Летна филмска програма во Кино МСУ

Љубителите на седмата уметност уживаа во три извонредни филма и речиси целосно го исполнија капацитетот на седиштата, а последната проекција е на 24 јуни.

Кино МСУ започна со летната филмска програма и од 21 до 24 јуни љубителите на филмот имаа можност да ги гледаат бесплатните проекции на четири извонредни филмски остварувања, на отворено, односно на тремот на Музејот на современата уметност во Скопје.

На 21 јуни беше прикажан филмот „Грете Мајер – Кралицата на данскиот дизајн“ на Изабел Бернадет Брамер. Документарецот ја следи приказната на Грете Мајер, една од најголемите фигури на данскиот дизајн, претставувајќи ја како жена, уметник, пионер, мајка и љубовница. Како дизајнер, Мејер ни остави функционални дизајни за домот, кои денес се од огромно значење.

На 22 јуни следуваше проекцијата на „Американска модерна уметност, тајно оружје во Студената војна“ на Франсоа Леви-Куенц. Преку архивски снимки, документарецот открива како ЦИА користела антидемократски методи за да ги заштити демократските вредности на Соединетите Држави, во времето на Втората светска војна. Надвор од воената и економската сфера, се формира нова војна: Америка на Труман и Ајзенхауер ја користи културата како оружје во идеолошката војна против СССР, а за таа цел, ЦИА тајно ги финансирала изложбите во странство на една нова генерација уметници, кои работеле под знамето на апстрактниот експресионизам, веејќи го знамето за слободниот свет, слободата на говорот и американската економска моќ. Меѓу нив се Мадервел, Ротко, Де Кунинг и Полок, и сите несвесно уживаат во поддршката на ЦИА во средината на Студената војна. Многу институции, но и милионерите како Нелсон Рокфелер, во тоа време се главни поддржувачи на апстрактниот експресионизам.

На 23 јуни беше прикажан „Маија Исола“ на Лена Килпелаинен, за финската дизајнерка на печатен текстил, чии препознатливи дизајни на ткаенини го освоија целиот свет. Филмот ја раскажува приказната на Маија, откривајќи ни ги вредностите во центарот на животот на оваа скитница и наследството што ни го остави.

Последната проекција од овој циклус е на 24 јуни со филмот „Грејс Џоунс: Лајтшоу и леб“, на Софи Фиен. Преку филмските кадри ѕиркаме зад култната маска и ја запознаваме легендата Грејс Џоунс во поинакво светло: како љубовница, ќерка, мајка, сестра, па дури и баба. Водејќи нè на патување низ нејзината родна Јамајка, заедно со син ѝ Паоло и внука ѝ Шантал, филмот открива една досега непозната Џоунс, некој што нè потсетува каков може да биде животот кога човек ќе се осмели вистински да го живее. Се чини дека ѝ нема рамен: Грејс Џоунс е исклучокот што го потврдува правилото. Капацитетот на киното изнесува 60 седишта и не е потребно дополнително регистрирање за влез на настанот.

(Текстот е објавен во ТВ и Филмски печат на 24 јуни 2022 во весникот „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот