Куса историја на македонскиот политички (не)морал

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Во својата 30-годишна демократска историја, Република Северна Македонија има релативно кусо, но значајна историја на дадени и понудени политички оставки. Кога ќе се види таа листа на функционери – сѐ до последниве од минатиот петок – прилично јасно се конституира „дијаграмот“ на (не)моралните подеми и падови кај главните политички формации во државава, од што секој може да си донесе свој заклучок.

Имено, историјата на оставките од морални причини во државава започна со онаа на Антони Пешев во ноември 1993 година, кога тој си поднесе оставка по двете авионски катастрофи, во март во близина на Охридскиот аеродром и во ноември на Скопскиот аеродром. Во октомври 1995 година, по неуспешниот атентат врз Киро Глигоров, оставка понуди, но не му беше прифатена, министерот за внатрешни работи Љубомир Фрчковски, а потоа следуваше Ѓунер Исмаил во 1996 година, тогашен министер-портпарол на владата, кој, по повод смената на мојата маленкост од директор на МТВ, се повлече од владата на Црвенковски изразувајќи остро и принципиелно „несогласување со директното вмешување на Владата во уредувачката политика на МРТВ“.

Во ноември 2004 година Хари Костов демонстративно, по само 5 месеци на должност, се повлече од премиерската функција, наведувајќи дека „во Владата не постои волја за тимска работа и за економски развој како приоритет“, констатирајќи дека во ДУИ расте корупцијата и непотизмот како нивен главен политички приоритет.

И секретарот на Владата, Драги Рашковски, си даде оставка во април годинава, под притисок на јавноста, поради наводните службени злоупотреби што ги направил, чија истрага е во тек.

Конечно, пред понудената оставка на Венко Филипче некни, како министер за здравство и потпретседател на партијата, списокот на СДСМ се „затвора“ со поднесената политичка оставка на Зоран Заев во јануари 2020, вешто отворајќи пат за формирање на техничка влада и нови предвремени парламентарни избори во државата.

Во партиската владејачка историја на нивните политички опоненти, ВМРО-ДПМНЕ, пак, има само еден (групен) настан со оставки, чија врска со моралот е далеку попроблематична од ургентноста на политичкиот опортунитет: оставките на Гордана Јанкуловска, Сашо Мијалков и Миле Јанакиевски во мај 2015 година по безбедносниот дебакл во кумановско „Диво насеље“ (да не заборавиме, таму животот го загубија 8 македонски специјалци, а дури 37 беа ранети и повредени) и по многу-месечните кумулативни ефекти на скандалите со „бомбите“, „Случајот Мартин Нешковски“ и масовните граѓански протести – па и тогаш, оставките на Јанкуловска и Мијалков симптоматично и експресно следуваа после интервенцијата на Американската амбасада во Скопје, а за инспирацијата, организацијата и последиците од кумановската трагедија ни до ден денеска не е поведена суштинска истрага.

Од тие настани ни остануваат само зборовите на Мијалков од неговата оставка: „Во интерес на Македонија, гледајќи дека доколку го направам ова ќе помогнам во надминување на политичката криза, која ја наметна опозицијата со своето недржавничко однесување, а свесен дека вистината и аргументите се на наша страна и дека сето тоа со тек на време ќе станува уште појасно“… Така и бидна, работите од таа “политичка криза“ станаа многу појасни, дури и кристално јасни со серијата првостепени и конечни судски пресуди, во кои се потврдија „вистинта и аргументите“ за владеењето на екипата на Груевски (минус дебаклот од „Диво насеље“).

Навистина, Миле Јанакиески, како надлежен министер понуди оставка до Груевски во 2011 година, која не беше прифатена, по трагедијата со загинувањето на 15 бугарски туристи на Охридското Езеро. Но, оставки, и покрај големите реакции во политичката и општата јавност, не понудија ни министерот за здравство Никола Тодоров во 2015 поради бирократскиот кошмар во неговиот ресор и смртта на малата Тамара Димовска; ни градоначалникот на Скопје Коце Трајановски поради поплавите во Стајковци во 2016 (со 22 трагично загинати); ни Лазе Еленовски по падот на армискиот хеликоптер во 2008 (со 12 загинати припадници на АРМ)… Па, ни тогашниот заменик министер за труд и социјална политика Диме Спасов не се сети самиот да се повлече од функцијата во октомври 2016, по оној бизарен след на предизвикани сообраќајки, бегања од полицијата, лажни сведочења и други неморални спекти на таа политичка комедија.

Се разбира, никој од ВМРО-ДПМНЕ не поднесе ни морални, ни политички одставки во и за воениот конфликт и поради неговите причини и последици во 2001 година.

Во историјатот на македонските оставки – покрај рецентните на Илир Хасани, заменикот министер за здравство, и двајцата директори на Тетовската болница – уште се бележи и онаа на Агрон Буџаку, тогашниот потпретседател на ДУИ, кој самиот во декември 2004 година одби повторно да биде министер и во новата влада на Бучковски, по премиерската оставка на Костов, кога своето повлекување го образложи со зборовите дека се работи за „бескрупулозна кампања на бившиот премиер Хари Костов поддржана од медиумите на македонски јазик“ што „создаде една ситуација во која јас станав објект на напади и деградирање“ (во врска со аферата „Парцела на плоштадот Македонија“), како и за да овозможи „на органите на правдата да ја осветлат до крај вистината, за да не се кријам преку формалниот имунитет како член на влада, за да ги ослободам од монтираната хипотека посебно членовите на извршната власт на ДУИ и воопшто ДУИ како партија“. Патем, барања за оставка на Буџаку, како министер за транспорт и врски, се спомнуваа и по трагедијата кај Мостарскиот аеродром со авионот на претседателот Трајковски, во која загинаа тој и уште осум сопатници, но ни министерот, ниту некој друг висок службеник на државата, тогаш се повлекоа од функција.

Последна што треба да се спомне од списокот на оставки е онаа на пратеникот Павле Богоевски во мај 2019 година кога тој покажа доблест да си замине од Собранието и владејачката коалиција на СДСМ, поради компромитирачка снимка од телефонски разговор во такси.

Тоа е, отприлика, тоа. Колку да имаме историски, морално-политички репер околу тоа кој со каков политички кредибилитет – и за што – денеска повикува и прозива на оставки.

Но, оваа хронологија треба да е упатна и за премиерот Заев во носењето на деликатната одлука дали ќе ја прифати понудената оставка на Филипче. Не се работи само за „уште една ставка“ во историјата на македонските функционерски демисии, бидејќи локалните избори веќе во октомври ќе ја дадат севкупната оценка (и) за оваа постапка на Заев. Бидејќи, во демократиите, јавноста има еден навистина „убиствен“ куршум: денот кога го дава својот глас на избори.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот