Креативно студио со „Ембројдери.хенд.мејд“: Љубовта кон везењето почна на мои 15 години, а ја наследив од баба ми

Фото: Приватна архива

„Во моето долгогодишно искуство успеав да изработам и црковна одежда за владика, која ја изработував скоро една година и која ме поттикна со гордост да продолжам понатака да изработувам, креирам и реализирам нови рачни везени изработки“, вели Елизабета.

Везењето е стара техника со долга историја длабоко вкоренета и во нашата традиција. Македонската везбена уметност е препознатлива, особено поради уникатните и шаренолики украси на македонските носии. Но, везењето е една од оние техники користена и во современиот моден дизајн за луксузните модни креации од високата мода.

Везењето е вештина за која е потребна креативност, трпение и прецизност, а најчесто се пренесува од генерација на генерација. Таква е приказната и на Елизабета Маркова од Кичево, која изработува везени рачни изработки на ѓерѓеф.

Љубовта кон везењето ѝ ја пренела нејзината баба уште од тинејџерските години, а неодамна се инспирирала заедно со ќерката да го почне својот мал бизнис за рачни изработки „Ембројдери.хенд.мејд“.

Елизабета, кога Ви се роди љубовта кон везењето? Како дојдовте до идејата да почнете да изработување везови на ѓерѓеф?

– Љубовта кон везењето почна од моите 15 години, таа љубов ја наследив од мојата сега покојна баба, која исто така везеше, плетеше и од која ги наследив сите уметнички вештини. Порасната сум во таква средина, гледајќи ја неа, таа секогаш со многу љубов ми покажуваше по некоја техника на везење и ме насочуваше како да ја практикувам и одржувам.
Везовите на ѓерѓеф почнав да ги изработувам неодамна и ми претставуваат емоционално исполнување и одмор од динамиката на секојдневието што понекогаш знае да биде многу тензично. Па, така, барајќи да внесам креативни и позитивни нешта во тоа секојдневие дојдов до идеја да ја модернизирам и да ја оживеам вештината што долго време ја работев, но сето тоа да биде на помодерен начин.

Фото: Приватна архива

Дали може да ни раскажете како изгледа процесот на изработка на еден вез и кои материјали ги користите?

– Везењето е вештина, процесот е деликатен, бара присутност, фокусираност трпение и време. Процесот на изработка на еден вез трае во зависност од големината и сложеноста на нарачаната изработка.
Најпрво се избира димензијата на ѓерѓефот, која големина ќе биде везот, се прави шемата според дизајнот, некогаш тоа може да биде и рачно, се пресликува на платното, се бираат бои на конци и потоа е спремно да се везе.
До реализација на финален производ се доаѓа со одбирање и купување материјали што соодветствуваат на дизајнот што клиентите го избираат или јас им го препорачувам. Најчесто ги изработувам на памучно платно и сатен.

Фото: Приватна архива

Вашите изработки се уникатни и прецизно изработени. Од каде црпите инспирација за дизајнот на везовите и дали прифаќате сугестии од клиентите?

– Ви благодарам што Ви се допаѓаат моите креации и изработки. Да, идеите ги црпам понекогаш од самата себе, а најмногу од моите клиенти. Соработуваме и се консултирам со нив на најможен отворен начин. Досега може да кажам дека имам доста задоволни клиенти, пофални зборови, убави желби за да продолжам понатака со изработката и мојата креативност. Моите рачни изработки одат и надвор од Македонија и чувството е многу поубаво кога стоплувам многу срца, исполнети желби и замисли, затоа што ова останува како еден траен спомен за нивните среќни моменти.

Фото: Приватна архива

Со која рачна изработка особено се гордеете? И кој дизајн Ви одземал најмногу време при изработката?

– И покрај техниката на изработка на ѓерѓеф, изработуваме и извезени апликации на облека, како и маички со лого. Во моето долгогодишно искуство успеав да изработам и црковна одежда за владика, која ја изработував речиси една година и која ме поттикна со гордост да продолжам понатака да изработувам, креирам и реализирам нови рачни везени изработки. Од готовите изработки досега, се гордеам со сите затоа што скоро сите се персонализирани, означуваат нечиј важен датум или имаат некоја приказна во нив.

Фото: Приватна архива

Дали постои некоја креативна техника што би сакале да ја усовршите и практикувате во иднина?

– Да, секако, отсекогаш ми привлекувало внимание филигранството, особено изработката на филигран со срма. Во зависност од слободното време би сакала да ја усовршам таа техника.

Фото: Приватна архива

Според Вашето искуство, колку рачните изработки се ценети кај нас? И дали може да се живее од креативна работа?

– Во странство, рачната изработка се цени многу, но кај нас во Македонија, мислам дека не придаваат доволно значење колку труд, време и љубов се посветува на рачната изработка.

Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива

Елизабета ќе им подари две везени изработки на двајца читатели на „Слободен печат“.

Доколку ви се допадна нејзината приказна и сакате да добиете уникатна везена изработка, пријавете се на имејл-адресата [email protected], со назнака „За подарок“, каде што ќе ни ги пратите вашите лични податоци – име, презиме, телефонски број и адреса на живеење.

Со среќа!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот