„Земете си мачка“: Лекар ѝ препишал необичен рецепт на пациентка

Фото: Pexels / Matthias Zomer

Кога одиме на лекар, често ни препишува некои лекови за нашите здравствени проблеми. Но, една жена била пријатно изненадена кога нејзиниот лекар наместо да ѝ препорача некакви апчиња за подобрување на нејзиното здравје, тој ѝ напишал рецепт за итно да посвои мачка, пишува „Даблју-ејџ-ес-даблју“ („WHSW“).

Пред неколку години, Робин Сајп од Грото, Вирџинија, САД, почнала да оди кај специјалистот Ерл Кинг поради проблеми со белите дробови. Била презадоволна од тоа што тој го направил за нејзиното здравје – како што и самата вели неколку пати ѝ го спасил животот. Затоа таа имала целосна доверба во него.

Неодамна била повторно на преглед и лекарот забележал дека воопшто не ѝ е добро. Толку  ѝ било лошо што тој бил загрижен за нејзиниот живот, бидејќи овој пат не биле само нејзините бели дробови.

„Бев навистина многу тажна. Ме праша зошто, бидејќи беше загрижен, а јас му кажав дека неодамна го изгубив саканото милениче. Откако почина мојата мачка, бев многу тажна“ – раскажала Робин.

Во тој момент нејзиниот лекар покажал дека може да биде креативен и дека единственото нешто што му е важно е неговите пациенти да се добро.

„Ѝ напишав рецепт за да земе нова мачка. Генерално, кучињата и мачките се исклучително важни за сите мои пациенти, бидејќи обезбедуваат удобност и гушкање, што е добро за нивното кардиоваскуларно здравје и здравјето на белите дробови“, објаснил д-р Кинг.

Според истражувањата поседувањето милениче го намалува крвниот притисок, како и нивото на холестерол и триглицериди. Исто така го намалува чувството на осаменост, анксиозност и ги ублажува симптомите на стрес.

Сајп вели дека тој ден, откако ја напуштила ординацијата, отишла на фарма да купи некои производи. Таа сè уште го имала во мислите „рецептот“, кога ја видела малата Ерлин, маче со три нозе.

Мачето доживеало несреќа набргу откако се родило, и го загубило поголемиот дел од предната шепа. Жената без двоумење го посвоила ова мало маче.

„Живеам сама и таа е мое друштво. Сака да си игра, а исто и јас. Заедно, ние сме толку добар тим – се сакаме и се почитуваме – додала Сајп.

Таа вели дека еден ден би сакала со своето триножно милениче да оди во институции каде што им се помага на ветераните кои изгубиле дел од своите екстремитети во војни. Верува дека мачето Ерлин може да им помогне и тие да се чувствуваат подобро.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот