Корисни пораки за личен развој и поддршка на учениците за време на ковид 19

Жалам што како генерација на деца во оваа учебна година, имавте судбина својот прв училишен ден да го започнете со доцнење, а еве и сега можеби и нема да ја завршите на 10 јуни.

Не сте само вие, туку повеќе од 300 милиони ученици во светот се надвор од образовниот процес кои се затворени поради пандемската здравствена криза предизвикана со ковид 19.

Драги мои, светот досега никогаш не бил во ваква ситуација, во вакви околности и со вакви предизвици. Вирусот за жал се уште се шири низ многу земји, а светот води војна со невидлив непријател кој однесе многу животи и донесе многу страв низ целото човештво. Ни претстои потешка борба во следниов период. Но, Вам ви се обраќам со неколку пораки со кои би сакала да ви препорачам :

* Следете ги сите укажувања и почитувајте ги сите мерки и совети и останете дома.

За некое време ќе бидете многу горди на себе си како со заедничка соработка со возрасните и помагате на својата земја сите заедно да излеземе безбедни,здрави и мудри.

*.И вие како генерација имате огромна улога во совладувањето и надминувањето на овој светски здравствен предизвик. Остани дома! Социјалното и физичко дистанцирање ќе го направите со тоа што совесно и одговорно ќе ги изработувате своите домашни задачи следејќи ја инструкцијата од своите наставници кои многу макотрпно се посветени во секојдневното изработување онлајн лекции и платформи за да ви олеснат во изучувањето на наставните содржини.

*На некои од вас можеби ќе им биде досадно други пак, ќе бидат загрижени, анксиозни, исплашени од тоа какви промени се случуваат секој миг, секој ден, секоја недела. Важно е да ја прифатите реалноста,да се адаптирате и да се приспособите. Секогаш во таква ситуација барајте помош и разговарајте со своите најблиски и со луѓе на кои им верувате.

*Ве охрабрувам, ве потикнувам и мотивирам да си бидете соспствена подршка, подршка на своето семејство, на другарчињата, на наставниците и на вашата заедница во следните неколку недели, месеци. Остани дома!

*Останете одговорни и информирани, следете ги инструкциите и укажувањата само од потврдени авторитети, Министерство за здравство, Центарот на јавно здравје, Светска здравствена организација и Министерството за образование.

*Бидете критични и препознајте fake news, сензационалистички вести кои можат да ви создадат лажна слика за состојбата кај нас и во светот и да ви предизвикаат вознемиреност, страв од апокалиптични исходи од ситуацијата.

* Одморете малку од времето поминато на ТВ и социјалните медиуми за да не бидете изложени на премногу информации за состојбите со короната. Побарајте помош за разбирање на некои информации од вашите родители, наставници или некое возрасно лице кому му верувате. Не се изложувајте и не губете време на некои непотребни и ранливи, непроверени информации за вашата возраст. Запаметете и верувајте дека државата со својата влада ги прави сите напори да се обезбеди сигурност и заштита на населението. Во вакви услови треба сите да се поддржуваме.

*Бидете љубезни и грижете се и за другите околу вас. Ниедна личност, ниедна група на луѓе не е виновна за присутноста на вирусот кај нас. Да се прават негативни коментари за другите кои го добиле вирусот не е од помош ниту е човечки. Доколку некој од ваши блиски се разболеле едноставно е лоша среќа и потребна им е помош.

*Воведете и креирајте нова рутина и распоред на секојдневното живеење и активности дома. Престојот дома во наредните недели или месеци е нова оконост. Затоа направете активностите предвидливи на дневна основа. Помогни си себе си и направи си свој Дневен план секоја вечер за еден ден однапред. Запази го својот дневен училишен распоред и тоа нека ти биде нека водич.

*Разговарајте со своите родители и одредеде си сатници и време за доручек, ручек….туширање, време за компјутер, време за домашна помош, местење на својата соба и одржување на местото во хигиенски услови. Задолжете го секој член од семејството и определете си кој за што ќе биде одговорен. Овие денови се одлична можност да се креираати, надополнуваат домашните правила. Во овој дневен план точно определете колку ви треба време за спиење. Оставете ги вашиот мобилен телефон или лаптоп надвор од собата во која спиете. Одредете која здрава храна ќе ја конзумирате, кои здрави навики ќе ги воспоставите, колку течности ќе земате во текот на денот и кои вежби можете да ги правите во домашни услови. Грижата за личната хигиена и чистење на сопствената соба нека бидат дневна рутина. Определете си во кои домашни обврски сакате да учествувате. Реконекција со семејството е одлична позитивна придобивка од оваа изолација, а помошта на вашето помало братче или сестриче во пишувањето домашни задачи е исклучително корисна работа.

*Со помош на родителите истражи го семејното стебло, разговарај или интервјуирај ги постарите членови од семејството за животот во нивното време. Сега е време да ја напишете и вашата семејна визија, кои се вредностите на вашето семејство, што очекувате и кои успеси си ги посакувате, кои се вашите цели, планови и најважно од се, како ќе ги постигнете? Колку време ќе ви треба?

*Физичкото и социјално дистанцирање на сите нас ни паѓа тешко. Прави интересни фотографии од вашето секојдневие дома со својот мобилен телефон. Запишувај ги искуствата што си ги имал во текот на денот. Направи албум за спомени на едно време , време на корона, а после 10-15 години ќе биде интересно да се потсетиш на сите овие мигови. Напиши некое писмо некому и дај му го по завршувањето на оваа здравствена коронавирус криза.

*Нека обврските со онлајн наставата ти бидат редовна рутина и сфати ги сериозно како да си секој ден физички присутен на училиште.

*Секоја задача заврши ја најдобро што можеш.

*Ако нешто не разбираш прашувај, истражувај, учи нови поими и терминологија. Секојдневно проверувај мејл, одговори ако од тебе се бара, редовно следи ги инструкциите од наставниците, следи го веб сајтот на училиштето и платформата на онлајн настава на МОН.

*Прашувај, размислувај, анализирај и учи. Секој ден по завршувањето на онлајн наставата постави си го прашањето што научив денес? Зошто ова ќе ми користи? Зошто го учам ова? Што не ми беше јасно? Што би сакал да научам повеќе за …?

*Запамти тешко е да се мотивираш себе си особено во ваква вонредна ситуација во домашни услови 24 часа овие три недели и можеби наредни шест недели.

*Остани фокусиран на училишните цели и размислувај за себе, сега е вистинското време да размислуваш за себе. Прашај се : Дали се сакам ваков каков сум? Што би сакал да променам кај себе си? Каква личност сакам да бидам за една година од сега? Од која навика сакам да се откажам?Каков другар сум? Кои карактеристики ги ценам кај луѓето? Која е мојата цел? Што сакам да бидам? Како ќе го постигнам тоа? Кој може да ми помогне?

*Остани позитивен и смирен, овие следни недели можеби ќе имаш различни емоции, можеби и нереални, можеби ќе се чувствуваш анксиозен, исплашен, лут, шокиран, можеби и нема да чувствуваш ништо. Сите овие емоции се многу нормални да се имаат во ова време на непријатни вести,на болни и починати како резултат на пандемијата со ковид 19.

Не е ниту добро ниту лошо да се чувствуваш така и ако твоите чувства се различни од оние на родителите дома, на другарчињата, на пријателите, разбери дека сите ние различно реагираме на иста ситуација. Ти можеш да си помогнеш ако разговраш со твоите родители за чувствата, да споделиш мислите исто така може многу да помогне.

*Ако постојано слушаш вести, нови статистики и бројки за разболени, починати во земјата и светот може негативно да влијаат на твоето расположение и ментално здравје. Ковид 19 ќе помине и животот треба да продолжи  Прави нешто што ти предизвикува радост. Размислувај за нешто што ти предизвикува убави чувства, слушај добра музика, визуелизирај најубави глетки и најсреќни спомени од твојот живот и запамети позитивната мисла и смеењето се најдобриот лек за се.

А, ова сето ќе помине, мора да помине, затоа што животот е циклус, се тече се се менува, па и ние.Од ова да излеземе побогати со едни нови искуства и да ги цениме сите придобивки што ги имаме,да ги сакаме другите и дека најважно од се е семејството, здравјето, пријателите и љубовта.

 

Авторот е едукатор и мотиватор за деца и млади и директор на ООУ „Гоце Делчев”-Центар

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот