Кристенсен: Не би рекол дека Англија е многу подобра од нас
Фудбалерот на Челси и дански репрезентативец Андреас Кристенсен верува дека неговиот тим може да ја запре Англија и нивната прва sвезда Хари Кејн во полуфиналето на Европското првенство.
25-годишниот фудбалер верува дека неговото играње во Премиер лигата може да биде од голема корист на претстојниот дуел, а како адут за Данците го посочува и Пјер Емил Хојбјерг, кој е соиграч на Кејн во тимот на Тотенхем.
– Ние ги знаеме неговите квалитети и сите имаме идеи како да го спречиме. Хојбјерг исто така знае многу работи за него, сите фудбалери имаат некои свои навики и ние треба да го искористиме максимумот од тоа – рече Кристенсен.
Кејн постигна гол против Германија во осминафиналето, а стрелаше и двапати во четвртфиналната победа над Украина од 4:0, и тој сигурно ќе претставува голем предизвик за данските фудбалери.
ВИДЕО: Италија и Шпанија во најголемото ривалство на Европските првенства
– Тој е одличен техничар, еден од најдобрите фудбалери во светот. Тешко може да го следите, има голем квалитет во нозете, па затоа е многу тешко да му се пријде. Но, мислам дека ние имаме квалитет да играме против секого, со тимски квалитет. Не би рекол дека тие се многу подобри од нас – додава Кристенсен.
Натпреварот помеѓу Данска и Англија ќе се игра во среда (7 јули) од 21.00 часот, на стадионот „Вембли“ во Лондон пред 60.000 гледачи, а данските навивачи нема да можат да патуваат во Англија поради сегашните ограничувања поради ситуацијата со ковид-19.