Креативниот пијанист Франческо Тристано ќе настапи со оркестарот на Филхармонијата

Оркестарот на Филхармонија на 5 ноември ќе го одржи симфонискиот концерт „Кругови“, на кој како солист ќе настапи креативниот пијанист Франческо Тристано од Луксембург. Диригент е Џијан Емин, а на програмата се Концерт за пијано бр. 1 во де-мол од Бах, 4 фрагменти од „Пијано кругови“ за пијано и гудачи од Франческо Тристано и Фантазија на тема од Томас Талис од Вилијамс.

Франческо Тристано (Луксембург, 1981) е пијанист, композитор и продуцент кој прави фузија меѓу класичната и електронската музика. Посебен афинитет има кон творештвото на Јохан Себастијан Бах и го реализира својот амбициозен проект да ги сними и да ги издаде сите негови дела. Уште додека студира на „Џулијард“, Франческо Тристано покажува посебен анфинитет кон творештвто на барокниот маг Јохан Себастијан Бах: ги свири и ги снима концертите на овој исклучителен композитор, како и „Голдберг варијации“. Кратко време потоа, тој потпишува договор со француската издавачка куќа „Инфините“ под чија етикета ги издава првите албуми за електроника и пијано, инспириран од технокреациите на Џеф Милс и Дерик Меј.

Неговата кариера добива поширок интернационален контекст во 2011 година, кога потпишува договор со „Дојче грамофон“, под чија етикета снима три албуми. Првиот е „Бах/Кејџ“, во кој прави сонично истражување на врската меѓу музиката на Јохан Себастијан Бах и Џон Кејџ, иако се оддалечени три века еден од друг. Во овој албум, Тристано ги акцентира значењето на емоцијата и потрагата по нестандардни текстури.

Една година подоцна, повторно му се враќа на Бах преку албумот „Long Walk“ (2012), во кој се инспирира од анегдотата за младиот композитор (Ј.С. Бах), кој одел пеш 300 килметри за да го запознае данскиот органист и композитор Дитрих Бухстехуде. На албумот тој свири четири заборавени композиции на Бухстехуде, што се изведуваат првпат од нивното создавање. На третиот албум „Скандал“ (2014), свири дела од Равел, Римски-Корсаков и Стравински напишани за балети. На овој албум го свири и неговото дело „A Soft Shell Groove“, во кое обединува два момента кога музиката за танц станува авангарда – европскиот модернизам во почетокот на 20 век и раѓањето на техното во 1980 година во Детроит. Во неговиот последен албум „Tokyo Stories“ (2019), тој прави омаж на јапонската култура.

Џијан Емин е хорнист, композитор и диригент. Џијан Емин застана зад пултот со Македонската филхармонија во повеќе значајни проекти во изминатите неколку години, во дел од нив и како оркестратор, силно привлекувајќи го вниманието на јавноста. Тоа се концертите „Скопје за Боуви“ и „Пинк флојд“ во Градскиот парк во Скопје на манифестацијата „Види музика, слушни слика, добиј книга“, музичко-сценскиот спектакл „Музика универзалис“ во охридскиот Антички театар со еден од пионерите на детроитската техносцена Дерик Меј, проект со кој го прошета светот (САД, Австралија, Франција…).

Освен неговите активности во класичната и во електронската музика, тој работи и како активен член на бендовите „Проект жлуст“, „Д.Н.О.“, квартетот на Георги Шаревски, „Скопје конекшн“, реализирал многу проекти со „Архангел“, соработувал со Бодан Арсовски, Тони Китановски, Кирил Џајковски, „Фолтин“, Никола Коџабашија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот