ВИДЕО: Италија и Шпанија во најголемото ривалство на Европските првенства
Фудбалските репрезентации на Италија и Шпанија во вторник (6 јули, 21.00 часот) на „Вембли“ ќе се сретнат во полуфиналето на Европското првенство, што ќе биде седми дуел помеѓу овие селекции на континенталните шампионати. Главен судија на утрешната средба во Лондон ќе биде Германецот Феликс Брих.
Италија игра фантастично и со Англија според досегашните прикажани игри се меѓу главните фаворити за титулата, додека Шпанија играше нешто послабо, но успеа да влезе меѓу четирите најдобри во Европа.
Првиот натпревар помеѓу Италија и Шпанија се одигра во 1980 година, кога се сретнаа во групната фаза и одиграа без голови. Осум години подоцна тие повторно играа во групната фаза, а Италијанците славеа со 2:0, за потоа да чекаат 20 години до следниот меѓусебен меч.
Тогаш играа четвртфинале и натпреварот заврши 0:0, па се дојде до пеналите каде Даниеле де Роси и Антонио ди Натале беа трагичари, а Шпанците подоцна ја освоија титулата. Кога Шпанија ја освои титулата вторпат по ред четири години подоцна, тие играа двапати со Италија. Прво, мечот во групата заврши 1:1, а потоа во големото финале го декласираа ривалот со 4:0, со головите на Давид Силва, Жорди Алба, Фернандо Торес и Хуан Мата.
Италијанската селекција возврати во 2016 година во осминафиналето кога триумфираше со головите на Џорџо Кјелини и Грацијано Пеле.
Тимот на Роберт Манчини сега е фаворит и ќе се обиде да се одмазди за финалето во 2012 година, и да ја освои првата титула од 1968 година.
Венгер откри кој е „супер-фаворит“ за освојување на Европското првенство