Курти: Нема да предизвикаме Трета светска војна за обединување на Косово и Албанија

Победникот на предвремените парламентарни избори во Косово, одржани на шести октомври, Албин Курти, во емисијата „Real Story” на тиранската телевизија „Њуз 24″ зборувајќи за идејата за национално обединување објавена од Движењето „Самоопределување”, чиј лидер е, изјави дека Албанија и Косово нема да предизвикаат Трета светска војна за да се обединат.

Курти истакна дека обединувањето ќе дојде со процедурални чекори, додавајќи дека „Самоопределување” продолжува да се спротивставува на членот на Уставот на Косово, во кој се вели дека Косово не може да се припои кон ниту една друга држава.

– Рековме дека откако ќе дојдеме на власт ќе се бориме против корупцијата, ќе бидеме во рамките на што подобри институции на Република Косово. Ние продолжуваме да го критикуваме членот 1.3 од Уставот на Република Косово, каде не е дозволено обединување со Албанија. Ние не сакаме да предизвикаме Трета светска војна за обединување со Албанија. Оваа работа ќе дојде со време. Националното обединување и ЕУ не се исклучуваат една со друга. Верувам дека обединети Албанија и Косово се во полза и за ЕУ. Албанците историски се поделени, во Отоманската империја, во поранешна Југославија, сега дојде време да се обединат во конструкцијата на Европската унија, рече Курти.

Тој ги обвини косовските политичари дека не зборувале со еден глас и тоа овозможило Србија да влезе во Косово.

– Ние мора да бидеме заедно против Србија. Јас не сум против дијалогот во принцип, но јас сум против дијалогот без принципи. Дијалог да пред изборите во Србија, но мора да се постигне договор навреме зашто имаме отворени проблеми. Ние се спротивставуваме на лошите договори. Верувам дека со Србија треба да се разговара од долгот кон Косово до признавањето на Косово со изменување и дополнување на Уставот на Србија. Во Уставот на Србија стои дека Косово е дел од Србија што е апсурдно, смета тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот