16.8 C
Скопје

Лечебната моќ на литературата и на читањето

Затоа што ние луѓето не читаме книги само како разонода, од здодевност или за да „го убиеме времето“. Ние, пред сѐ, читаме книги за да „разбереме своето време“. За да добиеме поттик да го обликуваме нашиот живот.

Кога некој роман ќе нѐ восхити, често велиме дека сме „го проголтале“. Небаре сме биле жедни да го прочитаме. Таа жед по читањето ја знае секој вљубеник во книгите. Притоа, тој не мора да е и самиот писател, на пример, како Франц Кафка, кој сведочи дека „во себе има незаситна жед по книгите“. Сите ние често книгите ги нарекуваме духовна храна. Во расказот „Уметникот во гладување“ Кафка дури и секој уметник го претставува како тој што гладува по вистинската храна. Неговото творештво е потрагата по таа храна. Со истата жед со која писателите ги пишуваат своите дела, можат да ги читаат само читателите кои и самите се жедни по литература. Читањето е миг на симбиоза на авторот или авторката со читателот или читателката. Има романи што толку нѐ пленуваат, што ги исчитуваме во „еден здив“. Како кога копнееме по нешто, како кога со нетрпение очекуваме да се случи одамна посакуваното.

Читањето го култивира нашето доживување на животот, дури и тогаш кога ни самите не сме свесни за тоа. Многу често нештата ги доживуваме посредно, преку романите што сме ги прочитале. Читањето е непрекинат дијалог на генерациите едни со други. Читањето е разговор во тихост на минатото со сегашноста. Читањето нѐ воздигнува во висините на восхитот и на занесот, нѐ пренесува во далечни светови, нѐ учи да сочувствуваме, ни ги култувира чувствата и желбите, вкусот и потребите. Книгите навистина може да го променат нашиот живот.

Турскиот писател Орхан Памук го вели тоа во првата реченица од својот роман „Новиот живот“. Читањето роман е доживување кое во нас живее многу подолго од самиот чин на читање. Секоја прочитана книга, особено доколку се работи за естетски квалитетни дела од светската литература, трајно нѐ обликува. Некои најнови истражувања дури укажуваат дека редовното читање на литературни дела, особено на романи, го продолжува животот. Затоа што во романот „потонуваме“ како во длабоко море преку чинот на концентрираното, „длабоко читање“. Тоа е целосна предаденост на содржината, која напати прави да имаме чувство дека сме влегле во друг свет. Сето тоа сведочи дека книгите имаат лечебна сила. Дека пишувањето и читањето се сродни процеси, кои невидливо не обликуваат.

Сите што ги сакаат книгите ја познаваат таа несекојдневна состојба на тага и радост, која настапува откако ќе ја прочитаме последната страница на еден роман. Често се вели дека некоја книга ни ги „отворила“ очите за да го видиме животот од еден нов, дотогаш непознат агол. Има книги кои, откако ќе ги прочитаме, прават да се чувствуваме како да ни „раснат“ крилја, како да сме „прелетале“ векови и минати времиња. Тоа се книгите кои ја будат во нас надежта и копнежот по новото, по идното, по непознатото.

 Клуч за култивираност и префинетост

При читањето постојано имаме чувство како да сме живееле со животите на главните ликови. Чувствуваме дека не само тие се преобразиле во романот, туку и ние самите. Затоа што романескното писмо „разложило“ некој мисловен и емотивен јазол во нас. „Книгата мора да биде секира за замрзнатото море во нас“, верува Кафка. „Замрзнатото море во нас“ е и метафора за замрениот живот, за емотивната пустина во нас. Книгата може да биде топол виор кој во нас го бистри видикот, го буди замрениот живот. Добрата литература има сила да нѐ облагороди. Во таа смисла, да се биде духовно култивирана личност не значи само да се има соодветно професионално образование. Образованието на духот е клучно за култивираноста и префинетоста на личноста. За тоа какви личности ќе станеме во животот, придонесуваат и книгите што ќе ги прочитаме. Тие го „воспитуваат“, го „хранат и негуваат“ светот на нашите чувства и мисли. Колку често ни‘ се случува да прочитаме некој роман и да заклучиме дека тој ни бил животно потребен токму во тој миг? Колку често се чувствуваме преобразени по читањето на еден роман, кој не‘ допрел на многу силен начин?

Ова сознание одамна го познаваат не само писателите, не само читателите, туку и психолозите и психотерапевтите. Уште пред триесетина години тие почнаа да ја истражуваат и да ја применуваат во праксата лечебната сила на книгите. „Библиотерапијата“, како своевидна творечка терапија преку литературата, е одамна застапена во многу европски земји. Овој вид на творечка терапија преку читање се темели токму врз сознанието за лечебната моќ на прочитаниот збор. Отсекогаш беше познато дека читањето има благопријатно дејство врз душевното здравје, но во рамките на библиотерапијата терапевтите применуваат одредени литературни дела или само извадоци од нив кои се поврзани со некој конфликт или со животна ситуација.

Секако, секој од нас доживеал карактерите во романот, нивните животни приказни да не поттикнуваат на размислување. Тие го шират нашиот чувствен и мисловен хоризонт. Особено големите романи имаат сила да нѐ фасцинираат. Тие одеднаш ни откриваат дека и ние сме способни да ги доживееме истите силни чувства.

Читањето е ритуал и култура

Заедницата која не чита, која ја заборава не само просветителската, еманципаторската, туку, пред сѐ, лечебната сила на литературата, почнува самата да ја уништува својата творечка и ментална сила. Такви се често транзициските општества како македонското. Во македонската јавност се чести поплаките поради пропаѓањето на моралните вредности. Притоа многумина забораваат дека тој процес е долготраен. Дека тој невидливо започнува со занемарувањето на главните образовни навики, кои на децата мора да им се пренесуваат уште од најмалата возраст. Една од клучните образовни навики е читањето. Читањето е и ритуал и култура.

Заедницата што престанува да чита, ќе ги доживее погубните плодови на тој процес дури по една генерација. Дури тогаш станува јасно дека во меѓувреме пораснале млади луѓе, на кои нивните родители, наставници, професори не умееле или не успеале да им ги пренесат основните навики и ритуали на писменоста и културата, на образованието и на духовноста – посветеноста на читањето, љубовта и восхитот за литературата. Затоа што ние луѓето не читаме книги само како разонода, од здодевност или за да „го убиеме времето“. Ние, пред сѐ, читаме книги за да „разбереме своето време“. За да добиеме поттик да го обликуваме нашиот живот.

Читањето открива нови сознанија, нови светови во минатото, кои нѐ инспирираат на нови решенија во сегашноста. Во големите дела на светската литература се претставени на неповторлив начин суштинските прашања на човечкото постоење. Литературните дела ни ги покажуваат во естетски совршена форма моралните дилеми, проблемот на љубовта и љубомората, на сочувството и солидарноста, на војните и на траумите. Големите романи нѐ потресуваат затоа што тие се супстратот од историјата на човештвото, но не како апстрактен поим, туку како животна приказна, како лик што силината на литературниот збор пред нас го оживува до таа мера, што почнуваме да се идентификуваме со него.

Преземено од Дојче Веле

 

Поврзани вести

Национализмот и личната автономија

Ивица Челиковиќ

Нам ни се потребни луѓе…

Александар Литовски

И Скопје победува – заедно и сложно!

Петре Шилегов

Одат во „војна“ против Брисел и Вашингтон, а блокираат сообраќајници со двајца без тројца

Џабир Дерала

Бајден реши да го зачисти европскиот балкански двор

С.Р.

Кинеската производна машинерија и светот (2)

Божидар Миљовски

Остави Коментар