Крушево гледа спас во проектот „Дома си е дома”

Крушево/ Фото: МИА

Крушево, мерката на странските туристи и на светските параглајдеристи и чувар на историјата, смета дека најголемите надежи за, колку-толку, спас на туристичката сезона е владиниот пакет „Дома си е дома”.

Преку 70 приватни издавачи на соби кои нудат повеќе од 600 легла и, уште хотелски капацитети и едно одморалиште со околу 400 легла, вкупно преку 1 000 легла,  ги обновија решенијата за категоризација и сега очекуваат владини препораки и мерки за работа и пречек на домашните туристи. Од денеска до крајот на месецов угостителите треба да се пријавуваат на платформата на Министерството за економија за користење ваучери за туризам.

Мери Чавкароска, претседател на здружението за угостителство и туризам од Крушево вели дека совреме, преку локалната самоуправа, се врши категоризацијата и обновата на решенијата, ама се чекаат владини препораки и насоки како да постапуваат.

– Очекуваме официјални протоколи. Стигна известувањето да се пријавуваме преку Министерството за економија доколку сакаме да ја користиме кампањата „Дома си е дома”. Договараме на неколку групи да имаме состанок со приватните издавачи на легла, зашто сите не користат интернет за да се координираме како понатаму. Убаво ќе биде да состават некоја комисија да се помине по објектите, да се обучат издавачите на легла како да се применат мерките, што да се применува, како да се дезинфицира по заминувањето на гостите. Сега ние дезинфициравме како што знаеме и умееме. Мора да се дезинфицираат сите јоги, постелнините да се перат. Значи, очекуваме некои препораки од Владата и од Министерството за здравство, изјави Чавкароска.

Сотир Габелоски од крушевската локална самоуправа вели дека постапката за категоризацијата привршува и дека ќе има промоција на мерките. Тоа е спас за крушевскиот туризам. освен тоа ќе се промовира и градот како историско нааследство и туристичка атракција, сето во склад со мерките за заштита.

– Најголемиот дел на оние на кои им беше истечен рокот на важење на решението, поднесоа барање и ги презедоа сите чекори. Имаме и неколку нови приватни издавачи на легла што е позитивно. Очигледно дека граѓаните и луѓето во угостителството гледаат некоја иднина во туризмот. Процесот тече непречено и очекуваме да го завршиме што поскоро. Сега настојуваме да се трудиме што повеќе да го промовираме овој пакет наречен „Дома си е дома” за да може што повеќе од угостителите да го искористат ова што се нуди. За да заживее Крушево и штом дозволи ситуацијата, час поскоро да може да примаме туристи, вели Габелоски.

Чавкароска нагласува дека штетите досега се големи зашто оваа летна сезона нема да стигнат преку 2000 странски туристи, главно светски параглајдеристи. Ова е надеж да се преживее.

– Со мерките се надеваме нешто да биде оваа туристичка сезона со домашните гости, зашто нема никакви можности да очекуваме туристи од странство. Се надеваме дека некако ќе се преживее. Конкретно, јас и сопругот живееме од туризам. Па ќе видиме. Инаку, досега е многу лошо. Постои надеж. Услугата треба да биде добра да се користат мерките, објаснува Чавкароска.

Инаку, за да се користат ваучерите, во Македонија се смета на преку 4 200 угостителски објекти за сместување и близу 4 000 издавачи на приватно сместување. Според информациите, вкупно ќе бидат издадени 117 122 ваучери за домашен туризам.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот