски о-тело-творува смрт (идеја) кога вели: „коренот е коритото твое“.

Скромно упатен човек во спецификите на лириката кој се потпира врз логиката на здравиот разум секако ќе рече: оној што вели дека има врска меѓу „корен“ и „корито“ зборува бесмислици. Тој би допуштил, на пример, врска меѓу „корен“ и „род“ или „народ“ затоа што се подразбира: нема народ без „корен“ (минато, историја), како што нема син без татко и мајка (родители), а пак овие без свои родители-потекло. Оној што има нешто повеќе увид би бил попретпазлив: „има нешто во тоа“, би рекол. Некој со доволен увид би рекол: станува збор за механизмот „индиректна мотивација“ (Ж. Женет) на која се повикува Хермоген, кој тврди дека е природна врската меѓу зборовите што упатуваат на суштества и предмети од постојниот свет, наспроти Кратил кој тврди дека таа врска е произволна (arbitraire, израз на таткото на модерната лингвистика Сосир)  во истоименото дело на Платон.

Кога поетот Додовски вели дека „коренот е корито“ на смртта, кога додава потоа дека таа е „угриз“ и „пукнатинка во семето“, дека „Се чекори во љубовна пета“, тој постапува како Сократ во „Кратил“ кој наоѓа „природна“ врска меѓу sôma (тело) и séma (белег). Тој белег/знак Сократ го споредува со белег/знак на гроб и, по таа споредба, вели дека „телото е гроб на душата“. Станува збор за постапка кога едни зборови се објаснуваат со други во кои се препознава (поточно: на кои им се припишува) некоја сличност или блискост, било по звучење (метонимија), било по значење (метафора).

Лирската етимологија на поетот Додовски, како и онаа на Сократ во „Кратил“ на Платон, уверува дека „коренот е корито“ на смртта затоа што има упадлива созвучност меѓу зборовите „КОРен“ и „КОРито:“ таа е „угриз“ затоа што вдлабнатината (како и на „корито“, сад или на река) е негов белег/знак, а пак „пукнатинката“ (во семето) е варијанта на „угриз-“от. Сите тие зборови имаат материјална, сетилна верзија (делови од постоен свет) кај Додовски. Тие зборови ја о-тело-творуваат мислата-смрт онака како што секој збор е отелотворена мисла. Во истата песна Додовски вели уште: „Ах, таа смрт твоја, смрт – што крај ти е. И точка./“ Зборува ли тој за татко-родител  („Татко“ е прва песна во „Тревога“), знак за потекло, „семе“ со „пукнатинка“ во песната „Смрт?“  Или зборува за Вапцаров како духовен татко кој, на неколку часа пред смртта, вели: „разтрел и толкоз?“ Тој „разстрел“ е еквивалент на онаа „точка“ за која зборува и Конески во сонетот „Девственици“: „И само насон сте земале прочка/ […] до оној куршум в срце како точка./“

„Точката“ на поетот Додовски има и нема врска истовремено со оној „разтрел“ на Вапцаров, односно „куршум в срце“ на Конески. Има, затоа што тој само дискретно алудира на Вапцаров и Конески за да му даде можност на оној што ги чита песните од „Тревога“ да ги „зближи“ со песни на тие двајца поети. Тој читател го прави тоа затоа што тие што се зближуваат стануваат слични: qui s’assemble se ressemble, вели Ц. Тодоров во својата книга „Симболизам и толкување“, кој објаснува (врз други примери) како и зошто „коренот“ и „коритото“ стануваат блиски по значење.

Алузијата е, меѓутоа, само контекст за збор, синтагма или текст. Вистина, тој помага да се активира едно од многуте значења на збор, синтагма или текст. Тоа не е (и не може да биде!) главно затоа што меѓу нив нема однос на хиерархија. Да претворите големи претходници во контекст за своја лирика, тоа значи да се препознаете како директен наследник на нивната лирика. Јас сум длабоко убеден дека тоа им поаѓа од рака само на ретки, а пак книгата „Тревога“ на И. Додовски е сигурен доказ дека тој е еден од семејството ретки поети кои, со секое читање, е поинаков и подруг. Има врска по сличност во семејство на поети. Но и по разлика затоа што се – посебности. Ете како и зошто тие поети „лирски се прегрнуваат,“ како што вели поетот Додовски во завршниот дел на својата „Земја“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот