Костовски вели дека бил наивен и оставил да се случи голем криминал

Костовски не се амнестираше од одговорноста и рече дека е виновен што како претседател на Надзорниот одбор не ја следел состојбата со кредитното портфолио.

Народната банка ги преземала сите редовни и вонредни мерки за да ја спаси Еуростандард банка од пропаѓање, тврди гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, додека најголемиот сопственик во Еуростандард, Трифун Костовски, вели дека со стечајот е направен обид да се скрие криминалот, а тој е виновен што бил наивен и што слепо му верувал на поранешниот претседател на Управен одбор, Николче Петкоски.

Ангеловска-Бежовска, Костовски, пратеници, гости и медиуми, присуствуваат на Надзорната расправа која е во тек во Собранието, на тема „Утврдување на причините и извршувањето на законите во постапката за доведување до стечај на Еуростандард банка“.

Спроведени 70 супервизиски контроли

 

Според гувернерката Ангеловска-Бежоска, Народната банка во последните 8 години спровела 70 супервизиски мерки, од кои само во последните 2 години 40, но дека на нив соодветно не одговориле сопствениците на Еуростандард банка.

– Одземањето на дозволата е најтешка одлука за една централна банка. Претходно ги исцрпевме сите можности – рече гувернерката.

Таа објасни дека банката лани сѐ уште била солвентна и дека побарале од сопствениците чистење на портфолиото, како и поголеми резервации.

– Со вонтеренско следење на почетокот на минатата година, супервизорските тимови утврдија повисок износ на неприкажани резервации, што резултираше банката за првпат да стане под капитализирано ниво, но не на ниво за одземање на дозвола, значи таа се уште беше солвентна. Изрековме мерки, така што сопствениците се обврзаа на признавање загуби на товар на капиталот, или таканаречено чистење на кредитно портфолио, и уште поважно докапитализација заради одржување на потребно ниво на капитал и утврдивме потреба од уште поголеми резервации. Во ноември минатата година сопствениците уплатија 10 милиони евра, со што ги исполнија минималните законски барања и се обврзаа за понатамошна докапитализација, но тоа годинава не се случи и банката станаа несолвентна – рече Ангеловска-Бежоска.

Таа објасни и дека Народната банка била известена во јули од страна на Еуростандард дека имала заинтересиран инвеститор и дека со тој инвеститор, таа лично, како и претставниците од централната банка имале повеќе средби, но крајниот исход бил изјавата на инвеститорот дека го нема доволниот износ за докапитализација на Банката.

Парите, како и полжавот, имаат трага

 

Најголемиот акционер во Еуростандард банка, Трифун Костовски, не се согласи со изјавата на гувернерката дека е направено сѐ банката да не отиде во стечај.

– Минатиот март состојбата беше 10 пати полоша отколку сега во август – возврати Костовски.

Според него, станува збор за организиран криминал, што почнал не пред 1 година, туку многу порано.

– Падот на адекватноста на капиталот кој беше на крајот од март 6,55 е поради вонредната ситуација со која со сила на закон ни беше наметната забрана за присилна наплата. Ние секој месец имавме 2,5-3 милиони евра на тој начин. Вонредната ситуација траеше 97 дена. Со претходна забрана да работиме со физички и правни лица, сето водеше кон влошување на состојбата на кредитното портфолио – рече Костовски.

Тој потсети дека со една уредба бил оневозможен стечај 3 месеци по укинување на вонредната состојба, а на 29 мај таа уредба била укината и потоа Еуростандард банка отишла во стечај.

– Се работи за големи пари и за голем криминал. Парите, како и полжавот, имаат трага. Со стечајот, парите се обидуваат да се скријат. Ако сакате сите заедно да учествувате во тој криминал, повелете – рече Костовски.

Костовски не се амнестираше од одговорноста и рече дека е виновен што како претседател на Надзорниот одбор не ја следел состојбата со кредитното портфолио.

– Бевме излажани како членови на Управниот одбор, затоа што на челото имавме човек што ни кафе не пие, што го сметавме без ниту една дамка, но тоа не било така – рече Костовски.

Тој многу бурно реагираше на прашањето дали знаел за пласмани во фирми блиски до СДСМ.

– За мене нема СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ. Јас сакам под едно знаме мирно да живеам овде. Немојте овде пред мене да ги изнесувате тие ваши препукувања – извика Костовски.

На Надзорната расправа Ангеловска-Бежоска доби прашање како 29 фирми од Струмичко не платиле рати од 12,8 милиони евра, а таа се обврза писмено да одговори.

Јавниот обвинител Љубомир Јовевски, пак, пред присутните презентираше многубројни предмети кои се отворени за случајот „Еуростандард“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот