„Крпење и лепење на дупка што се шири“: Димитров за влегувањето на АА во власта

„Алијанса на Албанците и без влегувањето најавува дека би гласала за уставните амандмани, што значи дека доколку овој чекор се случи, не прави разлика во таа смисла“, рече поранешниот вицепремиер и министер за надворешни работи Никола Димитров во вечерашното гостување на Тв „Сител“.
Димитров смета дека Владата, во немоќ да испорача вистински реформски чекори, се обидува да избега од одржување предвремени парламентарни избори, со оглед на бројките и анкетите кои се многу лоши.
„Мислам дека повеќе се работи за крпење и лепење на една дупка која што станува се поочигледна и поширока, а што анкетите ја покажуваат а тоа е дека за жал се изневерија надежите и вредностите на Шарената револуција. Имаме еден многу лош исход од овој проблем и маките со Бугарија, и има една немоќ да се испорачаат вистински реформски чекори дома. И затоа ова не може да биде ништо друго, освен обезбедување на уште некое време за да не се оди на избори брзо, туку да се оди на избори идната пролет за да се зголеми мнозинството бидејќи бројките и анкетите се многу лоши, да се купи уште некое време, за жал за поприлично спорно владеење и тоа го гледаме“, рече Димитров.