Кузмановски: „Чкембарите“ се најдобри на светот, убеден сум дека заедно ќе се радуваме
Филип Кузмановски официјално беше промовиран како нов играч на актуелниот македонски ракометен шампион Еурофарм Пелистер.
Македонскиот репрезентативец се очекува да биде еден од клучните ракометари во тимот на Бранислав Ангеловски на патот кон освојување на титули.
Кузмановски со нетрпение ги очекува настапите во дресот на битолската екипа:
– Благодарност до претседателот и клубот што направија сè да ме доведат. Мотивиран сум и едвај чекам да заиграм во дресот на мојот клуб. Два дена работам со екипата, ги познавам моите соиграчи, со некои бев соиграч и во Бундеслигата. Знаеме какви навивачи се „Чкембарите“ и какви вљубеници се битолчани, најдобри во светот, и убеден сум дека заедно ќе се радуваме – вели Кузмановски.
Тренерот Ангеловски вели дека клубот преговарал и порано да се доведе репрезентативниот бек:
– Преговаравме со Вецлар и порано да го доведеме Кузмановски, но сега беше вистинскиот момент. Му благадарам на Филип што ја одбра нашата од многубројните понуди. Знаеме што значи за нас како клуб и за нашиот град неговото враќање. Со него имаме уште појака македонска структура во тимот и сигурно ќе ни биде од голема корист – се зборовите на Ангеловски.